Едни политички лидери го сакаат патриотизмот на Трамп, кој ги става интересите на својот народ на прво место, други гледаат опасност бидејќи ќе бидат „доминирани, здробени, маргинализирани“…
„Враќањето“ на Доналд Трамп во Белата куќа несомнено отвора нова ера. Пред церемонијата на инаугурација, Франсоа Бајру упати повик „за освестување“. Ако Французите и Европејците „не направат ништо“ пред протекционизмот и „доминантната“ акција на 47-от претседател на САД, премиерот се плаши дека „ќе бидеме доминирани, здробени, маргинализирани“.
– Оваа одлука зависи од нас -инсистираа Бајру од својот град По (во подножјето на Пиринеите).
Гостувајќи на БФМТВ во понеделникот, неговиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро сакаше да потсети дека „пријателството меѓу Франција и САД е старо два века и треба да опстои“, без оглед на шоковите. За шефот на Кеј Д’Орсеј, вториот мандат на Доналд Трамп конечно е само симптом на „враќање на законот на најсилните“ на меѓународно ниво. Балансот на силите е тоа што Европската Унија мора да го искористи, според него, „за да ги брани своите интереси“.
Владата можеби ја покажува својата борбеност, но реториката на крајот е многу учтива, што остава простор опозицијата да гризе повеќе, особено левицата. Во својот блог, Жан-Лук Меланшон смета дека второто доаѓање на Доналд Трамп на власт „доведува во прашање, па дури и загрозува многу извесности на претходниот свет“. Според лидерот на Бунтовна Франција, оваа промена на парадигмата „ја врти страницата на глобалната слободна трговија“ и ветува американско „воено исклучување“ во неколку „жешки точки“ на планетата.
Додека најавеното враќање на републиканецот во Белата куќа несомнено го забрза минатонеделното потпишување на примирјето меѓу Израел и Хамас, Франсоа Оланд – кој оддалеку се држеше со наследникот на Барак Обама во 2017 година – изрази сомневање за „методот Трамп“, според кого „изразувањето сила би било доволно за да се постигне мир.
– Има примирје, но има ли мир? Тоа е целото прашање за Блискиот Исток – рече поранешниот претседател на Франција на радиото РТЛ.
Во исто време европратеникот од Социјалистичката партија-јавен плоштад, Рафаел Глуксман, предупреди на „невремето што доаѓа“.
– Со недели тој ги напаѓа европските демократии, не Русија, не Кина, туку нејзините наводни сојузници – предупреди надгледникот на социјалдемократијата, кој го повикува Стариот Континент да ги активира своите „средства за отпор“ наспроти дигиталните „мешања“ од Доналд Трамп и неговиот нов сојузник, шефот на социјалната мрежа Икс, Илон Маск.
Толку многу геостратегиски стравови поттикнати од левицата, но отстранети од страна на националистичката десница, подобронамерна со претседателот на Соединетите Американски Држави.
Ако Националниот собир на Марин Ле Пен (РН) долго време не знае на кое стапало да танцува во однос на американскиот претседател, сега се стреми да одржи балансирана позиција. Без наивност за „комерцијалната бруталност“ што доаѓа од земјата на Вујко Сем, Џордан Бардела на „Франс 2“ рече дека „го сака патриотизмот“ на Доналд Трамп, како и на сите „политички лидери што ги ставаат интересите на својот народ на прво место“. Тоа е трезвеност во зборовите, која во овој политички табор останува ограничена на партијата со пламен. На страната на Реконкет – крајна десница, каде што се отворено наклонети на Трамп, Ерик Земур и Сара Кнафо го преминаа Атлантикот за да присуствуваат на официјалната церемонија. Од Вашингтон, европратеникот рече во неделата на БФМТВ дека „не му се потчинува на странски лидер“, со надеж дека новиот станар на Белата куќа ќе ја турне Европа кон „зрелост“ и „оддалечување од наивноста“. Говор што повеќе или помалку личи на оној на другата европратеничка Марион Марешал, исто така поканета на претседателската инаугурација во САД.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур