Фото: Маја Јаневска-Илиева

Клучна улога во ваквата лобирачка мисија може да одигра силната македонска дијаспора во САД, која низ годините се етаблира како лојален сегмент во американското општество, за што признанија пристигнаа од повеќе американски претседатели. Таа може да биде линкот што ќе обезбеди директно да се изнесат македонските позиции пред новите американски власти, па на тој начин и земјава да добие моќна поддршка во одбраната на националните интереси

Македонците во САД и низ светот почнуваат активно да се вклучуваат во лобирањето за својата татковина

Новата американска администрација стапи на должност и веќе почна да ги влече првите потези, така што повеќе од важно е Македонија уште на почетокот да ги мобилизира сите расположливи сили во насока на лобирање за реализација на македонските национални интереси.
Клучна улога во ваквата лобирачка мисија може да одигра силната македонска дијаспора во САД, која низ годините се етаблира како лојален сегмент во американското општество, за што признанија пристигнаа од повеќе американски претседатели. Таа може да биде линкот што ќе обезбеди директно да се изнесат македонските позиции пред новите американски власти, па на тој начин и земјава да добие моќна поддршка во одбраната на националните интереси.
Несомнено ваквата позиција сега може да се искористи и на тој начин што македонската дијаспора ќе воспостави постојан канал на комуникација со новата американска администрација, во насока на дополнително приближување на македонско-американските односи и зајакнување на веќе воспоставениот сојузнички однос.
Во тој контекст, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) упати честитка до претседателот Доналд Џ. Трамп и до потпретседателот Џ.Д. Венс за нивната инаугурација како 47-от претседател и 50-от потпретседател на САД.
– Со нетрпение очекуваме да соработуваме со претседателот Трамп и потпретседателот Венс на приоритетни теми што се клучни за САД и Американците со македонско потекло. Ние сме подготвени да се залагаме за зајакнување на односите меѓу САД и Македонија и економските врски, да го унапредиме признавањето на придонесите на Македонците во американското општество и да креираме политики преку новото политичко раководство кон Бугарија и Грција за нивната институционализирана дискриминација против македонските малцинства – изјави претседавачот на бордот на ОМД, Арџи Н. Беллио.

Во рамките на одбележувањето на Денот на Мартин Лутер Кинг, ОМД ја нагласи својата посветеност кон еднаквоста, правдата и граѓанските права за сите, во согласност со визијата на д-р Кинг за свет без дискриминација и угнетување.
Она што ОМД го истакна како приоритети за кои ќе лобира кај новата американска администрација вклучува повеќе активности во насока на помагање на процесите со кои Македонија се соочува, а со кои без американска поддршка тешко ќе се справи.
Имено, како прв приоритет на кој ОМД ќе работи со новата американска администрација е зајакнување на односите меѓу САД и Македонија преку унапредување на стратегиското партнерство помеѓу двете земји во насока на зајакнување на дипломатските, економските и безбедносните врски.
Понатаму, она на што ОМД ќе сигнализира кај новата американска администрација, тоа е состојбата со човековите права за македонските малцинства. Тоа подразбира решавање на дискриминацијата против македонските малцинства во Грција и Бугарија и заштита на нивните основни човекови права.
Во делот на економската соработка, дијаспората ќе ги насочи активностите кон постигнување договор за двојна даночна обврска: поддршка на договор за избегнување двојна даночна обврска помеѓу САД и Македонија за елиминирање на двојното оптоварување за поединци и бизниси, поттикнувајќи посилни економски односи.
Особено важно за македонските граѓани е обезбедувањето безвизен режим за патување во САД, па ОМД во своите приоритети го става и таквиот ангажман, да работи на претставување реални политики за вклучување на Македонија во програмата за безвизен режим кон САД за олеснување на патувањата и за зајакнување на врските меѓу народите на двете нации.
Македонската дијаспора во САД и натаму цврсто стои на определбата дека самоопределувањето на секој народ и неговата идентитетска идентификација се неприкосновено право, па во тој контекст ОМД планира да работи на обезбедување поддршка од САД за правото на Македонија на нејзиното уставно име (Република Македонија) и на самоопределување, вклучувајќи ја заштитата на македонскиот идентитет и јазик.

Она што изминатите години крена многу прашина во соседството, тоа е прогласувањето на септември за месец на македонско-американското наследство. Намерата на ОМД е септември да го добие приматот на месец на македонско-американското наследство за признавање на историските и културните придонеси на Македонците во Америка и промоција на годишен прием во Белата куќа што ќе го слави овој успех.
– ОМД со нетрпение очекува да изгради конструктивна соработка со администрацијата на претседателот Трамп и потпретседателот Венс, промовирајќи заедничка посветеност кон просперитетот, потврдувајќи ја геополитичката позиција на Македонија во Југоисточна Европа и заштитувајќи ги нашето богато македонско културно наследство, идентитет и јазик – посочуваат од ОМД.
Обединетата македонска дијаспора, со седиште во Вашингтон, САД, е водечка непартиска, невладина и некомерцијална организација, која ги застапува македонските заедници низ светот. Од 2004 година ОМД ја промовира македонската култура, ги зајакнува меѓународните односи за Македонија и се залага за правата и достоинството на Македонците на глобално ниво.


Улогата на „Македонија 2025“, меѓу другото, е да организира и директни средби меѓу претставници на македонската влада и луѓе од бизнис -секторот во САД и насекаде низ светот, а за таа цел веќе беа организирани повеќе конференции и во Македонија, со присуство на познати имиња од светот на бизнисот, кои на самото место можеа да се уверат во инвестициските можности во земјава

Релациите на организацијата „Македонија 2025“ со новите американски власти отвораат можност за инвестициски бум во земјава

Странските инвестиции треба навреме
да се поттикнат и излобираат

Новата американска администрација фокусот на своето работење го насочува кон економско издигнување на САД, па во тој контекст може да се набљудуваат и релациите што организацијата „Македонија 2025“ може да ги воспостави со водечките луѓе во насока на мотивирање повеќе американски бизнисмени за инвестирање во Македонија.
Имено, „Македонија 2025“ е меѓународната невладина организација во која се вклучени успешни Македонци и светски бизнисмени со македонски корени, чија главна мисија е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување економски развој и одржливост.
Во нејзиното портфолио се наведени голем број настани во земјава и надвор на кои се собира бизнис-елитата, при што таквите средби се користат за промоција на Македонија како земја за инвестирање.
Тоа и беше главната цел на неодамнешната средба на премиерот Христијан Мицкоски со луѓето од организацијата „Македонија 2025“ во Вашингтон, да побара координирано работење за привлекување странски инвестиции во земјава.

– Без разлика дали сме дома, во Европа или во САД, борбата секогаш е насочена кон создавање подобри услови за живот и посигурна иднина за сите – се наведува во објавата на премиерот.
Улогата на оваа невладина организација, меѓу другото, е да организира и директни средби меѓу претставници на македонската влада и луѓе од бизнис-секторот во САД и насекаде низ светот, а за таа цел беа организирани и повеќе конференции и во Македонија, со присуство на познати имиња од светот на бизнисот, кои на самото место можеа да се уверат во инвестициските можности во земјава. Сега, со воспоставувањето на новата американска администрација, за „Македонија 2025“, на чие чело се луѓе блиски до американските власти, се отвора можност тие врски и канали уште повеќе да се интензивираат.
Ваквите активности веќе може да се насетат и преку многубројните средби со бизнисмени што премиерот Мицкоски ги имаше во релативно краток временски интервал.
– Во Вашингтон вечера имав и одлична средба со Дејвин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на медиумската корпорација „Трамп“, Џон Битов – канадски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе компании и основач на кошаркарскиот НБА-клуб Торонто репторс, Марко Галина, бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија, и Крис Павловски, сопственик на групацијата „Рамбл“ – напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Сето ова говори дека каналите се воспоставени и отворени, а организацијата „Македонија 2025“ сега може да воспостави дополнителни канали за комуникација и со други бизнисмени, да ги мотивира така што ќе ги наговори нивните инвестиции наместо кон други европски земји, да ги насочат кон Македонија. Тоа ќе придонесе за зголемување на бројот на странски директни инвестиции, а со тоа и за раст на македонската економија. С.Т.