И покрај завршувањето на големиот транзитен договор за гас, Европа со висок интензитет купува руски гас и во 2025 година
Европа купува руски гас со невидена стапка во 2025 година, трошејќи милијарди долари. Ова се случува и покрај тоа што само пред неколку недели заврши големиот транзитен договор со Москва. Реномираниот „Политико“, анализирајќи ја оваа тема, нагласи дека ЕУ и Брисел имале „големи надежи дека Европа може да ја прекине зависноста од Москва“.
Во првите 15 дена од 2025 година, 27 земји на Европската Унија увезле 837.300 метрички тони течен природен гас од Русија
Податоците собрани од фирмата за разузнавање стоки „Кплер“ (анализирани од „Политико“) откриваат дека во првите 15 дена од 2025 година, 27 земји на Европската Унија увезле 837.300 метрички тони течен природен гас од Русија. Тоа е рекордно високо ниво, од 760.100 тони донесени во истиот период минатата година. Бројките се откриваат во јавноста откако на 1 јануари заврши историскиот договор со кој ѝ се дозволува на Русија да транспортира гас во ЕУ преку цевководи што минуваат низ Украина, при што Киев рече дека нема да преговара за продолжување. Неколку земји, вклучувајќи ги и Словачка и Унгарија, беа зависни од рутата што минува низ Украина за снабдување со енергија. Токму тие се залагаа за обновување на договорот, предупредувајќи дека ќе мора да платат поскап ЛНГ доколку дојде до прекинување на снабдувањето преку гасоводот од Русија. Словачкиот премиер Роберт Фицо дури се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина и ќе ја намали поддршката за бегалците доколку Киев не отстапи и не дозволи транзитот да продолжи.
Прекинот на договорот не го спречи големиот апетит на Европа за руски гас
За јавноста, Чарлс Костерус, висок аналитичар на ЛНГ во „Кплер“, анализира дека за големиот апетит на Стариот Континент за природниот гас како енергент влијаат низа фактори, што сега интерферираат и се вклопиле во една голема причина за потребите на гасот од Русија.
– Има студено време од втората половина на декември; производството на енергија од ветер не е на највисоко ниво. Значи, постои апетит да се одржуваат овие томови – рече тој.
Тој додаде дека 95-96 отсто од рускиот ЛНГ што пристигнува во Европа доаѓа од фабриката „Јамал“, огромна постројка во ледениот северен Сибир.
– Поголемиот дел од тие количества се со долгорочни договори. Значи, не е како ЕУ да купува дополнителни контингенти, туку оние договорени количества што доаѓаат – рече тој.
Од друга страна, Ана-Каиса Итконен, портпаролка на Европската комисија (ЕК), изјави дека „напорите за истиснување на уделот на Москва во увозот на јаглен, нафта и гас веќе ја намалиле контролата на Русија врз европскиот енергетски систем“. Но, сепак, таа призна уште еден факт.
– И покрај овие значајни резултати, руската енергија – особено гасот – сè уште е присутна во ЕУ, а увозот на гас од Русија се зголеми во 2024 година, вклучувајќи го и увозот на ЛНГ. Тоа предизвикува сериозна загриженост – призна таа, посочувајќи на Европската комисија.
Десет држави од ЕУ повикуваат Унијата да го запре и рускиот ЛНГ
Десет земји од ЕУ го повикуваат Брисел, односно Европската комисија и ЕУ во целост, да го санкционира рускиот ЛНГ, кој годинава бил „купен во огромни количества откако Москва почна да ги затвора испораките на гасоводот“.
– Треба да направиме понатамошни напори и голем скок за да се справиме со зголемениот увоз на руски течен природен гас. Како крајна цел, неопходно е да се забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно поскоро – велат неименувани претставници од десетте земји членки на ЕУ, обраќајќи се до Брисел. За потсетување, ЕУ исто така е под притисок да купи повеќе гориво од Соединетите Американски Држави. Претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, веќе ја поддржа идејата за купување повеќе американско гориво за да се искорени руската алтернатива.
Зошто да не го замениме со американски ЛНГ, што е поевтино за нас и ги намалува нашите цени на енергијата? Тоа е нешто за кое можеме да влеземе во дискусија, исто така станува збор за нашиот трговски дефицит – рече таа во ноември. Е.Р.
Исклучително интересна е информацијата што беше лиферувана деновиве во јавноста во која се наведува дека „Романија означува ризик за национална безбедност“ доколку ѝ продаде своја енергетска компанија на Унгарија
Земјите членки на ЕУ со меѓусебно намалена заемна доверба
Романија не сака да ѝ продаде свој енергетски провајдер на Унгарија
Романското министерство за енергетика предупреди на висок „национален безбедносен ризик“ поврзан со потенцијалната продажба на локалниот енергетски провајдер Е.ОН (Е.ON Energie) на унгарската МВМ. Процената дека зделката е од „безбедносен ризик“ произлегува од заклучоците на Букурешт дека купувачот Унгарија има „врски со Русија“.
Имено, продаваната Е.ОН од Романија е еден од најголемите испорачатели на гас и електрична енергија во Европската Унија, опслужувајќи околу 3,4 милиони корисници.
Од друга страна, купувачот „МВМ груп“ е главен снабдувач на енергија во Унгарија, компанија во стоотстотна државна сопственост, рангирана како шеста во Централна Европа, и сака да го купи одделот за снабдување со гас и електрична енергија на романската фирма.
Според извештаите во медиумите, официјален Букурешт посочи дека „по ригорозни анализи, идентификувале повеќе можни ризици што би можеле да влијаат на романската национална безбедност“! Според таквиот заклучок на официјален Букурешт, беше предупредена и Европската комисија (ЕК) за таа да ги прегледа и претресе „директните странски инвестиции, која вклучува претставници од романските тајни служби и има право на вето на трансакцијата“, при што се додава дека „во однос на врските со Русија, Министерството за енергетика на Романија верува дека унгарски МВМ има широки комерцијални односи со ’Газпром’ и ’Росатом’, преку кои Унгарија одржува голема зависност од Русија за природен гас и нуклеарна технологија“. За издвојување е дека во соопштението за печатот на романското министерство за енергетика пишува дека „во унгарската компанија се идентификувани и елементи на одлучувачко влијание, контрола во сенка, влијание на економската зависност и ефективна контрола. Другите ризици вклучуваат давање пристап до базата на податоци на компанијата, вклучувајќи ги и личните податоци на над три милиони граѓани на ЕУ, на „ентитет што не е членка на ЕУ“.
Накратко, Министерството стравува дека доколку продажбата се реализира, Русија би можела да добие пристап до информациите на E.ОН.
Министерството за енергетика ќе ги искористи сите правни и институционални лостови да биде спречена продажбата
Министерот за енергетика Себастијан Бурдуја јавно објави писмена реакција во која тој лично ја истакнал својата загриженост до Европската комисија (ЕК), истакнувајќи ги ризичните елементи што ги идентификувал во трансакцијата. Според него, договорот за продажба ја оставил отворена можноста романскиот снабдувач на енергија подоцна да му биде продаден на субјект надвор од ЕУ, што би можело да го олесни индиректниот трансфер на контролата на економските или политичките субјекти што не го почитуваат европското законодавство. Тој повтори дека негов единствен интерес е заштита на безбедноста и енергетската независност на Романија и дека ќе продолжи да го почитува тоа во својата улога како министер. Според Бурдуја, Министерството за енергетика ќе ги искористи сите правни и институционални лостови за да се осигури дека енергијата произведена во Романија е приоритетна за Романците или за оние што сакаат да стават крај на „токсичната уцена од Истокот, која предолго ја држеше Европа заробена“. Е.Р.