Илустрација: „Нова Македонија“

Истата таа ЕУ што сега се жали дека „Маск се меша во внатрешните работи на државите“ бараше да се промени името на државата, отворајќи простор за идентитетски инженеринг. На ЕУ уште помалку ѝ пречи тоа што негацијата на македонскиот народ, јазик и историја се претвори во „европска вредност“ и стана дел од преговарачката рамка. ЕУ си дозволува и да се меша во Уставот на суверена Македонија, па од позиција на моќ да уценува со продолжување на европскиот пат на земјава со уставни измени (!?)

Брисел со жестоки реакции кон Илон Маск,
квалификувајќи ги неговите ставови поврзани за ЕУ како „мешање во внатрешните работи“

Сите радикални промени што ѝ се случија на Македонија во изминатите три децении, а кои влијаеја врз промената на нејзиниот карактер, беа предизвикани преку најдиректно мешање во нејзините внатрешни работи.
Имено, од самостојноста до денес меѓународната заедница си дава за право да диктира какво државно име ќе одбере земјата, какво знаме ќе истакнува, како ќе се нарекуваат мнозинскиот народ, неговиот јазик, каква историја ќе негува, кои малцинства ќе ги впишува во Уставот и слични барања, кои претставуваат флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена земја.
Од друга страна, неодамнешните сугестии што стигнаа од Илон Маск околу тоа кој би бил вистинскиот избор за германските граѓани на претстојните избори или, пак, за оние во Велика Британија, Австрија и други европски држави, се доживуваат како директно мешање во нечии внатрешни работи, па дури се размислува за забрана на социјалната мрежа Икс, чиј сопственик е токму Маск, поради неговите вакви ставови. (?!)
Имено, американскиот милијардер најпрво се обрати преку германски медиум, повикувајќи на гласање за екстремно десничарската АфД на претстојните избори, а потоа остро го нападна највисокиот претставник на германската држава, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, кого го нарече „недемократски тиранин“.
Маск, според „Фајненшел тајмс“, наводно, водел и приватни разговори во кои се бараат начини како да се изгради поддршка за алтернативни политички движења во Велика Британија со цел да се дојде до промена на (неолибералните) политики.
На ваквите активности на американскиот милијардер жестоко одговори ЕУ (Брисел), со обвинувања дека Маск директно се меша во внатрешните работи на земјите.
Од друга страна, ЕУ не гледа никаков проблем да се вмеша во изборите во Романија, Молдавија и Грузија само затоа што изборните резултати не ѝ одеа во прилог, туку директната интервенција ја правдаше со „враќање на демократијата“.
Сето ова најдобро говори за лицемерниот однос на официјален Брисел кон она што значи државен суверенитет и право на граѓаните самите да одлучуваат, а тоа најдобро врз своја кожа го почувствува и сѐ уште го чувствува Македонија.
Истата таа ЕУ што сега се жали дека „Маск се меша во внатрешните работи на државите“ бараше да се промени името на државата, отворајќи простор за идентитетски инженеринг. На ЕУ уште помалку ѝ пречи тоа што негацијата на македонскиот народ, јазик и историја се претвори во „европска вредност“ и стана дел од преговарачката рамка. ЕУ си дозволува и да се меша во Уставот на суверена Македонија, па од позиција на моќ да уценува со продолжување на европскиот пат на земјава со уставни измени (!?)
На ЕУ уште помалку ѝ пречи тоа што негацијата на македонскиот народ, јазик и историја се претвори во „европска вредност“ и стана дел од преговарачката рамка. ЕУ си дозволува и да се меша во Уставот на суверена Македонија, па од позиција на моќ да уценува со продолжување на европскиот пат на земјава со уставни измени.
Ова се најдобрите примери преку кои се отсликува европското лицемерство, да се мешаат секаде каде што тоа им одговара, но да протестираат ако некој го впери прстот кон нивниот двор.
– Она што е интересно, тоа е како реагираат европските лидери на изјавите што доаѓаат од САД. Веднаш велат дека тоа е мешање во внатрешните работи. Сега вака јас отстрана кога гледам, занемена, си велам ако е ова мешање во внатрешните работи, какво ли мешање во внатрешните работи е на малите држави да им речете дека треба да го сменат Уставот за да станат членка на ЕУ, и тоа не за да се стандардизираат со ЕУ, туку да внесат некои невообичаени решенија – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова во гостувањето во емисијата „За или против“.
За аналитичарите нема никаква дилема дека ЕУ трга исклучиво од сопствените интереси и не се оптоварува многу со хипокризијата што ѝ се случува.
– ЕУ без скрупули ќе се меша секаде каде што смета дека тоа треба да го направи и тоа ќе го затскрива со некакви влијанија од трети страни, интервенции на ботови и слично. Но во суштина веќе се случува не незадоволство, не евроскептицизам, туку длабок револт од ваквите непринципиелни европски политики. Маск може слободно да им го каже тоа, а им кажува директно и на граѓаните, така што ЕУ се чувствува загрозена од неговата отвореност поткрепена со моќ и влијание. Затоа ЕУ побрза да го обвини Маск за мешање во нечии внатрешни работи. Македонија и сега се соочува со такви директни мешања од страна на Брисел, па никому ништо. Но, како што вели нашиот народ, по туѓ грб сто стапа удри не болат, но кога ќе го почувствуваат тоа врз својот грб, реагираат. Ако Маск се меша, тогаш и Бугарија и Грција се мешаат во нашите внатрешни работи. Нека биде принципиелна ЕУ и нека го каже и тоа – заклучуваат соговорниците.


Ваквите и слични изјави, како што беше завчерашната на лидерот на бугарската партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои се задира во суверенитетот на соседните држави и се искажуваат отворени територијални претензии, станаа пракса кај дел од бугарски политичари и веќе се добро препознаени и од страна на меѓународната заедница. Тие се и флагрантно кршење на Уредбата на САД, која санкционира „акции или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет на која било област или држава од Западен Балкан“, така што прашање на време е кога ваквите лица ќе бидат ставени на американската црна листа и санкционирани

Изјавите на лидерот на бугарската партија Преродба, Костадин Костадинов, контра Уредбата на САД, која санкционира акции или политики што го загрозуваат територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан

Самокандидирање за американската црна листа

Најновите изјави што доаѓаат од политички претставници во соседна Бугарија уште еднаш јасно потврдуваат кои се вистинските цели на бугарската блокада на евроинтеграцијата на Македонија – јасни територијални претензии.
Имено, првиот човек на третата политичка сила во Бугарија Преродба, Костадин Костадинов, во статус на социјалната мрежа Фејсбук ја повика бугарската влада официјално да побара припојување на Македонија кон Бугарија. Костадинов наведува дека е потребно и Бугарија да се спои со своите, како што вели, историски области.
– Нема ништо пологично и понормално од две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и, во голема мера, ист народ, како што се САД и Канада, да станат една земја. Иста е ситуацијата и со Македонија. Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ да станат една земја. Сличен е случајот и со Јужна Бесарабија. Таа е дел од бугарската држава повеќе од 450 години, Бугарите се домородното население на оваа област од 6 век и до денес се мнозинство од населението – напиша Костадинов.
Да биде апсурдот уште поголем, ваквите изјави се случуваат во ист момент кога американската администрација го прошири опфатот на лица што би можеле да завршат на американската црна листа со нова уредба, која предвидува под лупа да се најдат и луѓе што заговараат промени на границите и што се мешаат во внатрешните работи на соседните земји.

Уредбата што ја донесе американската администрација, за која „Нова Македонија“ веќе информираше, има токму таква цел, односно со неа се овластува администрацијата да санкционира лица што Министерството за финансии и Државниот секретар на САД ги означиле како директно или индиректно вклучени во „акции или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан“.
Ваквите изјави со кои се задира во суверенитетот на соседните држави и се искажуваат отворени територијални претензии станаа пракса кај дел од бугарски политичари и веќе се добро препознаени и од страна на меѓународната заедница, така што прашање на време е кога ваквите лица ќе бидат ставени на американската црна листа и санкционирани.
Македонското МНР реагираше на истапот на Костадинов, со појаснување дека ваквите изјави на бугарски официјални лица не се само неприфатливи туку и спротивни на основните принципи на меѓународното право, кои подразбираат немешање во внатрешните работи на суверени држави. Дополнително, ваквите изјави го нарушуваат процесот на градење добрососедски односи, кој е суштински за регионалната стабилност и европските интеграции. С.Т.