Тања Мандиќ Ригонат, српска театарска режисерка
Тања Мандиќ Ригонат неодамна ја доби престижната награда за особени заслуги во полето на театарот „Бојан Ступица“. Таа е елоквентна, интригантна, неприкосновена, бескомпромисна во своите театарски режии. Тања Мандиќ Ригонат е една од најприсутните театарски уметници во Србија и во регионот, со особено оригинален режисерски ракопис. Таа има потпишано повеќе од 40 театарски претстави, работела на драмски текстови од Достоевски, Ибзен, Чехов до Душан Јовановиќ и Бранислав Нушиќ.
Вие сте една од најдоминантните режисерки не само во Србија туку и во регионот, со изразит сценски јазик, цврст концепт и начин на мислење. Колку ве исполнува работата во театарот и кои се вашите идни театарски возбуди?
– Театарот за мене е начин на живот, начин на мислење и кога режирам и кога не режирам. За театарот никогаш не сум размислувала како за професија, туку како филозофија на играта, како облик на љубов. И никогаш не сум се делела, едно да застапувам на сцената, а друго во секојдневниот живот. Како живеам, така и режирам. Во театарот се зближив, се запознав со исклучителни уметници од сите генерации, работев со многумина и тоа е драгоцената димензија на животот. Во Бања Лука на 17 декември беше премиерата на Клајстовата „Скршена стомна“. Деновиве размислувам како и каде да поставам еден мултимедијален чин инспириран од романот „Кој го уби татко ми“ на Едуар Луј. Од „Ателје 212“ добив покана да ја режирам мојата драматизација на „Мадам Бовари“, која ја нареков „Љубовниот живот на Ема Бовари или Ема, тоа сум јас“.
Ве препознаваме по пронаоѓањето на новите аспекти на класичните дела и по големата режисерска храброст. Од целото ваше досегашно искуство, каде сте се нашле повеќе, во домашната драматика или во светската класика?
– Не сум работела многу домашни автори, но тоа малку што сум го работела, го свртело моето внимание. Мислам на „Госпоѓата министерка“ и на „Балканскиот шпион“, низ кои можев најдиректно да го проблематизирам нашиот политички и општествен живот. Ја сакам субверзивноста на комедијата, смеата и бунтот. И домашните и странските, и живите и мртвите писатели, тоа се секогаш соговорници на теми што најдлабоко ме интересираат. Соба со многу огледала. И секое од нив е вистинито на свој начин. Да речеме, „Иванов“ на Чехов (го глуми Никола Ристановски) е лична потрага по одговорите на суштинските прашања на егзистенцијата, исповед на душата, „Нашиот клас“ на Тадеуш Слобоѓанек беше емотивен одговор на оваа светска војна и безнадежноста.
Бевте селекторка на неколку фестивали, меѓу кои и на „Стерииното позорје“, а сте седеле и на директорските столови. Какво е вашето искуство во тие води и дали повторно би го правеле тоа за да го дадете вашиот придонес во театарскиот живот во Србија?
– Да, со години бев селекторка на меѓународниот фестивал „Пургатории“ во Црна Гора. Бев и слекторка на „Стерииното позорје“ една година и го вратив селекторството кога Предраг Ејдус ме повика да бидам директорка на Драмата на Народниот театар, сметајќи за непримерно да бидам на две одговорни места. По една година, поради интервјуто во НИН во кое го критикував министерот за култура, ме смени наследникот на Предраг Ејдус и горда сум поради сето тоа. За мене местото директор на Драмата не е послушничко и бирократско, туку креативно, не трпи молчење и служење на министрите и на власта, туку на уметноста, еснафот и вистината. Пред мене се години кога треба да режирам, да пишувам. Мене ми е најубаво во театарската пробна сала и на сцената. Мислам дека со режиите најмногу придонесувам за театарскиот живот, а медиумското внимание го користам за да зборувам критички што мислам за разни актуелни теми.
Како е третиран театарот од страна на државата и што треба уште да се направи за да биде сè подобро и подобро?
– Мал е буџетот за култура. Независната сцена се жали на третманот и на изостанокот од поддршка. Потребно е да се отворат и нови сцени, да се негува театарот, театарските занаети, да се засилат ансамблите со режисери, сценографи, костимографи и со другите професии, да се подмладат ансамблите и секако да се зголемат платите. Да се сведат на минимум на минимумот неуметничките причини за сето она што го чини ангажманот на некој во театарот.
Каде се наоѓа српскиот театар на европската театарска мапа и дали српските театарски уметници се снаоѓаат на европските театарски сцени?
– Споредувајќи ги најдобрите претстави што се создаваат во Србија со оние што доаѓаат, да речеме, на БИТЕФ, мислам дека српскиот театар има виталност и експресивност. Во него има фантазија и талент, мисла и бунт. Но му недостига поголема регионална и меѓународна видливост. Драмските книжевнички Милена Марковиќ и Билјана Србљановиќ и режисерот Милош Лолиќ, имаат исклучителна меѓународна приказна, како и сценографот Александар Дениќ, кој е примен на Академијата на уметност во Германија, каде што е и Вим Вендерс.
Вие сте и поетеса, а вашиот сопруг е сопственик на една од најголемите издавачки куќи во Србија, „Лом“. Споредете ни го искуството на пишаниот збор со она на театарската сцена?
– Зборот во театарот се слуша и се гледа и е општествен. Тој е сетилно доживување, го следи гестот, мимиката, минува низ битието на актерот. Релациски е. Во поезијата тој е сам и го бара друштвото на читателот, во чие доживување се огледува.
Што би биле кога не би биле режисерка?
– Би пишувала и би режирала филмови. Во младоста фантазирав да имам свој бенд. Понекогаш си мислам дека би можела да бидам психотерапевтка-исцелителка. Како и да свртиш, она што ме интересира е човечката душа.
Сашо Огненовски