Веселин и Келтаноски-Келтано неколку години беа препознатлив прилепски голмански тандем. Предност секогаш имаше поискусниот Келтаноски, кој беше афирмиран како извонреден чувар на голот и во поранешна Југославија. И легендарниот Владимир Беара пројави интерес за „жолтата мачка“

Веселин Веско Тофоски (2)

Пишувајќи за Веселин Веско Тофоски, прилепската спортска легенда, не можам да заборавам некои зборови што ги кажа покојниот Веско, во емисијата на Наша ТВ, снимена во 2010 година. Тогаш тој, сеќавајќи се на минатите времиња, особено на оние поминати во екипата на ФК Победа, полн со емоции и носталгија ми рече: „Победа по многу нешта е различна од другите клубови. Таа е во душата на секој прилепчанец, без неа не може да се замисли животот во градот. Не знам дали и во другите градови луѓето со толкава љубов гледаат кон своите фудбалски екипи, но она што го чувствуваат прилепчани за својата Победа, тоа е нешто неверојатно“. И навистина Веско имаше право кога зборуваше или пак како новинар пишуваше за големата љубов на своите сограѓани кон клубот што им носеше среќа и радост кога ќе победеше, но и тага кога ќе загубеше, се добиваше впечаток оти вакви чувства кон својот миленик нема на други места и во други градови. Тоа беше карактеристично само за Прилеп и за прилепчани.
Сега, ќе се навратам на некои интересни доживувања од кариерата на Веско, кој беше во сенка на Келтаноски, но никогаш не се лутеше за тоа. Тој го почитуваше својот колега и воопшто не му пречеше кога тренерот ќе го издиктираше составот пред натпреварите, а во него го немаше Веско. Предност секогаш имаше поискусниот Келтано, како што го нарекуваа прилепчани.

Каде е „жолтата мачка“

Веско се сеќава на еден момент, кој особено му остави впечаток, а се однесуваше на средбата со големиот Владимир Беара, кој беше еден од најпознатите голмани во поранешна Југославија, па и во светот.
– Се случи во хотелот „Црна Гора“ во Титоград истовремено да престојуваме ние и фудбалерите на Црвена звезда. Бевме дојдени да го одиграме натпреварот со ОФК Титоград, кој беше од квалификациско значење за влегување од тогашната Четврта зона во Втората лига и кој, за среќа, го добивме и станавме второлигаши, а фудбалерите на Црвена звезда, пак, имаа прволигашки дуел со Будуќност. Така, седејќи во ресторанот, неочекувано ни пријде никој друг туку Беара. Бевме изненадени, но и задоволни зашто тој беше големо име не само на југословенскиот туку и на европскиот, па и светскиот фудбал. Но нашето изненадување беше уште поголемо кога токму тој, човекот што во тие години беше еден од најдобрите голмани во светот, дојде кај нас и нѐ праша „каде е онаа вашата ’жолта мачка’ за која зборуваат сите“? А „жолтата мачка“, всушност, беше Келтановски. Тој беше препознатлив по тоа што бојата на косата му беше жолтеникава, па, така, луѓето лесно можеа да го препознаат. Ова го кажувам за да се види што значеше нашиот Келтановски во тоа време, на југословенските простори. Кога и еден Беара се интересираше за него, тоа беше голема работа. Тоа беше доказ оти поради своите квалитети што ги манифестираше бранејќи го голот на Победа за него знаеја сите фудбалски љубители. Потоа, Беара и Келтаноски лично се запознаа и разговараа за своите кариери и за сѐ што го исполнуваше нивниот живот. Ние, пак, клупските другари на „жолтата мачка“ бевме среќни и горди што легендарниот Беара со почит гледаше кон нашиот голман – вели тој.
Ова беше едно сеќавање на Веско Тофоски за својот колега, со кого го бранеше голот на Победа, кога таа навистина значеше нешто за македонскиот и југословенскиот фудбал.

Славење со пиво во Градската кафеана

Повторно ќе споменам оти Победа е карактеристична по многу нешта. Таа беше екипа што можеше секого да изненади. Можеби тоа беше причина што кога играше дома, особено против посилните ривали, на стадионот „Гоце Делчев“ имаше и повеќе од 20.000 гледачи. Според пишувањето на новинарите, особено оние што известуваа за настапите на Победа во Прилеп, најмногу гледачи имало на натпреварот помеѓу Победа и Вардар одигран во 1960 година. Тоа претставувало вистински спектакл, за кој пишувале речиси сите весници во поранешна Југославија. На тој начин, со рекордната публика и добрите игри, Победа ги освојуваше симпатиите не само кај домашната туку пошироко и кај југословенската публика. Токму во тоа беше големината на прилепскиот клуб, кој околу себе анимираше голема маса луѓе, кои и не беа прилепчани, ама некако потајно си навиваа за неа. Впрочем, тоа е истакнато и во пишувањата за Победа од перото на Веско Тофоски, како што е и ова што следува: „Кога ќе победевме, тоа се славеше насекаде во градот. Ние, пак, фудбалерите, редовно одевме во Градската кафеана во центарот на градот, каде што бевме пречекувани со насмеани лица од нашите навивачи, за потоа да следува честење со пиво. Тоа стана традиција, која долго време се негуваше. Сите знаеја оти по победите, ние сме тука во Градската кафеана. Инаку, ако се случеше да загубиме, од срам по два-три дена не излегувавме оддома. Тешко ги поднесувавме поразите, зашто знаевме оти истата тежина ја чувствуваат и нашите навивачи“, пишува Веско, сеќавајќи се на тоа убаво фудбалско време.

Засрамени и понижени од Партизан

Но не одеше сѐ така мазно во животот на Победа. Се случуваше не само да се загуби меч туку и да се доживее тежок пораз.
– Еден од таквите беше оној со Партизан во четврт-финалето на Купот на Југославија во Белград. Јас бранев од почетокот, времето беше студено, морничаво, а сето тоа придонесе да имаме чувство како да сме „замрзнати“. И токму така изгледавме, Партизан почна фуриозно. Јас до 28-та минута бев најдобар поединец и ги одбранив сите удари. Но во таа минута ја повредив раката и веќе не бев во состојба да бранам во ист стил. Бранејќи со една рака примив дури шест гола. За малерот да биде поголем, се разигра и најдобриот фудбалер на домашните Лина Михајловиќ, кој беше незапирлив. Тој се закануваше од секоја позиција, шутираше, а јас само немоќно стоев меѓу стативите и ги броев головите на „црно- белите“. Така броејќи стигнав до шест. Не можејќи веќе да издржам, на полувремето останав во соблекувалната, а бидејќи претходно беше извршена една измена, немавме право за следна замена, па, така, на голот застана Илија Димоски. Тој се трудеше колку што можеше, но и тој беше немоќен да ги запре разиграните партизанови напаѓачи, па во вториот дел домаќините постигнаа уште пет гола и го заокружија резултатот на 11-0. На тој меч бевме навистина понижени и засрамени. Ова белградско фудбалско попладне никогаш не можев да го заборавам. Никој не можеше да верува во она што ни се случи, но, за жал, таква е вистината, доживеавме вистински бродолом – пишува во книгата Веско.
За разлика од овој меч, пак, еден од натпреварите што ги памети и за кој пишува во книгата Веско Тофоски бил дуелот со Морава од Јагодина (тогашно Светозарево). Со оглед на фактот што овој натпревар бил од клучно значење дали Победа ќе се пласира во Втората сојузна лига или ќе остане во Четвртата зона, прилепчани го одиграле на највисоко ниво. Најрасположен поединец бил Крстески, кој правел дар-мар во противничката одбрана и постигнал четири гола, за конечниот резултат да биде 5-1 за прилепчани. Тоа бил најрадосниот момент за фудбалерите и за симпатизерите на Победа, на кој Веско бил на голот и немал многу работа, зашто Победа заиграла неустрашливо и офанзивно.
– Ова беше еден од моите најрадосни моменти во дресот на Победа – ми велеше Веско во емисијата што ја снимив со него во 2010 година, а беше посветена на македонските спортски легенди.
Чувствувајќи оти е дојден крајот на неговата кариера, тој во натпреварувачката сезона 1962/1963, против Вардар од Неготино го одиграл својот проштален натпревар. Потоа се посветува на својата работа како професор, а во настојувањето многу работи од спортската историја на Прилеп, особено фудбалската на Победа, да не бидат заборавени продолжува како хроничар и публицист да ги бележи најзначајните настани, за потоа тие да бидат достапни до пошироката јавност. Тофоски има големо значење и заслуга за афирмацијата на прилепскиот спорт како новинар дописник на „Вечер“, а и на други југословенски весници. Своето новинарско искуство го пренесе и во весникот „Народен глас“, во кој ги обработуваше темите врзани за својот град. На тој начин, покрај фудбалскиот, Веселин Веско Тофоски остави еден голем новинарски опус.