Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во услови кога припадниците на македонскиот народ во Република Албанија се соочуваат со постојани обиди за асимилација и денационализација со политики димензионирани од страна на официјална Софија, како и постојани притисоци и закани од страна на одделни групации и поединци, информацијата дека натпис на македонски јазик е поставен пред уште една албанска институција е за поздравување. Според добро упатените во оваа проблематика, поставувањето повеќејазична табла пред зградата на Комитетот за национални малцинства во Тирана можеби наликува на баналност, меѓутоа доколку се земе предвид дека станува збор за самоиницијативност и проактивност на припадниците на македонскиот народ кај нашиот западен сосед во остварувањето на сопствените малцински права, тогаш може да се каже дека станува збор за голем успех, односно за важен чекор кон остварување на правата на македонскиот народ во Албанија

Поставување повеќејазична табла пред зградата на Комитетот за национални малцинства во Тирана: Македонскиот јазик и писмо во центарот на главниот град во Албанија

Неодамна пред зградата на Комитетот за национални малцинства во Тирана беше поставена повеќејазичната табла, на која меѓу другото е застапен и македонскиот јазик. Поставувањето на повеќејазичната табла е резултат на активностите на македонското друштво „Илинден“, како и на постојаната официјална кореспонденција на споменатото македонско друштво со Комитетот за национални малцинства кај нашиот западен сосед. Македонското друштво „Илинден“ во јануари 2023 година, до споменатиот комитет доставило барање за поставување повеќејазична табла, вклучувајќи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, по што добиле и одговор дека истото тоа ќе биде земено предвид. Меѓутоа од непознати причини повеќејазичната табла долг период не беше поставена пред зградата на Комитетот за национални малцинства.
За оваа проблематика, Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“, вели дека таблата не била поставена повеќе од една година по барањето.
– Поради тоа на 25 април минатата година испративме реакција до повеќе институции во Република Албанија, меѓу кои и до народниот правобранител. Народниот правобранител го разгледа барањето, излезе во пресрет и се ангажираше за да се постави повеќејазична табла на зградата на Комитетот. Во средината на јуни добивме допис дека ќе биде поставена повеќејазична табла и, ете, конечно истата таа е поставена, а резултатот е уште една институција со табла на македонски јазик, што следува по наше барање – вели Никола Ѓурѓај.
Претходно по барање на македонското друштво „Илинден“ – Тирана повеќејазични табли поставија Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител во Република Албанија.

Во услови кога припадниците на македонскиот народ во Република Албанија се соочуваат со постојани обиди за асимилација и денационализација од страна на официјална Софија, како и постојани притисоци и закани од страна на одделни групации и поединци, информацијата дека натпис на македонски јазик е поставен пред уште една албанска институција е за поздравување. Според добро упатените во оваа проблематика, поставувањето повеќејазична табла пред зградата на Комитетот за национални малцинства во Тирана можеби наликува на баналност, меѓутоа доколку се земе предвид дека станува збор за самоиницијативност и проактивност на припадниците на македонскиот народ кај нашиот западен сосед во остварувањето на сопствените малцински права, тогаш може да се каже дека станува збор за голем успех, односно за важен чекор кон остварување на правата на македонскиот народ во Албанија.
– Не смее да се заборави дека активностите што се насочени кон афирмирање на македонските малцинска права се резултат на самите македонски друштва и организации, конкретно во овој случај на македонското друштво „Илинден“, а не на државна машинерија како што е случајот со Република Бугарија. И поставувањето на повеќејазичната табла со македонски јазик може да се вреднува како голем успех – велат нашите соговорници.
Од друга страна, поставувањето на македонскиот јазик заедно со другите малцински јазици во Република Албанија има големо симболично значење, односно на најдиректен начин се потврдува дека кај нашиот сосед живеат припадници на македонскиот народ, без разлика на обидите на официјална Софија да ги претстави како составен дел од бугарскиот народ, заклучуваат нашите соговорници. Д.Ст.


Средба на Ѓурѓај со Спахиу: Актуализирани прашања што се
однесуваат на проблемите на Македонците во Албанија

Претседателот на македонското друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај, во македонската амбасада во Тирана оствари средба со Љуфтим Спахиу, вршител на должноста амбасадор.
– Ми беше посебна чест и задоволство на последниот ден од годината да остварам работна средба со вршителот на должноста македонски амбасадор, Љуфтим Спахиу – објави Ѓурѓај на Фејсбук.
Тој додава дека на средбата биле актуализирани прашања што се однесуваат на проблемите на македонското национално малцинство во Република Албанија. Македонскиот амбасадор даде поддршка во рамките на надлежностите за активностите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и за македонското национално малцинство во Република Албанија, нагласува Ѓурѓај. Д.Ст.