Капење на младите кумови во селските чешми

Во Кичевско, примопредавањето на кумството некои од селата го прават на првиот ден Водици, додека во некои од овие села кумството се предава на вториот ден Водици или популарно наречени женски Водици. Едно од тие села со автентична традиција е селото Лавчани, каде што примопредавањето на кумството се врши на вториот ден Водици, кога младите кумови кумството го примаат со капење во студените води на селските чешми.
– Селото Лавчани е едно од ретките во општината каде што и покрај неговата големина има дури седумнаесет кумови, а посебна специфика претставува примопредавањето на кумството, кое традиционално се изведува во коритата на селските чешми, каде што сите седумнаесет млади кумови го преземаат кумството со капење во коритата на селските чешми. Традиција веќе е позната и пошироко во европски рамки, бидејќи ја проучуваат универзитетите во Краков, Полска, и во Будимпешта, Унгарија, а во неколку наврати професорката Јохана Рехас од Полска беше и лично присутна со цел на самото место да се увери во автентичноста на оваа традиција, а истото тоа го направи и Ана-Марија Болја, професорка од Будимпешта – истакна Младе Ванчоски, жител на селото Лавчани.
Кумовите што се капат во коритата на селските чешми потврдуваат дека никој при ова капење не го чувствува студот од изворската вода и досега по овој ритуал никој се нема разболено.
– Нѐ чувал господ и никогаш кога го примаме кумството не сме имале настинка или некаква болест поврзана со капењето во студените води на селските чешми – вели Цане Ѓорѓиоски, жител од тоа село. З.А.