Над 150 кумови од селата во Кичевско со осветената вода и со крст украсен со сребрени парички и црвено – бел конец, в сабота ќе ги обиколат маалата кои припаѓаат на нивниот крст и ќе ги поканат локалните жители да бидат нивни гости за големиот верски празник Водици.
Традиција на прославата на Водици во повеќето села во Кичевско ги враќаат во родните села и некогашните жители, за уште еднаш да се потсетат на традицијата на одбележување на овој голем верски празник, кој побуди голем интерес и кај научната фела, бидејќи во овој регион изминатите години водичарските традиции ги проучуваа и професори од еминентни универзитети од Полска, Унгарија и од други земји.
– За големиот верски празник Водици, в сабота со почеток во 3 часот наутро ќе има Богојавленски водосвет за кумовите од селата. На 19 јануари ќе биде одржана утринска Богослужба со почеток во 7:30 часот, додека половина час подоцна ќе се одржи и Света Божествена Литургија по што литијата ќе се упати на градскиот базен каде ќе се изврши голем Богојавленски водосвет и положување на крстот во осветените води на градскиот базен. Оттука годинешните кумови на храмот „Свети Петар и Павле“ се враќаат во црквата каде ќе се благослови славскиот леб по што ќе следува закуска за своите пријатели и верници. И в понеделник, 20 јануари, во храмот со почеток во 8 часот наутро ќе биде одржана Света Божествена Литургија – истакна отец Александар Крстаноски, свештеник од Кичево.
В сабота на 18 јануари годинешните кумови од селата во Кичевско со осветената вода се враќаат во селата и вршат обиколка на домовите од нивниот крст и ги канат локалните жители да бидат нивни гости за Водици.
На машки или женски Водици се врши предавање на кумството.
Од едно до друго село има мали разлики во одбележување на овој празник.
– Во нашето село има осум крстови и исто толку кумови, кои во текот на саботното попладне ќе ги обиколат домовите на верниците кои се од нивниот крст, каде ќе остават од осветената вода и ќе ги благословат домовите. За разлика од повеќето села во нашето село Брждани примопредавањето се врши на втор ден Водици или попознат како женски Водици. За да можат да го одбележат овој празник како доликува, голем дел од овие крстови имаат и свои водичарски домови во кои се собираат локалните жители од тој крст и со песна, топла ракија и ручек го поминуваат денот. На вториот ден Водици, в понеделник, сите селски крстови се собираат во локалната трпезарија каде завршува одбележувањето на овој празник – вели Миле Цветкоски, жител од село Брждани.
Покрај Кичево, во овој регион крстови се положуваат и во селата Другово, Белица и Цер, додека во останатите села при примање на кумството се врши капење на кумовите со котли полни со студена вода.
Слични традиции за Водици се практикуваат и во Порече, Дебарца и мавровскиот регион.
З.А.