Еврејските пророци го предвидоа Александровото доаѓање!

При доаѓањето во Ерусалим, Александар се поздравил најпрво со Јадуа, а потоа и со другите свештеници и првенци на градот. Притоа Јадуа му се обратил на Александар: „Не е никакво чудо што си ме видел насон. Нашите еврејски пророци Тебе Те здогледале и Те познавале одамна, уште пред да се родиш. Тие дури и го објавија твоето доаѓање…“

Записи на Анте Поповски за Александар Македонски во Ерусалим (1)

Анте Поповски (Лазарополе, 1931 – Скопје, 2003), македонски поет, есеист, препејувач, публицист и политичар. Член на МАНУ. Се вбројува меѓу великаните на македонската книжевност и е еден од најистакнатите македонски поети од втората генерација. Бил генерален директор на НИП „Нова Македонија“ во периодот од 1970 до 1973 година. Во своите избрани дела од 1996 година ја објавил книгата „Окото, Светлините“. Книгата, преобјавена во 2008 година, всушност е составена од литерарно-историски записи од неговата посета на Израел, на светата библиска земја. Покрај поетскиот, прекрасен раскажувачки стил, записите изобилуваат и со низа историски податоци, вистински настани и легенди. Десетина страници од книгата се посветени и на дел од духовните настани во деновите кога во Ерусалим пристигнал Александар Македонски со своите војски.

Не постои град во светот што во својата долговековна историја бил сведок на толку многу ужаси, колежи и погибии – како што е тоа примерот со Ерусалим. И не постои, исто така, историја на град што толку детално и прецизно ги запишала трагите за тие настани. Не случајно: еврејскиот народ е народ втемелен во писмото, на писмото се потпира и низ писмото ја довикува и ја прорекува и својата судбина. Записите и легендите и за Александар Македонски и неговите походи се составен дел од пишуваната биографија на овој град.
Во 332 г. пр. н.е. Александар го презел походот од Египет кон Азија. Уште во текот на опсадите на Тир и на Сидон, Александар решил да завладее и со Ерец, Израел, со Палестина. Самарјаните, северниот дел на Израел, веднаш му ја изразиле својата поддршка, но затоа, пак, со Јудеите, кои ги населувале Ерусалим и јужниот дел на Израел – не се случило тоа: имено, тие со заклетва биле обврзани кон персискиот цар Дариј, кој, заедно со своите претходници, по поразите што им ги нанеле на Асировавилонците, им допуштиле да се вратат во својата земја на илјадниците еврејски робови од Вавилон и да го возобноват својот храм разурнат од Навуходоносор. Евреите на Ерусалим го известиле Александар: „Нашиот првосвештеник Јадуа, кој нас нѐ управува, во наше име му даде заклетва на царот Дариј дека никогаш нема да кренеме рака против него. А како да кренеме рака на оној што ни даде право да се вратиме од прогонството во Вавилон и кој ни овозможува одново да го подигнеме нашиот храм,кој ни го разурна Навуходоносор?“
Огорчен и гневен, веднаш по заземањето на Тир, Александар ги повел своите војски и на Ерусалим, Јудеите биле уверени дека им е дојден крајот. Паника и страв завладеале меѓу ерусалимците, кои ги напуштале своите домови и се засолнувале во и околу нивниот храм. Нивниот првосвештеник Јадуа му се обратил на народот и наредил по сите улици на градот да се расфрла цвеќе, да се отворат сите врати и прозорци на домовите и да не се плашат од Александар, храбрејќи ги дека големиот крал ќе ја сфати нивната морална ситуација. Јадуа на сите свештеници им заповедал да ги облечат своите свечени орнати, а народот – во бели облеки. Самиот на главата си ја ставил најсвечената тијара, облекол небесносин петрафил украсен со златни орнаменти, го зел златниот нож на чие сечило било изгравирано името на нивниот неименлив и неословлив бог, застанал на чело од огромната поворка и ја повел пред ѕидиштата што го опколувале градот.

Притоа дошло до легендарната епизода што се одиграла пред древните ѕидишта на Ерусалим: Александар кога ја здогледал таа величествена слика, тие огромни толпи преплашен народ со запалени борини среде бел ден, стотиците свештенослужители и црковни првенци на чело со Јадуа – се вознемирил: слегол од коњот и застанал како скаменет. Заповедал да му се приближи патријархот Јадуа. Убаво го одмерил и, на големо изненадување на сите, вклучувајќи ги и неговите генерали – длабоко му се поклонил на Јадуа: „Не му се поклонувам на свештеникот – рекол Александар потоа, туку му се поклонувам на оној Бог чиј пророк е точно овој свештеник! Точно неговиот глас, неговата става, неговите очи и неговата брада, точно овој старец ми дојде насон уште кога бев во Македонија и ми предвести дека и неговиот Бог ќе застане на чело на моите војски и заедно со него дека ќе го победам царот на Персија“.
Александар се поздравил најпрво со Јадуа, а потоа и со другите свештеници и првенци на градот. Притоа Јахуа му се обратил на Александар: „Не е никакво чудо што си ме видел насон. Нашите еврејски пророци Тебе Те здогледале и Те познавале одамна, уште пред да се родиш. Тие дури и го објавија твоето доаѓање…“
Тогај Александар го поткренал стариот жрец, кој коленичел пред него, и водејќи го под рака, влегле во Ерусалим придружувани од свештениците и од огромниот народ што одел зад нив. Александар прошетал по улиците на Ерусалим не како негов освојувач, туку како негов искрен пријател – и на градот и на неговите граѓани, а потоа се упатил кон Еврејскиот храм за да му принесе жртва на еврејскиот бог. Јадуа тогај ги отворил страниците на светите книги и заповедал, на Александар и на неговата свита да им бидат преведени пророштвата во визиите на еврејските пророци од времето на вавилонското ропство, кои го предвиделе доаѓањето на историската сцена на Александар Македонски како апсолутен победник и најголем воин на сите времиња. Овие пророштва биле запишани повеќе од два века пред да се роди Александар.
Според нашиот истакнат библист д-р Ѓорги Поп Атанасов, „за првпат во Библијата, во вид на пророштво се спомнува за Александар Македонски во книгата на пророкот Даниил (7,6). Во оваа библиска книга Александар Македонски се споредува со леопард со четири крилја и четири глави, коишто по секоја веројатност се предзнак за распаѓањето на македонската империја на четири одделни царства“.

Еве некои пророштва од книгата на пророкот Даниил:
– И во епохата на Крајот, кралот на Северот како виор ќе се спушти кон кралот на Југ, со коли, со коњици и со многубројни бродови и како порој ќе поплави и ќе продолжи;
– И ќе навлезе во најубавите земји и многу ќе покори, но од неговите раце следниве ќе се избават: Едон, Моав и повеќето деца на Амон;
– И ќе стави рака на многу земји, та и земјата Мисирска нема да му куртули;
– Ќе стане господар на злато и на сребро и на сите драгоцености на Египет и Либија, а Етиопјаните ќе го придружуваат;
– Вестите од Север и од Исток ќе го потресат и со голем гнев тој ќе тргне да ги погуби и сотре сите;
– И ќе ги распне шаторите на дворецот свој меѓу морињата на Светата земја и сѐ ќе заврши без ничија помош…
(Книга на пророкот
Даниил, 11:40 – 45)
Читањето на овие пророштва во храмот во Ерусалим го израдувало Александар, та утредента тој ги известил првенците на Ерусалим на чело со Јадуа дека им допушта слобода да си ја извршуваат својата власт, да си ги почитуваат верските обреди и традиции според каноните и принципите на нивната вера: „Она што е свето за вас – од овој час станува свето и за мене!“, им рекол Александар. Ете жив пример врз какви принципи ги темелел своите етички становишта човекот што копнеел да ги обедини Исток и Запад, да го обедини светот.

продолжува