Кога повеќето европски економии даваат знаци на замор и паниката е реална, сите се прашуваат од каде пари за воено-одбранбениот сектор. А за Трамп тоа не е најважно прашање, едноставно мора да се најдат. Во тој контекст и Македонија ќе мора да се „снајде“, иако реално на нашата земја ѝ требаат повеќе пари (за одбраната), за таа да биде на потребното ниво на задачата (за задоволително ниво на воено-одбранбена интероперабилност). Затоа, експерти за „Нова Македонија“ сугерираат што побрзо и темелно да направиме добри анализи за тоа што ни треба и за што ќе ги искористиме купените воени средства
ПО ФРЛАЊЕТО РАКАВИЦА ОД СТРАНА НА ТРАМП – ЧЛЕНКИТЕ НА НАТО ДА ИЗДВОЈУВААТ ПЕТ ПРОЦЕНТИ ОД БДП
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и пред официјално да даде заклетва и да влезе како домаќин во Белата куќа, на меѓународната сцена фрли најмалку три ракавици, кои оправдано предизвикаа серија политички земјотреси: прво за Панамскиот Канал, потоа за Гренланд и најпосле побара од членките на НАТО драстично да ги зголемат трошоците во воениот сектор. Како членка на НАТО директно нас најмногу нѐ засега третата фрлена ракавица, иако немаше некои посериозни реакции на домашен терен (околу иницијативата на Трамп да го зголемиме т.н. буџет за одбрана) и од сегашните договорени и на некој начин задолжителни два отсто, на фантастични пет отсто.
– Сите членки го можат тоа, но не да издвојуваат два процента колку досега, туку треба пет – изјави Трамп.
Дали оваа изјава е само пробен балон, стрес-тест за евроатлантското партнерство или, пак Трамп има намера во својот втор претседателски мандат да го оствари тоа што не можеше во првиот – да ја натера Европа да го одврзе ременот и милијарди и милијарди евра да се слеваат во тој сектор? Сосема е извесно дека европските лидери имаат добри информации што навистина сака Трамп, односно Американците – во прв ред е тоа дека Европа мора самата да биде „воено одржлива“, но и да ја помогне американската воена индустрија со тоа што од неа ќе купува супермодерно оружје.
Веќе се бројат последните денови на Џо Бајден во Белата куќа и како ќе поминува времето така нервозата во Европа по ова прашање ќе расте. Најголемите економии, како Германија, Франција, Шпанија…, веќе дадоа сигнали дека целта што ја поставува Трамп е превисока. Практично многу земји нема да можат да ја остварат „олимписката норма“ што им ја поставува Вашингтон. Во голема мера позицијата на Трамп ќе ја одредува и политичката судбина, односно изборите, на повеќе европски земји и драстично ќе ги смени нивните приоритети. Германија се чини е прва на таа листа. Дали тоа ќе удри врз социјалните политики во блокот земји од ЕУ – веројатно да, но не само нив.
КОЈ Е ЗАЈАКОТ ВО ВОЕНАТА ТРКА?
Но, се чини, има едно неодговорено прашање – зошто членките би издвојувале по пет проценти? И дали тоа ќе биде доволно за да се справи НАТО-блокот со предизвиците именувани во постоењето и активностите на двете други суперсили економски и воено – Русија и Кина? Секако не се само тие, постои опасност од големи социјални пресврти во Европа и пошироко, опасност од исламскиот џихадизам, кој веќе стана европски вдомен (домашен), а не само увозен проблем.
Според шпанскиот дневен весник „Ел паис“, кој се повикува на дипломатски извори, фамозните пет проценти ќе се најдат на масата на претставниците на членките на НАТО на претстојниот самит во јули во Хаг. И овој предлог за поголемо издвојување во одбраната не е табу-тема за Европа, затоа што ја отвори и Марио Драги во својот план за иднината на ЕУ, а влезе како приоритет и во плановите на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Па, што е проблемот? Едноставниот одговор е – парите. Во многу земји, како што е Германија, тие секнаа, а ѝ дадоа најголема помош на Украина. Во криза тешко се наоѓаат пари, но зајакот во трката го нарекуваат – опасност од руска инвазија на Европа. Но, дали е така?
МАКЕДОНИЈА ДОБРО ДА ЈА ИЗМЕРИ СВОЈАТА ЧЕРГА
Македонија веќе го има исполнето прагот од два процента. Таа и покрај тоа што е една од најсиромашните членки издвојува 2,2 проценти од БДП. Според статистиката на НАТО, тоа е годишно 353 милиони долари. На врвот на листата според издвојувањата е Полска со 4,1 отсто од БДП, најмногу е сепак делот што го даваат САД затоа што имаат и најголем БДП. Тие заедно со Германија полнат по 16 проценти од касата на НАТО плус 11 проценти што доаѓаат од Обединетото Кралство. Но Шпанија, Словенија, Луксембург и Канада го немаат остварено ниту прагот од два процента.
– Според моите процени, ние би можеле да издвојуваме околу три проценти, можеби и нешто над тоа, но пет проценти ќе биде многу тешко. Ова особено ќе биде сериозна пречка за државите со поголем БДП. Затоа мислам дека ќе се најде некој пресек, можеби ќе се утврди издвојување до три проценти и потоа постепено зголемување, можеби и до пет, како што побара Трамп – вели Александар Нацев, професор на Воената академија „Михајло Апостолски“.
Дека се потребни поголеми издвојувања за македонската одбрана Нацев нема дилеми и посочува дека е неопходна модернизација на одбранбените капацитети, нови современи оружја, но притоа треба да се мисли и на реновирање на армиските капацитети за сместување, на повисоки плати, значи повисок стандард. Сето тоа, според него, и не е толку лесно, затоа што на пример како за хеликоптерите треба да се чека во ред.
– Одбраната е скапа играчка. Но не е само оружје во прашање. Нам ни треба и воена дипломатија и за тоа ќе требаат ресурси. Потоа, имаме сериозен проблем со пополнување на воениот информатички сектор, младите познавачи на ИТ-технологиите заминуваат во странство. Сето тоа треба да се има предвид – додава Нацев, притоа посочувајќи ги и предизвиците во областа на кибернетиката и безбедноста во таа област.
Пензиониран генерал на АРМ вели дека за воениот сектор зголемувањето на буџетот секогаш е пречекувано со одобрување. Тоа значи повеќе пари, модернизација, висок стандард.
– Сликовито кажано тоа ви е како дете кога ќе влезе во слаткарница, тоа нормално дека сака да проба сѐ, да купи сѐ. Но не е само одбраната во една држава, јас сум војник, но морам да кажам дека за нас се важни и здравството, образованието… Затоа, мораме да направиме точни пресметки колкава ни е чергата и да излеземе со наш македонски предлог, со одговор за нашите потреби, да знаеме колкав процент од БДП можеме да си дозволиме – вели генералот, кој инсистираше на анонимност.
ЗОШТО НЕМАМЕ НАМЕНСКО ПРОИЗВОДСТВО?
Колку Македонија може да си дозволи да издвојува ќе зависи и од анализите што се прават со партнерите во НАТО, но и во зависност од нашите одбранбени специфики, нашата одбранбена стратегија, како и нивото на стратегиските резерви што треба да ги имаме во секое време. Аналитичарите велат дека е тешко да се има континуитет во овие воени планови затоа што поранешни министри имале свој концепт, па наредниот додал свој и нема една константна линија. Тие додаваат дека сме дошле во ситуација да останеме без воздушни сили, популарниот „винг“, затоа што сме немале пари за одржување на авионите.
Притоа треба да се има предвид и преминот од таканаречено источно или руско оружје, кон западно, а тоа треба да се плати. На прашањето до воените аналитичари – од каде пари, тие имаат јасен одговор – ќе се позајмуваме. За Македонија посебен проблем е што нема ниту наменско производство, па е во ситуација да не може да продаде ни куршум, кој потоа би се вратил како извоз во буџетот. Според наши извори, во моментов нема посериозни планови или размислувања за обнова на наменското производство.
Размислувања од Москва: Русија да биде подготвена за судир со НАТО во следната деценија
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко неодамна предупреди дека НАТО изгледа се подготвува за војна со Русија, нагласувајќи дека „во интерес на сите е ситуацијата да не дојде до ваков експеримент“.
Грушко изјави дека сегашниот курс на НАТО претставува опасност и за Русија и за целокупната безбедносна архитектура и дека Москва ги одредува своите дејствија во поглед на агресивното однесување на НАТО-блокот предводен од САД и директните ризици за безбедноста на Русија.
Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов, исто така, предупреди дека тековниот ќор-сокак со САД и нивните сојузници „продолжува да се интензивира и проширува“ и посочи дека директен судир со НАТО во Европа може да се случи во следната деценија, велејќи дека Русија треба да биде подготвена за такво сценарио.
Шолц во кавга за воениот буџет
Германскиот канцелар Олаф Шолц остро го критикуваше неодамнешниот предлог на министерот за економија Роберт Хабек да ги удвои трошоците за одбрана на нацијата со цел да се ограничи Русија. Според Шолц, идејата била лошо обмислена и би завршила како ништо друго, освен како дополнителен товар за германските граѓани.
Хабек, кој исто така е кандидат за канцелар на Партијата на зелените на претстојните предвремени избори во февруари, повика на големо зголемување на трошоците за одбрана во интервју за списанието „Шпигел“.
Берлин треба да потроши 3,5 отсто од националниот БДП за одбрана, рече тој во него. Бројката ги надминува целните трошоци на членките на НАТО, кои во моментов изнесуваат два отсто од БДП на една земја.
Министерот за економија го оправда своето барање со укажување на заканата што наводно ја претставува Москва.
– Треба да потрошиме речиси двојно повеќе за нашата одбрана, за (рускиот претседател Владимир) Путин да не се осмели да нѐ нападне. Мора да обезбедиме мир и да спречиме понатамошна војна – изјави Хабек за „Шпигел“.
Во моментов Германија за одбраната издвојува околу 82 милијарди долари, а се предлага тој да скокне на 144 милијарди. Х.И.