Кон поетската збирка „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, во издание на „ПНВ Публикации“, Скопје, 2024

Рецензија

Еден од највдахновените и најетерични цитати за поезијата е оној на Оскар Вајлд што вели: „Поетот е врховен уметник, бидејќи тој е господар на бојата и на формата, а покрај тоа, и вистински музичар, господар е и над целиот живот и сите уметности“. Во овој етер, во оваа широка и инспиративна реченица се крие предаденоста на поетот на стихот и на неговата форма. Поетот може да го формулира стихот во зависност од неговите фантазми и талентот, неговиот израз е еквивалентен на острината на мислата, на фигурата што е напати негов страв, но и духовно опстојување. Поетот ја одбира формата на изразот во зависност од поривот и од потребата да остави зад себе енергија што ќе ја почувствуваат читателите и ќе ја претворат во нишка од нивната животна филозофија. Новата енциклопедија на универзитетот „Принстон“ за поезија и поетика, за поезијата во проза вели дека таа е „единство дури и во краткоста и поетскиот квалитет дури и без раскршувањето на линијата на слободниот стих: висока шема, ритмичко и фигурално повторување, постојан интензитет и компактност“. Поетските водопади во новата поетска збирка на Јулијана Величковска, „Рајсфершлус“, се одликуваат токму со тоа: постојан интензитет и компактност. Оваа поетска збирка во форма на прозни делници го крие стихот како страковите густа трева во ледина создавајќи една органична боја што читателот го наведува да потоне во мултизначноста на секоја песна. „Рајсфершлус“ уште со самиот наслов наметнува една чудесност од која не можеме (а и не сакаме) да се ослободиме во текот на целото дружење со овие стихови. Таа чудесност нѐ задржува во треперлива левитација за зборовните врутоци да можеме и да ги дистанцираме, а и да ги метаболизираме прво во своите впечатоци, а потоа да ги вградиме во своето животно искуство.
Поетската збирка е поделена на четири дела: „граматички игри“, „антибајки“, „граница на подвоеноста“ и „ѕидови“. Оваа поделеност можеме да ја сфатиме и како живот, но и како битка. Битка со секојдневието, со склоностите, со ангажманот, со ранливоста, со обесхрабреноста, а можеме да ја помножиме и со моделите од кои пораснала нашата книжевна реалност, но, сепак, на крајот ќе се навратиме на сивите и неизбежни егзистенцијални мисли со кои секој ден се поздравуваме и се укоруваме дека сме им дозволиле да надвладеат со нас и да ни ги побркаат сметките. Секако, овој многу загадочен, но совршено привлечен поетски ракопис ќе го постелиме пред сите што дошле и си заминале од нашиот живот, оформувајќи го во нашите мисли и занесености токму таков каков што е: непредвидлив, неподнослив, допадлив, сакан, омразен и извонредно потребен ЖИВОТ!
Овој дел има четири песни во проза како четири вестители што ни ги нарамуваат логовриежите за да се сетиме дека денизден се изразуваме за да се поразиме или за да се одразиме. Овој дел нѐ пленува со зборовни вертикали што Бекет успеал да ги повлече во прозата која е мачна и студена, но е неверојатно вистинита, па тој ја нарекува „важен напис“. Онака како што тој во своите дела успеал таа зборовна вертикала да ја врами во една многу остра и девастирачка проза, Јулијана Величковска во овој дел успеала таа водопадна граматика (или барем нејзините одблесоци/искри) да ја исцеди во поетска структура што е без наслов и без крај, зазбивтан, затрчан, без здив, истоштен стих што нѐ предупредува, нѐ навраќа на она наше детско „да, да“ и нѐ повлекува кон милоста на закопаните фигури расфрлани како измешано домино.

Она што таа во вториот дел го нарекува „антибајки“ се поетски монолози што нѐ потсетуваат на една многу важна прозна тирада на големата австриска прозаистка и драмска писателка Елфриде Јелинек: „Секој ден умира некое музичко дело, расказ или поема затоа што неговото постоење веќе не е оправдано во нашето време. А работите што некогаш се сметаа за бесмртни, повторно станаа смртни, никој веќе не ги знае. Иако заслужуваат да преживеат“. Нашите детски воодушевувања и занесености оваа талентирана поетеса ги претвора во црни истории коишто како да се топат во нашите очи и да ни ги враќаат поморите на замрените прослави и наместените насмевки. Овој дел е посветен на есенцијалните хероини: Малата Сирена, Венди, Снежана, Пепелашка, Црвенкапа, Василиса Прекрасна итн.
Во овој дел Јулијана Величковска се навраќа и на родовите аспекти модернизирајќи ги алатките на несреќата на овие хероини на нашето детство, осиромашувајќи им ги занесите како што всушност и прави ова време без чувства, како што всушност прави и промискуитетниот и неромантичен дваесет и први век. Овој дел е еден вид огледало на столетието, кое, за жал, уште на својот почеток излетало од својот колосек и ни понудило страст наместо љубов. Таа љубов поетесата ја остава некаде долу, во ткивото на текстот, формирајќи еден слој што е „скриен како честичките во времето“, слој што не можеме да го разбереме затоа што многу нешта од своето битисување ќе ги однесеме со нас во гробот никогаш необјаснети и неразбрани. Нејзината жена (девојка), соѕидана од констернираноста на овие монолози наречени „антибајки“ не нѐ предупредува. Тие ни го соголуваат скриеното непочитување на човечкото духовно тело и нѐ повикуваат на постојаност за и самите тие да се вратат во романтичноста на своите сижеа каде што ќе бидат „главни на балот“ и нема да им биде потребна „доза допаминче“.

Во оваа исклучително чудна констелација третиот дел озаглавен како „границата на подвоеноста“ говори за тенката и невидлива линија на лудоста, она што не може да се дијагностицира, затоа што е она „неизлечивото“ што го носиме во нас и си го подаваме со секој оној што ќе влезе во нашиот видокруг за ништовноста да ни биде благослов, а неодреденоста доверба. Величковска во овој дел од поетската збирка нѐ поведува на едно патување коешто по излитените хероини нѐ потсетува на тоа дека смртта има своја форма како што ја има и стихот и дека „прозаичноста“ е само вулгарна обесхрабреност на човекот чија животна супстанција се намислените стравови…
Повторно ќе се навратам на Семјуел Бекет, кој во едно од своите прозни дела вели: „Ти си на Земјата. И нема лек за тоа“. Во овој дел од поетската збирка поетесата нѐ наведува да веруваме во контроверзиите не како случајност и судбина, туку како предизвик и, се чини дека, во толкувањето на овие нејзини стихови во проза, ќе ја најдеме токму таа цивилизациска определеност од каде што всушност започнува и љубопитноста: нам како хомо сапиенси и ним како хомо луденси. Кои се тие? Матните наши слики во огледалата што само заради нашата двосмисленост се свртиле и си заминале, а без слика во огледалото и без сенка сме безлични какви што можеби и ќе постанеме.
„Ѕидови“ е последниот дел од овој многу интересен поетски ракопис којшто погледнува малку од другата страна и безуспешно се обидува да ги преброи остатоците од светот што е на замирање. Читајќи ги овие „прозни стихови“ ви легнува согледбата зошто оваа поетска збирка се вика „Рајсфершлус“. Заради цикличноста на судбините чие проклетство е во тоа секогаш да ги преживуваме како нови… На другата страна е само нашата надеж. Веројатно. Но ние се крстиме на нашето секојдневие затоа што само тоа може да ни го опипа пулсирањето и да нѐ детектира на најобичен, наједноставен начин. Пикасо вели дека „уметноста ја брише од душата прашината на секојдневниот живот“. И тоа е, се чини, вистинската формула за значенската шема на последниот дел од оваа поетска збирка. Јулијана повикува на таа „срцева меморија“ за да се сети/да нѐ потсети на минливоста како најнеизлечив темпорален вирус и да нѐ остави сами да си го одживееме она што ни останало – или можеби не ни останало. И како што големиот Семјуел Бекет во својот роман „Неименливото“ вели: „Мораш да продолжиш. Јас не можам да продолжам. Јас можам да продолжам“.
Поетската збирка „Рајсфершлус“ ни ја подарува контрастноста како цвет со безбојни латици за самите да си ја нацртаме нашата радост. Јулијана Величковска во ова нејзино дело не повикува на резигнација и очај. Таа ни ја буди емпатијата за да си ја заспиеме самозадоволноста, нѐ покрива со стравот, за да се разбудиме со верата, а темната завеса на реалноста ни ја отвора за веќе да не се смееме на себеси, за да почнеме циклусот што не го чувствуваме, а го живееме, сепак, некако да го разбереме. Можеби така ќе нѐ биде. И ќе нѐ има.

Сашо Огненовски