Фото: „Нова Македонија“

Ставот дека современата македонска нација не потекнува од Словените, дека не е словенска, туку е античкомакедонска, кој одвреме-навреме е и премногу романтичен и повремено се засилува, а повремено се стишува, но речиси секогаш е присутен, кулминира во македонската студија за Каменот од Розета и обидот за дешифрирање на демотскиот дел од неговиот натпис од пред неколку години. Ова наше научно струење досега не доживеало никаков критички осврт во нашата општествена мисла, кој, без разлика на сè, ние мислиме дека го заслужува. Со оглед што оваа студија е еден вид негова кулминација, ние ќе се обидеме да го направиме тој критички осврт токму врз оваа студија и пошироко врз прашањето за Каменот од Розета

Критички осврт кон одредени ставови за потеклото на современата македонска нација (1)

Уште од самите почетоци на модерната македонска наука во неа провејува ставот дека современата македонска нација не потекнува од Словените, дека не е словенска, туку е античкомакедонска и оти води потекло од народот на Филип и Александар, чија држава во антиката била на овој терен. Овој став, кој одвреме-навреме е и премногу романтичен и повремено се засилува, а повремено се стишува, но речиси секогаш е присутен, кулминира во македонската студија за Каменот од Розета и обидот за дешифрирање на демотскиот дел од неговиот натпис од пред неколку години.
Ова наше научно струење досега не доживеало никаков критички осврт во нашата општествена мисла, кој, без разлика на сè, ние мислиме дека го заслужува. Со оглед што оваа студија е еден вид негова кулминација, ние ќе се обидеме да го направиме тој критички осврт токму врз оваа студија и пошироко врз прашањето за Каменот од Розета.
Да ги опишеме накратко самата студија и заклучоците што нејзините автори ги извлекоа од неа.
Каменот од Розета е камена плоча најдена во египетскиот град Розета, која затоа и се вика така: Камен од Розета. На неа има три натписи. Едниот е на египетски хиероглифи, другиот на демотско писмо, третиот на старогрчки јазик. Меѓутоа сите три натписи кријат еден ист текст, а тоа е текст со кој младиот крал Птоломеј Петти се прогласува за крал.
Текстот е, повторуваме, сосема ист во сите три верзии и е еден вид проглас или кралски декрет. Неговата цел била да се изгради култ на личност на кралот Птоломеј Петти и да се објави дека тој е новиот крал.
Каменот потекнува од времето на Птоломејската династија, а таа, како што знаеме, е еден вид наследничка на династијата на Филип и Александар. Имено, се оформила по атентатот на Александар, од страна на неговите генерали, откинала дел од новоосвоената голема територија и се прогласила за владејачка. Значи, ги наследува и им припаѓа на народот и јазикот на Филип и Александар.

Сега, тврдењето на нашите ценети научници, кое тогаш одекна како еден вид „бум“, беше дека го дешифрирале демотскиот натпис од овој камен. Освен тоа, врз основа на поврзаноста на Птоломејската династија со таа на Филип и Александар, тие направија поврзување дека јазикот на Птоломејската династија бил истиот јазик на Филип и Александар. Јазикот, пак, на Филип и Александар, од друга страна, е истиот тој јазик што се зборувал на територијата на денешна Македонија (во етничките граници). Така тие заклучија дека и јазикот на Птоломејската династија бил истиот тој јазик што се зборувал во Античка Македонија. Дотука е и во ред. Меѓутоа, со оглед што денес на таа територија живеат современите Македонци, тие отидоа уште понатаму во поврзувањето, па тврдеа дека јазикот на денешните Македонци е истиот тој, кој некогаш се зборувал во птоломејската држава во Египет. Па така, врз основа само на територијата, тие тврдеа дека откриваат дека јазикот на Птоломејската династија е истиот со денешниот македонски јазик; дека денешниот македонски јазик го континуира тој античкомакедонски јазик. И тоа го поддржаа со дешифрирање на демотскиот натпис на Каменот, каде што најдоа форми слични или исти во денешниот македонски јазик. Вака тие докажуваа дека современиот македонски јазик е навистина ист со античкиот и го континуира тој антички јазик.
Меѓутоа со оглед на тоа што поврзаноста на денешниот македонски јазик со преостанатите словенски јазици не може да се порекне, негативната консеквенца од тоа е што понатаму мора да се тврди дека и сите денешни словенски јазици се наследници на тој античкомакедонски. И понатаму, дека преселби немало од средна Европа кон југ, туку напротив, од југ кон средна Европа. Бидејќи, нели, ако Античките Македонци веќе биле тука, а сите Словени се нивни наследници тогаш треба да се тврди дека одовде се отишло натаму.
Или, се разбира, да се мисли дека е некаков фалсификат во прашање (кој патем, го прави цела Европа и цел свет против Македонија).
Ова беше ставот на нашите ценети научници. Сега да се вратиме на самиот камен.
Споменавме дека трите текста на него се на хиероглифско и демотско писмо и старогрчки јазик, но дека се работи всушност за еден ист текст. Да ја објасниме оваа ситуација.

Хиероглифското писмо во тоа време било религиозно и писмо што се сметало за свето. Ако можеме да кажеме така, тоа се сметало за еден вид канал за комуникација со боговите и за изразување на нивната волја. Напишаното на него имало карактер на нешто што е божја волја. Меѓутоа, во тоа време веќе никој не го разбирал. Со оглед што никој не го разбирал и што една државна администрација не може да се води на толку комплицирано писмо, постоела и упростена форма од него, а тоа била демотското писмо. Со други зборови, демотското писмо било упростена форма на хиероглифското, која се користела во правни цели и како јазик за официјални документи, декрети и сл., која можело да ја прочита секој писмен жител на Египет. И од таа гледна точка, значи, пак било египетско писмо. Тоа значи дека и хиероглифското и демотското писмо, двете го содржеле истиот напис на египетски јазик. А старогрчкиот напис бил напис на старогрчки јазик и овде очигледно на јазикот на Птоломејската династија и и на Филип и Александар. И тој секако служел за тоа декретот да биде напишан и на јазикот на новите владетели и со тоа да биде објавен не само за египетското туку и за античкомакедонското население, кое му припаѓало на народот на Птоломејската династија.
Повторуваме, значи, дешифрираниот јазик, тој од демотското писмо, според ова, треба да бил староегипетски, не античкомакедонски.
Што се однесува на обидите да се дешифрира, такви имало и порано, и првиот обид е од Хајнрих Карл Бругш од 1848 год. Дешифрирањето одело во споредба со старогрчкиот текст и се открило дека некои од знаците на демотското писмо имале гласовна вредност, некои слоговна, некои вредност на цел еден збор. Подоцна овие откритија му помогнале на Шамполион да го истолкува и хиероглифскиот дел и по тоа е познат, всушност, Каменот од Розета: по тоа што од него за првпат се истолкувани египетските хиероглифи, по што е протолкувано и целото египетско пишано наследство.
Од друга страна, иако обидот на нашите ценети научници да го дешифрираат е во ред, би рекле дека сепак постојат сериозни забелешки за тоа. Како прво, дешифрираниот текст треба да е египетски, не старомакедонски. Како второ, методологијата според која е извршено дешифрирањето не е јасна. Ние дури и не најдовме никакво објаснување во врска со тоа во соодветната статија – во врска со тоа како и по кој и каков метод е извршено дешифрирањето. И конечно, од одредени забелешки, се чини дека во извесни случаи се поаѓа сепак од претпоставки. На пример за некои знаци се вели дека „врз основа на нивната честотија на употреба во текстот може да се заклучи дека тој и тој знак значи бог“. Ова е во ред како обид да се пробие кодот, но сепак треба да биде поддржано со некој конкретен доказ; во спротивно, ако не е точно, тогаш се доведува во прашање целото толкување. А честотијата на употреба воопшто не дава цврста основа за толкување; дава основа само за претпоставка.

Сето тоа, се разбира, фрла сомнеж и врз резултатите понатаму. Ако се толкува староегипетски текст, нема основа да се тврди дека тоа е античкомакедонски јазик што е ист со денешниот македонски. Ако е дешифрирањето неосновано, сето тоа што е дешифрирано е под сомнеж. И така натаму.
Од друга страна, за генетската блискост на современиот македонски со современите словенски јазици има и премногу докази, а кон тоа оди и очигледната сличност, па тоа и нема потреба нешто посебно да се докажува. Исто така, и за генетската различност и за очигледните разлики меѓу денешните словенски и античкиот македонски пак има и премногу докази и истовремено и очигледни разлики, па и тоа нема што посебно да се докажува. И конечно, истото важи и за историските докази дека преселбите се од север кон југ, не обратно. Има и премногу историски, а и лингвистички докази за тоа. И тоа нема потреба посебно да се докажува. Конечно, и кој се сели од југ на север? Сите се селат од полошо во подобро, од поладно во потопло и сл.
И да се вратиме сега на старогрчкиот јазик од Каменот од Розета: како што ги опишавме работите погоре, а и како што се општо познати, па и како што и самите ценети автори на тезата за Каменот од Розета признаваат, тој очигледно е јазикот на Филип и Александар, бидејќи ако Птоломејската династија била нивна наследничка и од истиот народ, тогаш и јазикот бил ист. А тоа е и јазикот што Филип и Александар го донеле од својата татковина, Античката Македонија, значи античкомакедонскиот јазик. Со други зборови, овде старогрчки и античкомакедонски значат исто.
А тоа значи дека немало друг јазик во антиката на овие територии, освен тој што е познат како старогрчки. И вака испаѓа дека обидите да се докаже дека денешниот македонски јазик е наследник на тој античкомакедонски или старогрчки пропаѓаат во вода. Додека јасно утврдениот научен факт дека современиот македонски е словенски јазик си останува.
Па сепак, и покрај тоа што тој факт си стои, а и тезата за поврзаноста на современиот македонски со античкиот, поставена на овој начин, изгледа дека пропаѓа, тоа сепак не е баш така. Фактот за припадноста на македонскиот јазик на словенските јазици може и да е точен (и е); фактот дека во антиката имало само еден јазик, без разлика како ќе го наречеме може и да е точен, но тоа сепак може и да нема врска со денешната ситуација.
Во овој случај може едноставно да се работи за погрешен пристап.
А тоа нè води кон работата на еден наш истакнат и почитуван лингвист, истражувач со меѓународно искуство, кој најголемиот дел од својот живот работеше во туѓина и кој сиот свој работен век го посвети на ова прашање. Во следниот дел, повеќе за неговата работа по ова прашање.

продолжува

Авторот е научен соработник во Институтот за македонски јазик

Зоран Спасовски