Претседателска инаугурација во Вашингтон, Соединетите Американски Држави
Доналд Трамп официјално стана 47. претседател на Соединетите Американски Држави со положувањето заклетва во Капитол. Полагањето на заклетвата на Трамп беше спроведено од страна на главниот судија на Врховниот суд на САД, Џон Робертс.
– Свечено се колнам дека ќе го поддржам и бранам Уставот на Соединетите Американски Држави против сите непријатели, странски и домашни; дека ќе бидам верен на истото тоа; дека оваа обврска ја преземам слободно, без никаква ментална резерва или намера за затајување и дека совесно и верно ќе ги извршувам должностите на функцијата што ќе ја преземам, затоа Боже помогни ми – гласи заклетвата што ја изговори Трамп.
Неговата заклетва беше проследена со силен аплауз и овации од многубројната публика во зградата на Капитол.
Денот на неговата инаугурација, 20 јануари 2025 година, тој го нарече „ден на ослободување“.
Поради невообичаено студеното време, годинашната инаугурација се одржа во Капитол Ротонда, за првпат од 1985 година. Инаку, вообичаено, инаугурацијата се одржува под отворено небо, на западниот фронт на Капитол, каде што е изградена платформа за таа пригода, која може да прими повеќе од 1.600 луѓе. Во Ротонда, пак, капацитетот е околу 600 луѓе.
На инаугурацијата присуствуваа и американските поранешни претседатели Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама. Тие беа придружувани од поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и поранешната прва дама Лора Буш. Меѓу нив беа и досегашниот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Инаку, иако првично беше планирано Трамп да положи заклетва пред Капитол пред 200.000 луѓе, како што беше најавено, церемонијата беше преместена во зградата поради екстремно студеното време, поточно на делот од Капитол под најголемата централна купола на зградата. Овој простор содржи скулптури, релјефи и слики на најважните американски претседатели и други значајни личности или на оние што оставиле најголем белег во историјата на таа земја.
Ова ќе биде втор мандат на Трамп. Првиот беше од 2017 до 2021. Во 2020 Трамп ги изгуби изборите од Бајден и во јануари 2021-та не присуствуваше на неговата инаугурација. Со тоа стана првиот американски претседател во последните 150 години што ја прескокнал инаугурацијата на својот наследник.
Големо медиумско внимание привлекоа информациите за досега невидените безбедносни мерки преземени за време на инаугурацијата. Според официјалните информации, беспилотни летала, снајперисти, жичена ограда и 25.000 лица како воен и полициски персонал беа активирани за да ја обезбедуваат инаугурација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Инаугурацијата на Трамп беше означена како „специјален настан за национална безбедност“, што овозможува дополнително финансирање и координација меѓу агенциите, вклучувајќи ги и Тајната служба, државната безбедност, осигурувањето на Капитол и полицијата во областа Колумбија.
Меѓу 25.000 воени лица распоредени во Вашингтон беа и членови на Националната гарда, а околу Белата куќа и Капитол имаше околу 42 километри жичена ограда. Р.С.
Некои покарактеристични ставови на американскиот претседател кажани веднаш по свечената заклетва:
Плима на промени: Сончевата светлина се истура врз целиот свет!
„Златната доба на Америка почнува сега“, изјави новиот американски претседател Доналд Трамп веднаш по давањето свечена заклетва. Повторувајќи го својот препознатлив слоган дека ќе ја стави Америка на прво место, тој додаде дека земјата ќе процвета и ќе биде почитувана.
– Многу едноставно ќе ја ставам Америка на прво место. Се враќам на претседателството уверен и оптимист дека сме на почетокот на возбудливата нова ера на национален успех. Плима на промени ја зафаќа земјата. Мојот главен приоритет ќе биде Америка да стане поголема, посилна и поисклучителна од кога и да е претходно. Плима на промени ја зафаќа нашата земја. Америка има шанса да ја искористи оваа можност како никогаш досега. Но прво мораме да бидеме искрени за предизвиците со кои се соочуваме. Иако се во изобилство, тие ќе бидат уништени од оваа голема динамика во САД на која светот сега сведочи. Ова е почеток на возбудлива нова ера на национален успех. Сончевата светлина се истура врз целиот свет и Америка има шанса да ја искористи оваа можност како никогаш досега – изјави Трамп по положувањето на заклетвата.
Трамп остро ги критикуваше политиките на претходникот Џо Бајден и начинот на кој се справувал со мигрантската криза.
– Претходната влада им даде засолниште и заштита на опасни криминалци, кои илегално влегоа во нашата земја – додаде Трамп, најавувајќи дека веднаш ќе почне да потпишува извршни наредби, меѓу кои и прогласување вонредна состојба на американско-мексиканската граница и означување на наркокартелите како странски терористички организации.
– Илегалното влегување во земјата веднаш ќе биде запрено, а владата ќе почне процес на враќање милиони криминални странци таму од каде што дошле – вети Трамп.
Истакнувајќи ја економската моќ на САД, Трамп посочи дека гледа во „растечка нација“ што ја проширува својата територија, додавајќи дека ќе биде поставено и првото американско знаме на Марс.
Од економските мерки, најави намалување на, како што вели, рекордната инфлација и враќање на производството на американско тло. Во својот говор посочи дека една од првите работи што ќе ги направи како американски претседател ќе биде „ремонт на американскиот трговски систем со цел заштита на американските работници и нивните семејства“.
– Наместо да ги оданочуваме нашите граѓани за да ги збогатиме другите земји, ние ќе ги тарифираме и оданочуваме странските земји за да ги збогатиме нашите граѓани – изјави Трамп.
Тој најави и прогласување енергетска криза, по што ќе следува и зајакнување на американското производство на нафта и гас и намалување на трошоците за енергентите за американските потрошувачи. Тој најави дека ќе ги искористи сите потребни ресурси за изградба на специјална инфраструктура за зголемување на производството на енергенти.
Претседателот Трамп ќе се повлече од Парискиот климатски договор. Меѓу извршните наредби што ги соопшти новиот американски претседател е и таа со која во САД ќе бидат признаени само два пола, машки и женски пол.
Трамп во својот говор зборуваше и за обидот за атентат кон него во Пенсилванија за време на предизборната кампања и за обидите на, како што вели, претходната власт да му ја одземат слободата.
Тој додаде дека бил сериозен кога рекол дека САД ќе ја повратат контролата врз Панамскиот Канал, додавајќи дека „Панама ги прекршила договорите за кои е потребна неутралност во управувањето со каналот“. Р.С.
На инаугурацијата на Трамп и македонскиот премиер Мицкоски
Средби за економски, политички и безбедносен напредок на Македонија
Меѓу поранешните американски претседатели, лидерите на технолошки гиганти и дел од светските лидери, на инаугурацијата на Доналд Трамп за американски претседател присуствуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Премиерот Мицкоски имаше серија плодни средби со претставници од најблиското опкружување на Доналд Трамп пред и по инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател. Меѓу другите, тој се сретна и со Ричард Гренел, поранешен шеф на Националната разузнавачка служба на САД и иден претседателски пратеник за специјални мисии и политика во новата администрација на Трамп
-Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратегиските интереси поврзани со членството во Европската Унија. Наедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратегиски партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план – објави премиерот Мицкоски.
Премиерот исто така напиша дека во Вашингтон се сретнал и вечерал со истакнати луѓе во американското општество, некои дел од новиот кабинет на Трамп. На средбите, како што напиша, разговарал за можноста за инвестиции во Македонија и лобирал за македонските национални интереси.
Меѓу нив се и Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на медиумската корпорација „Трамп“, Џон Битов – американски бизнисмен со македонско потекло, кој е сопственик на повеќе мултимилионски компани и основач на кошаркарскиот НБА-клуб Торонто репторс, како и со Марко Галина – бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија.
Мицкоски, како што напиша, во Вашингтон го запознал и познатиот американски новинар Такер Карлсон, познат по своите десни конзервативни ставови, кого го поканил да ја посети Македонија. „Дојче веле“, повикувајќи се на свои извори, објави дека е предвидено Мицкоски да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес, кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на медиумската и технолошка групација „Трамп“, и Каш Пател, предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени.
Македонската влада очекува од новата американска администрација да отвори прашања „од сериозен економски, политички и безбедносен карактер“. Р.С.