Во НУ – библиотека „Гоце Делчев“ во Штип
Првите луѓе на библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип се многу инвентивни и постојано ги реализираат своите идеи за да ги привлечат најмладите во царството на книгите.
Во текот на зимскиот распуст се одржа неколкудневната зимска школа „Библиоарт 2025“, која привлече многу штипјанчиња.
Го пренесуваме дневникот на активностите, кој можеби ќе биде инспирација за други слични установи во земјава.
14 јануари
Библиотеката денеска започна со зимската школа „Библиоарт 2025“. Откако учесниците се претставија, имаа презентација за придобивките од читањето што би ги натерале да отворат некоја книга, потенцирајќи дека кој редовно чита книги секој ден учи нешто ново, со читањето го прошируваат својот речник, но и читањето ја подобрува меморијата.
Потоа одиграа Кахут-квиз подготвен за нив, преку кој научија нови интересни работи за Македонија и за светот.
Професорката Жаклина Ѓоргиева зборуваше за моралните вредности поврзани со верата и традицијата, опфаќајќи ги празниците и чествувањето на истите тие.
На крајот следуваше заедничката активност со ресурсите на Американското катче што ги нуди на библиотеката, едукативни игри и Мејкерспејс-сетови за забава, како и ВР-сетови.
15 јануари
И вториот ден од зимската школа „Библиоарт 2025“ имаше многу забавни активности во библиотеката.
Учесниците изработија додекаедрон-календар од 12 месеци, помогнати од Михаела и тимот на библиотеката што ја спроведува школата. Потоа креираа свои бајки и фантазии на веќе даден пример од една реченица, која ја дополнуваа според своите имагинации – искуства од книги и приказни.
Кахут-квизот повторно предизвика најголема радост и натпреварувачки дух кај учесниците. Преку игра научија многу за Македонија, интересни факти од светот и географијата, а на крајот сите беа победници во знаењето што го усвоија додека играа.
Завршната активност и денеска беа игрите и сетовите за забава во соработка со Американското катче.
16 јануари
Едукација, тимска работа и дружење, забава, забава и многу забава ја одбележија зимската школа „Библиоарт 2025“. Последниот ден започна со идеи и начини за реупотреба и рециклирање претставени од проф. Даница Лефкова, која потоа ги поттикна учесниците да нацртаат модели покажувајќи ги нивната голема креативност и умешност.
Библиотекарите одржаа интерактивна едукација за претпазливост со користење податоци на интернет, заштита на својата безбедност, како и едукација за самопочит и самодоверба преку игра.
Учесниците уживаа во нови Кахут-квизови и на крајот во караоке-забава и игра.
Благодарност до умните креативни учесници, предавачите на школата и до сите организатори, а на следната летна школа повторно ги очекуваме децата.