Во мојата стара напуштена семејна куќа во Колешино, која е градена од камен и кал, како целата фамилијарна меморија да е напластена внатре. Тука како тинејџер ги направив и моите први скулптури. Минатово лето како да созреа времето, па одлучив сам да ја обновам и да ја претворам во културен дом. Имам чувство дека треба да се вратам, да го затворам кругот, вели сликарот Игор Ангелов, кој живее и работи во Тулуз, Франција
Игор Ангелов, сликар
Игор Ангелов го запознав во Скопје на почетокот на новиот милениум, во една тогаш мирна споредна уличка, сега популарната Боемска, каде што во една од старите дебармаалски куќи имаше свое ателје полно со необични скулптури и ламби од отпадни материјали. Сега Игор веќе 22 години живее и создава во Тулуз, Франција. Негова вокација, љубов и професија е сликарството, сфатено како засебен, но и отворен медиум со можност секогаш да стане нешто повеќе… Неговата лична естетика и животна филозофија се, пак, секогаш во блиска и топла врска со мајковината и бабовината
Кога се навраќаш на претходниот свој живот, кои слики ти навираат?
– Убаво беше Скопје тогаш… не пренаселено, енергично, отворено, модерно, малку сурово, сиво, ама однатре живо, со сите можни нијанси на топли бои како мали зрнца распрскани насекаде… Дебар Маало беше мојата последна скопска адреса. Како самоук уметник бев под силно влијание на италијанското движење „Арте повера“, користев природни и индустриски отпадни материјали за моите инсталации, скулптури и ламби. Ме интересираа ефемерноста и естетиката помеѓу дизајнот и скулптурата. Секојдневно имав посети, продавав многу од моите ламби. Стигнуваа покани за изложби на фестивали, па така, стигнав и во Франција. Бидејќи на ФЛУ во Скопје ме одбија, решив да се дообразувам во странство. Успеав да влезам во малата група студенти на една многу добра школа за дизајн и уметност во Норвешка. Ама, заљубен до уши, решив да останам во Франција. По дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност овде во Тулуз, одлучив да се посветам целосно на сликарството. Првите години кога се доселив во Франција, освен што сликав, работев за плата, дури и додека студирав: како ноќен рецепционер во хотели, како графички дизајнер и декоратор, за да можам финансиски да опстанам. Материјалите за сликање се скапи, а мојата идеја за сликарството – комплексна и замислена како акумулација на дела на долг временски период. Постепено почнав да привлекувам внимание кај овдешната уметничка јавност. Ги заинтригираа моите слики, што ми даваше кураж да продолжам да сликам.
Потекнуваш од Струмичко. Колку од Подгоријата носиш во себе и во она што го работиш? Дали заминувањето од Македонија беше лесно и колку мајковината е присутна во она што го работиш?
– Јас и пред да заминам ја сакав француската култура, дури и добро зборував како почетник, благодарение на моите професорки во Колешино и Скопје. Мајковината и бабовината оставија големи траги врз моето чувство за ликовност, естетика, преку везењето и ткаењето, гестовите на вештите раце на моите предци, понатаму земјоделството, контактот со природата, исто така. Се сеќавам на љубовта и гордоста на моите кога некоја работа ќе беше добро завршена… најверојатно тоа ме направи и трпелив, темелен, вешт во тактилниот однос со материјалите. Јас не можам да работам нешто без љубов. Во старата куќа имавме голем дрвен разбој за ткаење. Често ѝ помагав на баба ми, која правеше черги…, кои се прават од преостанати платна. Сигурно и тоа влијаело врз моето подоцнежно користење отпадни материјали во делата што ги работев.
Те познавам и како голем гурман и некој што сака да експериментира и со храната. Колку различните вкусови што ги ставаме на непцето нѐ одредуваат кои сме и какви сме и можеби верижно продуцираат некакви други дразби? Дали сензуалната страна на храната – вкусовите мирисите имаат влијае врз твојата уметност?
– Најверојатно, но не директно. Сакам убава храна и вина и овде во Тулуз, научив многу од Французите за тоа, но и ние во Колешино јадевме убаво и домашно, зготвено од мајка ми. Бевме научени од мали на убави природни вкусови, ги јадевме највкусните цреши, диви јаготки. И за убава храна и за уметност се потребни љубов и посветеност. Јас често канам пријатели на вечера, работите секогаш се повкусни кога си ги споделуваме.
Обично сликаш големи формати, кои јас ги доживувам како еден вид апстрактни пејзажи во кои бојата, формата, текстурата се во една нежна симбиоза. Како би го дефинирал своето сликарство?
– Би рекол дека ми е важна хармонизацијата на контемплативното со концептуалното, преку бојата и богатата сликовитост од една страна и зборовите од друга. Јас сум суптилно експресивен „занаетчија“ со извесна минималистичка строгост. Моите дела од формален аспект се фокусираат на релациите: „едно – целина“ и „идентично – различно“. Отсекогаш во мене постоела потребата за создавањето дела што можат да бидат доволни сами по себе, но, кои истовремено ќе бидат и елементи на една целина, со голем потенцијал за разни комбинации, варијации… можеби и почетни точки за идни инсталации. Сликарството отсекогаш ме привлекувало од аспектот на пластична материја и многу повеќе ме интересирало самото експериментирање при сликањето одошто однапред дефинираниот пристап кон нештата. Димензиите што ги користам се различни, со квадратот од 100 см како најчест избор, поради можноста што ја нуди за работа на сликата од сите страни, без претходно да биде дефинирана нејзината положба. Целта е добивање одредена, речиси монохроматска текстура, а работата врз материјата започнува при изборот на платното, кое не само што е основа врз која доаѓа бојата туку тоа со својата структура значајно придонесува до крајниот резултат.
Како текстот влезе во твоите слики?
– Ме интересира потенцијалот на зборовите за создавање релации помеѓу буквално перцепираното и фигуративното. Покрај текстурата во доследна смисла, сликите се и текстура и во фигуративна смисла, врз кои најчесто везам зборови – општопознати архаични фрази, разни клишеа, извадоци од пишани дела и мои кованици. Опчинет сум од нивниот „скриен“ капацитет за мноштво значења и толкувања. Зборовите со своето едноставно графичко присуство на некој начин ја дополнуваат сликата, станувајќи визуелни тие доминираат со повеќезначноста. Ме интересира и политиката, карактеристиките на средината во која живеам. Дел од тие зборови се реакција и на секојдневието. Самите тие, покрај тоа што на некој начин ја дообјаснуваат мојата работа, честопати може да послужат и како можни дефиниции за уметноста генерално. Има тука многу хумор и иронија.
И покрај извонредно богатиот и комплексен опус и тоа што на уметничката сцена во Тулуз си и добро познат, зошто македонската уметничка јавност знае малку за тебе?
– Досега никој сериозно ништо не ми понудил, се прашувам и јас зошто?! Благодарност до тебе Мимоза, ај па можеби и ќе мрдне малку нечие лево увце.
Пред десетина години требаше да имаш уметничка изложба во Националната галерија во Скопје. Зошто не дојде до тоа?
– Ах, ах! Чудесија од земја е Македонија. Да, двапати, дури и потпишував некаков преддоговор за самостојна изложба со НУ Национална галерија на Македонија. Првиот беше 2013-2014 г., вториот 2017-2018 г., но не се реализираа. Никогаш не разбрав што точно се случувало, а јасно беше дека мојата изложба не била целта. Крајно некоректен и непрофесионален однос за „културњаци“! Тоа ептен ме демотивираше за каква било понатамошна иницијатива од моја страна.
Од неодамна започна еден речиси донкихотовски зафат со свои раце, тула по тула, шајка по шајка да ја обновуваш твојата стара семејна куќа во Колешино со идеја да ја пренамениш во ателје или, пак, во некаква отворена куќа на културата. Што те гонеше да ја почнеш оваа необична идеја?
– Носталгијата најверојатно. Куќата е напуштена неколку месеци по моето раѓање, градена е од камен и кал и поголемиот дел од подот е само од набиена земја – како целата фамилијарна меморија да е напластена внатре. Има интересна енергија. Во неа како тинејџер ги направив и моите први скулптури. Последниве години ме следеа мисли да направам нешто, па летово како да созреа времето, одлучив да почнам, сам да ја обновам. Првите денови, копајќи, извадив еден голем плоснат камен во форма на срце. Од голема возбуда дури ми навреа солзи… Обновата сигурно ќе потрае неколку години, со повремена и драгоцена помош од моите пријатели и комшии, се разбира. Имам чувство дека треба да го затворам кругот, дека треба да се вратам и дека најважното мое дело како зрел уметник ќе се роди повторно во неа и со неа. Куќата ја замислувам како простор за креативна работа, размена, презентација, движење… Некаква мешавина на ателје, галерија и резиденција за уметници. Најверојатно ќе се вика „Културен дом“.
Мимоза Петреска Георгиева