Класичниот шах е добар, а теоретски многу значаен, но затоа брзиот шах е поинтересен за широката публика и тој има своја иднина, вели рускиот ВМ Артемиев, учесник на ЕП во Скопје, а македонскиот ВМ Јаќимовиќ вели: „За широките маси е поинтересен брзиот шах, но не гледам оти интересот за класичниот би опаднал“
Последните случувања со мечот за светски шаховски првак помеѓу старо-новиот шампион Магнус Карлсен и предизвикувачот Фабијано Каруана, кој во регуларниот тек од 12 партии заврши без победник 6-6, па мораше да се играат дополнителни партии со забрзано темпо на игра, предизвика многу коментари во шаховските кулоари, за тоа каква е иднината на класичниот шах и дали треба да има некои промени во мечевите за светски првак. Ја искористивме шансата да слушнеме размислувања на неколку врвни шахисти, кои се дел од Европското првенство (ЕП) во брз и во забрзан шах, што до недела се одржува во Скопје.
– Класичниот шах е добар, а теоретски многу значаен, но затоа брзиот шах е поинтересен за широката публика и тој има своја иднина. За мене 12 партии се малку за да го дадат светскиот првак, подобро е 16, оти во тој случај не ќе мора многу и да се ризикува. Тајбрејкот е добра солуција, но за да биде поинтересно, нешто треба да се смени – вели рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев, рангиран прв пред ЕП.
Азербејџанскиот ВМ Рауф Мамедов, рангиран втор во Скопје, смета дека 12 партии, сепак, се доволни за да се добие светски првак.
– Забрзаниот шах е многу поинтересен од класичниот, оти не може секој да следи партија долга пет часа, но затоа класичниот шах си има друга, поквалитетна димензија. Дванаесет партии сметам дека се доволно за меч за титула светски првак, оти ако има повеќе, тогаш ќе биде и понапорно, а згора и квалитетот на играта ќе падне – смета Мамедов.
За Чехот Давид Навара, моментно рангиран 21-ви во класичен шах во светот, светскиот првак би требало да се добива турнирски.
– Можеби забрзаниот шах би победил во иднина, но не сум сигурен. Тајбрејкот е добар, оти во спротивно би можело мечот за светски првак да се одолжи. Можеби е добро идниот светски првак да се добива по пат на турнир од 14 кола на кој би играле повеќе шахисти – вели Навара.
За поранешната светска првенка, Бугарката Антоанета Стефанова, и забрзаниот и класичниот шах имаат свои минуси и плусови.
– Во брзиот шах има повеќе грешки, но затоа е поатрактивен за гледање. Во принцип ми одговараат партии со побрзи временски контроли. Колку и да има партии, сепак, треба мечот за светски првак да заврши, а тајбрејкот, според мене, не може да се избегне ако е нерешено – вели Стефанова.
Според македонскиот ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, Каруана го изгубил мечот од Карлсен, но само во забрзан шах.
– Како и во шахот, така и во атлетиката има дисциплини на 100, 200, 400 метри што се почитувани. За широките маси поинтересен е брзиот шах, но не гледам оти интересот за класичниот би опаднал. Каруана го изгуби мечот, но во забрзан шах. Ова, сепак, е малку дискутабилно оти во регуларниот дел резултатот беше нерешен. Тоа што е градено 20 дена се загуби во еден ден. Според мене, поправедно би било да се каже дека Карлсен остана првак со нерешено, но Каруана не го загуби мечот, туку само дополнителниот тајбрејк. Тоа е исто како да трчате маратон од 40 км, на кој нема победник и сега ќе морате да трчате 400 метри за да се реши победникот – коментира Јаќимовиќ.
За Србинот Иван Иванишевиќ, светски првак во иднина треба да се добива турнирски.
– Точно дека нешто треба да се направи за шахот да стане поинтересен за народот, оти многумина не би гледале шах повеќе од пет часа. Ако не се решава со тајбрејк, тогаш сигурно и светскиот првак би играл поинаку. Можеби е добро во иднина светскиот првак да се добива турнирски, каде што тој би покажал дека е најсилен од преостанатите учесници на турнирот – смета ВМ Иванишевиќ.