Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата.
СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (10)
На 29 септември 1995 година се роди внук ми, кому му го дадоа моето име. Значи, во семејството ни дојде новиот малечок Стојан Андов. Пет-шест дена сѐ беше во ред. Си дојде мајка му со детето дома и бидејќи ѝ беше првороденче – постарите ја подучуваа за грижата. Покрај сите тие помагања, бебето нешто се разболе и мораа итно да го однесат во Детската болница во Козле. Тоа се случи околу 10 октомври. Вториот ден, кога детето веќе закрепнало, кога тргнав од канцеларијата, реков да појдам во болницата да го видам. Кога му реков така на возачот, шефот на моето лично обезбедување, Даме Димитровски, се обиде да ме наговори да не одам во болницата туку да си појдам право дома. Тој не успеа да ме наговори, ама остана малку нерасположен. Кога стигнав во болницата, појдов кон собата каде што беа сместени бебето и мајка му, гледам на вратата двајца полицајци во униформи и еден од помладите членови на моето обезбедување. Кај Валентина, мајката на бебето, во тој момент беше и директорката на болницата. Кога дојдов сите малку се збунија, а потоа Даме ме тргна малку настрана и ми објасни. Во болницата некој се јавил и се заканил дека 10-дневното бебе, внукот на Стојан Андов, ќе го киднапира. Директорката веднаш се јавила во полициска станица, а оттаму ги пратиле полицајците во болницата, а му јавиле и на Даме за целиот случај, па тој го испратил во болницата помладиот член од моето лично обезбедување.
Навистина се изнервирав и бев налутен. Си велев, какви се овие луѓе што се служат со вакви методи? Тој ден, час или час и половина пред моето тргнување за болницата, ми заврши првата седница на Советот за национална безбедност, при што го искажав моето незадоволство од збунетоста во нашите институции поради лошиот почеток на истрагата за атентатот и самиот дадов неколку остри забелешки. Потоа имав неколку средби во кабинетот, а навратив и во кабинетот на претседателот да видам дали има нешто ново. Некаде час и половина потоа, како што веќе реков, во болницата ѝ реков на директорката да не се грижи бидејќи некој лошо воспитан сакал да направи солена шега. Таа беше многу возбудена и ми рече: „Ама како тоа, претседателе, јас овде сум половина од мојот работен век и вакво нешто не ми се случило. Не побрзав јас тукутака да јавам во полиција. Повикот многу ме уплаши и им благодарам на полицајците што веднаш дојдоа“.
Кога од болницата влегов во автомобилот да си одам дома, Даме Димитровски ми рече многу непријатна работа и можам да кажам како докторката, дека во мојата досегашна служба не сум доживеал ваков случај некој да се заканува дека ќе киднапира 10-дневно бебе. Ќе ми простите, претседателе, ама мислев дека е подобро да не доаѓате вие во болницата, затоа што ме известија дека двајца полицајци се веќе таму. Мислам дека целиот овој настан и оваа закана има цел да Ве вознемири.
Другиот обид на застрашување се случи неколку дена од почетокот на 1996 година. Ќе беше тоа 4 или 5 јануари. Наутро, штом ќе стигнев во канцеларијата, првин ги разгледував дневните весници. Овој пат прелистувајќи ја „Нова Македонија“, од весникот на подот падна едно писмо од авионска пошта. Го зедов писмото, го разгледав и видов дека е пратено до „Нова Македонија“ од Австралија, и тоа на 11 декември 1995 година. Писмото беше отворено. Всушност, во пликот немаше писмо, наместо писмо некој вметнал исечок од „Нова Македонија“ со моја фотографија. Покрај тој исечок во писмото беше вметнато едно обично мало бело ливче. Кога го раздиплив ливчето, видов текст со печатни букви напишани рачно на англиски јазик. Во првиот ред пишуваше: „Глигоров имаше среќа“. А во вториот ред под првиот пишуваше: „Ќе ја има ли и Андов?“
Кога го раздиплив ливчето, видов текст со печатни букви напишани рачно на англиски јазик. Во првиот ред пишуваше: „Глигоров имаше среќа“. А во вториот ред под првиот пишуваше: „Ќе ја има ли и Андов?“
Тоа фактички беше смртна закана. Меѓутоа, не ме заплаши, туку ме поттикна добро да размислам. Помислив дека писмото што било испратено од Австралија на 11 декември, имало друга содржина и друга тема упатени до редакцијата на „Нова Македонија“. Било некое сосема обично писмо. На тоа помислив бидејќи, како што реков, на пликот имаше австралиски поштенски жиг од 11 декември, а текстот од исечокот во „Нова Македонија“ во кој беше и мојата фотографија беше објавен десетина дена подоцна. Значи, теориски не можел праќачот на писмото од Австралија да го вметне исечокот од „Нова Македонија“. Тоа, пак, значи дека писмото од Австралија некој во Редакцијата на весникот го заменил со заканата и со исечокот со моја фотографија, некаде по 24 декември 1995 година. Што е уште поважно, на мојата фотографија во текстот што беше вметнат во ковертот, на моето чело со црвено мастило беше напишана буквата Х.
Со тоа ми се даваше на знаење дека не ќе имам среќа како Глигоров, ама има и такви што помислуваат да ми пратат поздрав со куршум. Си помислив дека писмото е подметнато во редакцијата на „Нова Македонија“, бидејќи до таму било упатено оригиналното писмо со пликот од Австралија. Размислував и за други можности, ама бев сигурен дека „овој поздрав“ го добив од некого што бил вмешан во подготовките и извршувањето на атентатот врз Киро. Во секој случај бев смирен, бидејќи бев убеден дека по експлозијата на мината насочено кон Глигоров и за тие „мајстори“ би било премногу да стрелаат во мене со куршум. Можеби не бев во право, ама така си мислев.
Покрај сите овие драматични настани, треба да кажеме дека Собранието на 5 октомври го донесе Законот за ратификација на Привремената спогодба, а на 9 октомври го потпишав указот за објавување во „Службениот весник“ на Привремената спогодба помеѓу Р Македонија и Р Грција и за нејзино применување. За жал, поради објективните околности, указот го потпишав два пати: и како претседател на Собранието и како вршител на должноста на функцијата претседател на Републиката.
Откако на 10 јануари 1996 година му ја предадов функцијата, која поради околностите присилно ја вршев, Киро Глигоров ми изглeдаше сѐ уште трауматизиран. Во кусиот разговор забележав дека се интересира за почнување со работа на Агенцијата за разузнавање како важен уставен орган, кој не е под контрола на министерот за внатрешни работи, туку е под директна контрола на претседателот на државата. Ми кажа за некои негови размислувања како да се востанови тој орган и да почне со работа. Киро во тој момент се надеваше дека Агенцијата за разузнавање ќе овозможи да се почне со разоткривање на сѐ она што Министерството за внатрешни работи го скри и го покри во врска со атентатот врз него. Затоа, ми рече дека многу размислува како ќе одат работите со оспособувањето на таа агенција за нормална работа. Притоа ми даде до знаење дека е свесен, агенцијата не може бргу да дојде до резултат. Но, се надеваше дека таа агенција ќе воспостави контакт со слични служби од пријателските земји, како што се САД, В. Британија, Германија и Франција, за да се дојде до некои попрецизни сознанија за тоа кој го инспирирал и го подготвувал атентатот од 3 октомври 1995 година. Во тој момент, на Киро му беше важно која личност ќе раководи со таа институција. Поразговаравме и за тоа прашање.
Двајцата во гласното размислување наjмногу го спомнувавме тогашниот министер за правда Владо Поповски. И на двајцата ни паднало в очи дека вршејќи ја функцијата министер за правда, Поповски не само што не се вклучи во забошотувањето на целиот тој случај со атентатот, туку, толку колку што му дозволуваше функцијата, се обидуваше да влијае, инсистирајќи на непречен тек на истрагата. По оваа негова идеја за Агенцијата за разузнавање, Глигоров презеде неочекуван чекор во почетокот на февруари. Тој јавно инсистираше и бараше од генералниот директор на Радио-телевизијата на Македонија, госпоѓа Мелпомени Корнети, веднаш да го разреши од функција директорот на телевизијата Сашо Ордановски. Таа навистина го стори тоа. Со тој потег Глигоров даде до знаење дека не се помирува со разбивањето на Сојузот за Македонија.
Долго потоа, одвреме-навреме, се среќававме со Киро Глигоров, но можам да кажам дека по атентатот Киро веќе не беше оној Киро што го познавав пред тоа.
Во меѓувреме, Бранко Црвенковски најави реконструкција на Владата. Беше најавено дека со реконструкцијата од Владата ќе бидат исфрлени членовите што ѝ припаѓаат на ЛП. Тие денови Глигоров даде неколку изјави по разни прашања и во секое од нив предупредуваше да не се распаѓа Сојузот за Македонија, да се зачува, бидејќи ако се распадне – последиците ќе бидат многу штетни за државата, а земјата ќе навлезе во неизвесност. Сите апели на Глигоров за спасување на Сојузот за Македонија одекнаа во празно. Бранко Црвенковски си ја тераше својата агенда усогласена со некои подземни центри во земјата и во соседството.
На 23 јануари 1996 година се одржа седницата на која беше усвоена предложената реконструкција на Владата и со која министрите-членови од ЛП беа исфрлени од Владата.
При заклучувањето на седницата реков дека поднесувам оставка од функцијата претседател на Собранието. Ги известив пратениците дека моето барање за разрешување од функцијата ќе биде разгледувано на првата наредна седница на Собранието. Таа седница се одржа на 6 март и на нејзината прва точка бев разрешен од функцијата претседател на Собранието.
(Крај)