Фото: Илустрација/Пиксабеј

Автор: Д-р Снежана Миленкова, гинеколог

Историјат – Во 1930-тите, медицинската истражувачка, ботаничар и геолог Луси Вилс, прва изолирала скоро идентична супстанца од квасецот, од животински црн дроб и од листот на спанаќот. Со помош на оваа супстанца, таа успеала да постигне корекција на анемијата кај луѓе и животни, со што потврдила дека супстанцата пројавува способност да ја поттикнува хематопоезата. Благодарение на ова откритие, подоцна бил развиен циклусот на индустриска синтеза на птероил-глутамичната киселина. Со тоа  фармацевтската индустрија во 1945 година, почнала да придонесува во превенцијата и третманот на некои битни состојби и заболувања. Комерцијалното име на ова соединение е фолна киселина, а потекнува од латинскиот збор “folium” (лист), заради неговата висока концентрација во зелените листести растенија.

„Фолати” е општ термин кој ја опфаќа не само фолната киселина туку и нејзините деривати – дихидрофолат, тетрахидрофолат, метилфолат и формил-соединенијата, кои поседуваат метаболна активност и се клучни алки во синџирот на мноштво метаболни процеси.

Фолатот е всушност Витамин B9. Тој е неопходен нутриент кој го овозможуваза одвивањето на бројни функции во човековиот организам. Како и други витамини, фолатите не можат да се синтетизираат во клетките на цицачите (човекот). Затоа мора да се внесуваат од егзогени извори (храна и витамински суплементи). Присутни се во бројни хранителни продукти од растително и животинско потекло:  спанаќ, леќа, аспарагус, брокула, авокадо, цитрусни овошја, цвекло, јатки, зелена салата, грав, грашок, квасец, пченични никулци, домат, портокал, говедско месо и во животински внатрешни органи (црн дроб, бубрези).

Препаратот фолна киселина е синтетичка (вештачка) форма на фолат. Најчесто е вклучена во додатоци како мултивитамини, витамини од Б комплексот и пренатални додатоци, поради тоа што е многу поевтина опција од природните активни фолати. Сепак, фолната киселина не може директно да се искористи од страна на телото, туку мора да помине низ процес на конверзија. За овој процес се потребни ензимите дихидрофолат и метилентетрахидрофолат редуктаза (DHFR и MTHFR), кои нашите гени треба да ги кодираат и создадат во клетката.

За жал, околу 40-50% од населението има недостаток на тие ензими – заради генска мутација на MTHFR генот. Тие луѓе имаат вродена предиспозиција за недостаток на фолна киселина. Мутацијата на генот не дозволува правилно да се конвертира неактивната фолна киселина во активна форма и, за овие луѓе, додатоците на фолна киселина не се од корист. Напротив, може да резултираат со акумулирање на високо ниво на неметаболизирана фолна киселина а тоа може да доведе до голем број на метаболни и когнитивни проблеми и преосетливост. За луѓето со MTHFR мутации, најдобар начин за добивање на фолна киселина е со користење на формулации на L-метилфолат.

Метилфолатот е есенцијален витамин Б, природна и високо биорасположлива форма на фолат,  растворлив во вода. Тоа е форма на фолат која телото на човекот без пречка ја користи за бројни биолошки процеси. Предноста му е што – дури и кога постои  генскиот дефицит, MTHFR мутацијата не му влијае, бидејќи тој е веќе метаболизирана (готова) форма.

Други предности на метилфолатот се во тоа што тој не ги прикрива некои одредени форми на анемии (како што фолната киселина го маскира дефицитот на витамин Б12) и што не носи ризик од натрупување на неметаболизирана фолна киселина во човековото тело.

Освен вродениот (генски предиспониран) дефицит, кај некои луѓе постои стекнат дефицит на фолна киселина. Тоа е недостаток со кој луѓето се здобиваат во текот на животот а е доста честа појава. Најчесто е поврзана со: лошата исхрана (намален фолатен внес), проблеми со апсорпцијата во цревата (болести на тенкото црево), со хронично конзумирање алкохол, прекумерна дебелина и болести на откажување на бубрезите, при зголемени потреби во бременост, хронична хемолиза (состојби на крвна разградба), третман со некои лекови (антиепилептици или цитостатици), интензивен раст во пубертетот и некои дерматолошки состојби.

За да се превенираат состојбите кои може да ги предизвика дефицитот на фолати, при симптоми или знаци на дефицит, лекарите даваат препорака за суплементи со фолати. А ако се има предвид дека ретко кој (и не секоја трудница), се тестира за генетска предиспозиција за овој дефицит, за заштита на здравјето на мајките и бебињата, метилфолатот е внесен како суплемент кој задолжително се препорачува во протоколот за планирање и водење на бременост.

Бенефитите од правилен, доволен, контролиран внес на метилфолат се –  

  1. Пред бременоста:

Подобрена плодност кај жената, преку промовирање на здрава овулација и соодветен квалитет на јајце-клетките

Намален ризик од дефекти на нервната цевка кај плодот (состојбите на спина бифида – некомплетно затворање на целината на пршлените и обвивките на рбетот и рбетниот мозок, и аненцефалија – неформирање на мозочните структури кај плодот во раната фаза на бременоста). Бидејќи формирањето на нервната цевка, како основа за целиот нервен систем, се случува во првите 3-4 недели од бременоста, суплементите дадени уште пред зачнувањето се од суштинско значење.

  1. За време на бременоста

Континуирана заштита од дефекти на централниот нервен систем (правилен развој на черепниот и  ‘рбетниот мозок на плодот)

Здрав фетален развој (правилна синтеза и метилација на ДНК, која е значајна за генската експресија и регулација за време на раниот фетален развој и овозможува правилна клеточна делба и правилно формирање на ткивата и органите). Правилниот фетален развој зависи од внесот на фолати особено во случаи на последователни бременост настанати во кус меѓу-интервал

Поддршка во развојот на ткивата и органите на нервниот систем (развојот на мозокот, формирањето на невротрансмитерите а со нив и когнитивниот и невроразвојот на фетусот –  процеси кои продолжуваат и се клучни за адаптацијата на единката во тек на годините по раѓањето)

Поддршка во енергетскиот метаболизам – Фолатите се неопходни компоненти на низата реакции на синтеза на ензими и регенерација на коензими кои се вклучени во циклусите на генерирање на енергија во клетките

Намален ризик од акушерски компликации (спонтан абортус, загуба на бременост, предвремено раѓање, прееклампсија)

Спречување на анемија – Дефицитот на фолна киселина е честа причина за анемија во бременост. Бидејќи Метилфолатот помага во производството на црвени крвни клетки и нивниот капацитет за носење кислород, помага во превенција на анемија (со тоа штити од состојби на хроничен замор кај трудницата, компликации за време на породувањето и ниска родилна тежина на плодот)

Метаболна заштита – Нивото на Фолатите е битна детерминанта на нивоата на хомоцистеин. Хиперхомоцистеинемијата (зголемено ниво на хомоцистеин во крвта) е ризик фактор за атеросклеротски промени. Овие промени на крвните садови може да резултираат со артериска хипертензија и промени во крвоснабдувањето, исхемично срцево страдање, мозочен удар и промени во централниот нервен систем. Заради артериската хипертензија која ја предизвикува  хомоцистеинот, настануваат компликации како што се – плацентарна абрупција (животнозагрозувачко одлепување на плацентата од лежиштето во матката) и предвремено раѓање. Метилфолатот работи во насока на регулирање на нивото на хомоцистеин, со што го подобрува целосното кардиоваскуларно здравје

Поддршка во одржувањето на расположението – Метилфолатот игра улога во производството на серотонин, допамин и норадреналин – невротрансмитери (хемиски посредници во нервната комуникација) кои влијаат на расположението. Некои студии укажуваат на тоа дека додатоците со метилфолат можат да помогнат во одржување и подобрување на расположението, како и да го намалат ризикот од депресија за време на бременоста и по породувањето

Како и при секој почеток на суплементација или третман на одредена состојба во организмот, потребна е консултација со лекар. Општиот матичен лекар и матичниот гинеколог се докторите одговорни за општата грижа за здравјето и благосостојбата на пациентките за време на бременоста. Пред планирана бременост неопходно е да се изврши разговор и преглед со лекарот кој ќе ја води бременоста, за да се одреди соодветната терапија, како и формата, дозата и времетраењето во кои таа терапија ќе се применува. Важно е да се има предвид дека – како и секој суплемент или лек, така и метилфолатот се отпочнува, дозира или прекинува исклучиво во консултација со лекар, за да избегнат потенцијални нусефекти, компликации од предозирање, мешање со други облици на терапија, а да се постигне посакуваниот оптимален ефект од терапијата.

Препорачаната дневна доза на метилфолат за време на бременоста ја одредува матичниот лекар, а се препорачува да се отпочне најмалку еден месец пред обидите за зачнување. За време на бременоста обично се препорачува да се продолжи со иста доза, иако специфични состојби кои лекарот ќе ги открие или претпостави како потенцијален проблем, може да бидат показател за потреба од зголемување или намалување на дозата.