Огромно е задоволството кога од еден миг меѓучовечки ќе наслушнам приказна која едноставно треба да се каже, да насмее, да замисли и да нѐ потсети дека сме повеќе од тоа што навидум сме, вели новинарката Весна Јанкулоска. Таа неодмана ја издаде својата втора книга, насловена „Вода“
Весна Јанкулоска беше долгогодишна новинарка во Македонското радио, Радио Скопје. По успешно изодениот долг новинарски пат во националниот сервис, Јанкулоска се пензионираше минатата година, но ја продолжи дружбата со зборот, но овојпат наместо да го изговори пред микрофонот, го втисна на белата харија пред неа објавувајќи две авторски книги. Втора, што беше промовирана неодмана, е насловена „Вода“.
Познато е дека новинарите имаат страст кон зборувањето, па дали вие по над тридецениска новинарска кариера се уште останавте „недоречени“?
– Радиото како медиум оди во етер и нема запис за тоа. Пишаниот збор има поинаква тежина, безвременска. Теми има секогаш доколку се гледа животот низ клучалка, а приказните ги одминуваме секојдневно. Јас застанувам и ги слушам.
Кои теми ви беа најинтересни како во новинарската работа?
– Пред 20 години работев на емисијата „Боите на Македонија” каде влегував телефонски во многу топли домови во целата земја, разговарајќи со ентузијастични мали занаетчии. Тие ми беа омилени затоа што им се отстапуваше простор да зборуваат за својата дејност и им се даваше заслужено внимание. Со пасија ги работев и темите за менталното здравје, тема која сѐ повеќе добива и на тежина и на значење, потоа темите врзани за социјалните и општествените промени, помеѓу младите, врските, семејството…
По зрачењето и творењето како новинар, во 2022 го изнедрувате зборот, но сега пишан во вашата збирка кратки, поетични цртички. „Слободен пад“ се создаде наеднаш или е плод на повеќегодишно пишување?
– Писател секогаш пишува, дури и кога не напишал ниту збор. И во новинарството има пишување, каде мислата и поентата треба да се изострат и да бидат јасни за слушателот. Првата збирка е производ на пркос во периодот на короната. Не сакав да се препуштам на нејзината бездушност. Решив да ги оживеам приказните кои тлееа во мене долго време, да внесам човечност, добрина, топлина и живот кој, во тој период многу ми требаше. Пишувањето е потреба и се додека таа е присутна ќе има и автори кои имаат што да кажат.
Иако мислевте дека со „Слободен пад“ го остваривте аманетот од предците, но и на најдобар начин ја оправдавте дипломата-филолог по општа и компаративна книжевност сепак, надојде „Вода“. За каква книга станува збор?
– Водата е живот. Водата стигнува до најдлабоките пукнатини, затскриени места во човекот, и во длабочина и во вознес. По својата структура е прилагодлива, но и непредвидлива. Таков е и животот. Прекрасен беше личниот пат во одгатнувањето на таа симбиоза. Записите што следеа беа лесни.
Нашите проблеми се поголеми затоа што се наши, а исто така, нашите палачинки се посолени од палачинките на другите, заради сирењето и заради солзите. Taка пишувате во еден од вашите кратки раскази. Со што ги заблажувате вашите солени палачинки?
-Со пишување. Огромно е задоволството кога од еден миг меѓучовечки ќе наслушнам приказна која едноставно треба да се каже, да насмее, да замисли и да нѐ потсети дека сме повеќе од тоа што навидум сме.
Се вели дека секоја нова година е книга со празни страници. Што посакувате да испишете на нив?
– Веќе собирам материјал за следната збирка, претходните ги преведувам на англиски јазик за поширока публика, а активно го следам креативниот порив и љубопитна сум каде ќе ме однесе. Отворена сум за нови предизвици.