Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, најави масовно менување имиња на улици, на инфраструктурни објекти и на основни и средни училишта во Тетово. Зошто излезе толку итна потребата дури 300 улици да мора да добијат нови имиња, главно на личности од албанската историја, при што се бришат или ќе се бришат имињата на македонски дејци, партизани, народни херои и личности од македонската култура? Ова преименување на училиштата и на улиците во Тетово има белези како и албанизацијата што се спроведуваше од 1941 до 1944 во западниот дел на Македонија врз основа на платформата на „Бали комбетар“ за создавање голема Албанија. Според проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја во Скопје, во рамките на ваквиот големоалбански проект улиците во Тетово и тогаш биле обележувани со албански имиња

Со преименување улици во Тетово флагрантно се брише македонската историја

Пред неколку дена ТВ 21 објави: „Од 297 улици во Тетово, само 81 имаат имиња, додека другите 216 или воопшто немаат називи или се означени со број. Сега претстои јавна расправа за нивните имиња. Следната недела Општина Тетово ќе распише јавен оглас и граѓаните ќе можат да ги достават своите предлози за имињата на улиците. Предлозите потоа ќе треба да поминат во Советот и на владина седница“.
Тетовската локална самоуправа уште кон крајот на август 2024 година донесе предлог-одлука за формирање работна група што ќе ги преименува улиците. Тоа е повод за голема вознемиреност меѓу Македонците од Тетово и предизвикува стравувања дека некои од улиците ќе добијат имиња и на Албанци поврзани со фашистите во периодот 1941-1945 година, како и на припадници на УЧК од 2001 година. На таквата намера на тетовското општинско раководство уште во август лани реагираа остро и од Сојузот на борците од НОБ и граѓани поддржувачи.
– Гласно и јасно предупредуваме дека за Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување ниедно име на улица што носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција. Целосно е неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија ја утврдила јасно нивната улога во минатото – порача Сојузот на борците.

Градоначалникот на Тетово тврди дека има „политички консензус“ за „бришење на имињата на македонските херои, партизани, културни дејци од улиците во Тетово“?!

Но наспроти ова предупредување од Сојузот на борците, името на народниот херој Страшо Пинџур е веќе избришано од една улица и ставено е ново име! Не е објавено кое е новото име. Во информацијата со наслов „300 улици ќе добијат нови имиња, Касами го објави планот за улиците во Тетово“, објавена лани на 26 август, ТВ 21 ја пренесе изјавата на градоначалникот Билал Касами, кој потврдил дека веќе го „снемало“ Страшо Пинџур од Тетово.
– Постои политички консензус, имаме согласност од сите политички и општествени чинители за оваа работа, толку важна за нашиот град. Не се во согласност со законот околу 300 улици, кои се без имиња, со бројки или привремени ознаки,. Новите имиња ќе ги одобрат Министерството за транспорт и Катастар. Во постапка е и донесување закон, со кој се предвидува обврска на сите институции да ги користат ознаките што ги определува општината –изјавил градоначалникот Касами.
Но, преименувањето на улиците во Тетово го поттикна и започна ДУИ уште во времето на градоначалникувањето на Теута Арифи. ТВ 21 во својата информација за оваа проблематика, објавена пред неколку дена, уште истакна: „Улиците во Тетово ќе добијат нови имиња. Некои од предлозите се имињата на Мурат Исаку, Фадил Сулејмани, хоџа Мамут Аслани, Реџеп Вока, на други личности од албанската национална историја, како што се Скендербег, Исмаил Ќемали, браќата Фрашери“.

Духовно ликвидирање по физичкото пред осум децении од страна на балистите

Избришани се или допрва ќе бидат избришани имињата не само на народниот херој Страшо Пинџур туку и на Благоја Тоскоски-Тоска и Радован Цониќ. Благоја Тоскоски-Тоска е еден од 17-те партизани од Третиот тетовски партизански одред, кои се убиени на 19 септември 1944 година во горнореканското село Беличица, кога во масовниот масакр врз македонското население, извршен од над 300 вооружени балисти на чело со Аќиф Речани, биле убиени и 17 жени, старци, дури и 12-годишни деца, од кои некои биле фрлани живи во оган.
Отстранувањето на името на Благоја Тоска од таблата на конкретната градска улица ќе претставува негова втора, „духовна“ ликвидација, по онаа физичката од пред 81 година.
Редакцијата на „Нова Македонија“ дознава од искажување на граѓанин на Тетово, кој побара да остане анонимен, дека тетовската локална власт, официјално, или неофицијално, веќе го отстранила од списокот на градските улици и Радован Цониќ.
– Отидов да платам фактура за услуга на едно од комуналните претпријатија во Тетово. На прашањето на која улица живеам одговорив: На улицата Радован Цониќ. Ми рекоа дека улица со тоа име повеќе не постои, туку оти истата улица сега се вика Абдил Фрашери – ни изјави овој граѓанин на Тетово.

Ревидирање на македонската национална историја на подрачјето на општината Тетово од позиции на големоалбански шовинизам

Паѓа в очи фрапантната сличност на некои постапки од сегашните активности за преименување на улиците во Тетово со некои активности од историјата на овој град пред осум децении. Во анализата со наслов „Кој и зошто ги оживува балистите во Македонија?“, објавена на 15.август 2023 година во „Нова Македонија“, покрај другото, се нагласува: „Според проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја во Скопје, кој го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година, голем број топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма како прв чекор од големоалбанската тенденција на квинслиншките власти за целосна албанизација и создавање етнички чиста територија. Со посебна наредба називите на улиците биле обележани со албански имиња. Се случуваат обиди за оживување на балистите преку нивно претставување како албански национални херои. ‘Бали комбетар’ била великоалбанска екстремна националистичка организација, која вршела терор и злосторства врз цивилното население. Загрижувачки се обидите за ревидирање на македонската историја“.
Овие предупредувања на македонските историчари го актуализираат прашањето дали и тетовската локална власт и обединетиот албански политички чинител во неа, сочинет од сите албански политички партии, остваруваат намера за отстранување на трагите на македонската историја во овој западен дел на Македонија преку бришењето на имињата на македонските народни херои и партизани од градските улици, од кои некои биле убиени токму во борби со балистите пред осум децении. Но дали станува збор и за пошироко отстранување на имињата и на дејци на македонската просвета и култура, како што е, на пример, „проблематичното“ име и на Кирил Пејчиновиќ, кое го носи и тетовската гимназија?
Особено сериозен аспект при менувањето на имињата на улиците во Тетово е намерата тоа да се спроведе дури и без согласност на Македонците и на македонските политички партии во Тетово! Токму тоа го најави лично тетовскиот градоначалник Билал Касами!
Како што објави ТВ 21 на 8 април 2023 година, Билал Касами ја дал следната изјава: „Бадентеров принцип во одлучувањето за преименувањата на улиците нема да биде потребен. Верувам дека ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту која било друга македонска партија не би сакала да биде надвор од овој процес, бидејќи тоа значи дека именувањето на улиците ќе се врши без нивно присуство и оние што ќе бидат во комисијата ќе одлучуваат за имињата на улиците како што ќе им одговара на нивните барања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ не би се согласиле сите улици во Тетово да бидат именувани според албански личности и секако оти ќе сакаат одредени улици да бидат именувани по македонски личности. За да се случи тоа, треба ВМРО-ДПМНЕ или друга македонска партија да биде дел од ова“. Р.Н.М.


Етничките математики на тетовскиот градоначелник

Бадентерово мнозинство и близу Бадентерово мнозинство

Во гореспоменатата информација, објавена од ТВ 21, наведено е дека „Македонците во Тетово учествуваат со околу 18 проценти во структурата на населението, наспроти Албанците, кои ги има околу 80 отсто“’. Врз основа на ваквата „етничка математика“, Касами заклучил дека „улиците може да се преименуваат и без согласност на Македонците, без примена на Бадентеровиот принцип во одлучувањето на Советот на општината за преименувањето на улиците, штом ги има под 20 проценти“.
На еден дел, во западниот дел на територијата на унитарната држава Македонија, во Тетово, градоначалник Касами си зема за право да ги прогласува како „национално малцинство без право на Бадентер“ припадниците на македонскиот народ (мнозинскиот, државотворен народ, кој е носител на државноста на унитарната држава)?! Тој им „дозира“, им одредува на Македонците во Тетово кои права и колку ќе можат да ги имаат, а кои права и колку не ќе можат да ги имаат?! Демек, за македонскиот народ во овој град и општина повеќе нема да важи ниту Бадентеровиот принцип, зашто не се ниту 20 отсто, туку помалку, па отсега за сѐ ќе може да се одлучува без да има потреба да бидат вклучувани Македонците во одлучувањето. Туку ќе се одлучува и без нив, иако ќе се однесува и за нив! Р.Н.М.


Сите вакви и слични активности околу преименувањата на улиците, инфраструктурните објекти и училиштата веќе создаваат опасен расцеп во и онака кревките меѓуетнички односи во Тетово и пошироко и предизвикуваат нова напнатост

Кој е Радован Цониќ, чие име исто така „испарило“ од Тетово, а кој е Абдил Фрашери, со чие име е преименувана тетовската улица?

Во записите на македонската историографија стои: Радован Цониќ бил припадник на мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“. На 27 април 1943 година овој одред влегол во судир со балистите на Џемо Хаса во Ново Село, во околината на Гостивар. Притоа загинале четворица борци, меѓу кои и Радован Цониќ. Десетмина биле заробени, а осуммина се пробиле низ непријателскиот обрач. Шестмина од десетте заробени борци од одредот биле осудени на смрт и на 17 мај 1943 година обесени во Тирана.
Кој е Абдил Фрашери, што го заменил Радован Цониќ на таблата на конкретната градска улица во центарот на Тетово? Во записите на албанската историографија пишува: „Како војник и политичар, Абдил Фрашери бил еден од главните раководители на албанската Призренска лига, но и еден од главните автори и реализатори на политичката платформа за обединување на сите албански територии во една албанска држава, етничка Албанија, во периодот од 1877 до 1892 година“. Р.Н.М.