Да се намалат административните пречки и сите останати бариери за трговија во земјите од регионот, порачаа учесниците на меѓународната конференција што ја организира Паневропската унија на Македонија. Тие ја нагласија улогата на бизнис дипломатијата, нарекувајќи ја мост што ги поврзува економските и политичките интереси, но укажаа и дека членството во ЕУ од економски аспект носи голем број бенефиции, како и обврски.
– Современата дипломатија еволуираше, од екслузивна активност меѓу државите, во процес што вклучува различни актери како приватните компании, корпорациите, невладините организации и други засегнати страни. Иако државите и меѓународните организации остануваат носители на формалните дипломатски активности, останатите актери играат се поважна улога во меѓународните односи, придонесувајќи многу преку неофицијални канали и активности како јавна дипломатија, културна размена и економска соработка – рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во воведното обраќање.
Како што напомена Муцунски, современата бизнис дипломатија е платформа каде економските цели како привлекувањето инвестиции и промоцијата на трговијата се инетегрираат со политичките интереси за стабилност и развој.
– Компаниите преку своите активности можат да поттикнат дијалог, да ги намалат геополитичките ризици и да промовираат мир преку економска поврзаност. Истовремено, дипломатските мисии играат витална улога за поддршка на домашните фирми, промоцијата на инвестициите и унапредувањето на економските капацитети. Тие имаат и значајна улога во олеснувањето на меѓународната деловна експанзија, помагајќи им на компаниите да ги идентификуваат деловните и инветсициските можности во странство и да им асистираат во влегувањето и навигацијата на странските пазари. Токму овие активности ја нагласуваат важноста на бизнис дипломатијата како инструмент за интеграција на економксите и политичлките интереси, создавајќи нови можности за раст и развој на националните економии – истакна министерот.
Тој ја потенцираше клучната улога на бизнис дипломатијата во промовирањето на мирот и економските придобивки.
– Во свет на зголемена глобална поврзаност и економска меѓузависност, бизнис дипломатијата станува важен инструмент за зајакнување на економската стабилност и зацврстување на меѓународните односи. Еден од клучните елементи за успешна бизнис дипломатија е меѓусекторската соработка на Владата, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, односно нашиот инклузивен пристап, со кој создаваме услови за зголемена конкурентност, иновации и одржлив развој – рече Муцунски.
Во тој контекст ги нагласи и проширените ингеренции на Министерството по интегрирањето на новите надлежности во делот на надворешната трговија и новата обврска која, како што напомена, е фокусирана на промоција на извозот, привлекувањето странски инвестиции, застапување на економските интереси на државата и поддршка на македонското стопанство.
– Токму во оваа насока се и последните законски измени со кои Министерството за надворешни работи стана Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, со што официјално ги презедовме надлежностите во делот на креирањето политики поврзани со странските инвестиции и надворешната трговија – рече Муцунски и додаде дека, согласно тоа, преку засилена активност на дипломатско-конзуларните претставништва, во согласност со владините приоритети, во следниот период активно ќе се работи на остварување на овие економски цели, а со тоа и на забрзување на економскиот развој на државата.
Според Карло Реслер, пратеник во Европскиот парламент и претседател на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – С. Македонија, земјите од Западен Балкан и ЕУ се силно поврзувани и меѓусебно зависни, особено кога станува збор за трговијата.
– Повеќе од 70 проценти од трговијата на регионот доаѓа и оди кон ЕУ, а со Кина изнесува само 10 отсто што дава јасна слика за зависноста меѓу ЕУ и Западен Балкан. Минатата година се усвои и клучниот План за раст за Западен Балкан кој ја засилува заложбата кон проширувањето – потсети Реслер.
На конференцијата „Бизнис дипломатија – начин за раст на економијата и меѓународната соработка“ зборуваа и амбасадорот Андреј Лепавцов, претседател на Паневропската Унија на Македонија, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, како и генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ.
Баришиќ упати јасна порака дека Македонија е подготвена за брзо почнување на преговорите за членство во ЕУ, како и дека е неоправдан едностраниот пристап што на земјата и го порекнува правото на свој јазик и идентитет, алудирајќи на Бугарија.
Николоски се осврна на реализацијата на инфраструктурните проекти. Рече дека очекува рекорден број странски инвестиции. Најави деветта авиолинија во земјава за што, рече, веќе добил потврда иако не откри за што станува збор, како и и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром.
– Пред нас имаме стабилна економска година. Отворени се 42 километра експресни патишта, а во следните три месеци очекувам отворање на уште десет километри – нагласи Николоски.
Во рамки на конференцијата се одржаа два панела: „Бизнис дипломатија – алатка за зајакнување на економијата и стабилноста“ и „Инфраструктурните предизвици наспроти економскиот развој“.