Ми се стемни

Секое патување има свој почеток, исто и свој крај. Моето последно патување (приватно не службено) во Париз почна на трети декември минатата година, заврши на втори јануари во 2025 година. Патувањето кон Париз, ако ја исклучам мојата фобија од авиони, помина пристојно, односно повеќе од пристојно. Авионот одеше под облаци, над облаци, често и меѓу облаци, во такви моменти фобијата одеше во нагорна линија, кога леталото ќе ја променеше воздушната патека, горе или подолу, кај мене се случуваа емотивни нијанси во позитива, демек времетраењето на патувањето се крати, што значи дека сме на вистинскиот пат и ќе стасаме безбедно и навреме. Често сум се прашувал на што се должат ваквите мали емотивни промени, страв од летање или фобија од височини? Слушав објаснувања вакви, онакви, загатката кај мене остана непроменета. Понекогаш си велам, можеби е добро што е така, некои работи можеме да ги промениме некои не, и зошто да ги промениме?
Како што споменав, уште во Скопје крајот од престојот во Париз беше прецизиран дека треба да се случи на втори декември, во ова писание нема да споменувам што од културните настани што се случуваа во Париз видов или посетив во тој временски период, тоа ми изгледа малку како во мелодрамските филмови, затоа сакам да посочам дека по секој престој во Париз, или во секое патување надвор од државата, се враќаме духовно побогати, посебно видени од ликовен агол. Тоа што не чини е времето од престојот, кое минува брзо, чиниш овие триесетина дена се склопчија во десетина или во три дена. Тоа се случи и во овој престој, времето помина молневито како што одат и авионите, па така, во шеснаесет часот и триесет минути авионот од аеродромот „Бове“ требаше да полета за Скопје.
На денот на враќањето, со куферот и помала торба во раце, излегов од Сите, Градот на Уметностите, а надвор истураше еден дожд како река, додека дојдов до метро-станицата „Сен Пол“ бев цаплосан до кожа, од што во Градот на Светлината почна да ми се стемнува. За среќа, во метро не врне и малку си дојдов при себе. Дополнителна радост е тоа што од „Сен Пол“ до станицата „Дефанс“ има директна линија и нема преместување во одењето со метро, тоа ми дозволи малку да се подисушам. Реков „Дефанс“, станица каде што има автобуска линија што ги носи патниците до аеродромот „Бове“, таму, чекирање, пасошка контрола и времето ќе помине брзо како на лента, двата часа што дојдов порано ќе поминат веднаш, потоа во авион и право дома.
Така си мислев, само што не предвидов една ситница што често се случува на скоро сите аеродроми во Франција, Македонија и насекаде во светов. Малата ситница е доцнење. Уште пред да дојдам со багажот до одредениот шалтер, на електронската табла од аеродромската сала се појави корекција на редот на полетување на симпатичните чуда наречени авиони и летот за Скопје се одложува за цели други четири часа. Како четири часа, четири и два од нормално предвиденото време, тоа се шест часа, како да се остане толку време во оваа аеродромска просторија во која дува студен ветер од сите страни? А јас покиснат и со цаплосана виндјакна, како ќе се одбранам од студот? Единствената топлина што беше присутна во аеродромската хала беше таа што доаѓаше од телата на патниците и на службениците од аеродромот. Не дознав дали и ним им студеше, ама мене колената ми се тресеа и почна да ми паѓа темнина врз очите. Во салата има и топли места, таму каде што се продаваат сендвичи и топли пијалаци. Бев еднаш, зедов капучино и еден кроасан. И кроасанот и капучиното ги консумирав што е можно побавно за да останам подолго на шанкот, половина час и толку, не можам да останам таму два или три часа!

Коле Манев во Париз

Со жалење го напуштив топлото место, со куферот и торбата во раце, отидов, седнав на едни железни столчиња студени мраз. Да знаев дека ќе има толку доцнење, ќе си останев во креветот од Сите, кога го напуштив, од него извираше една топлина мислиш кралска. Ама, со овие онлајн системи нема кога сакаш, туку кога е договорено. А сега, наместо топлината, ги чувствувам влагата и студот што излегуваат од железното столче. Во тој миг не само што ми се стемни и пред очите и во главата, одозгора ми дојде мисла кога го посетив „Версај“, каде што покрај мноштвото ликовни дела се изложени и предмети со кои се служеле кралот и неговата свита. Во една од собите од „Версај“ е изложен креветот на Луј Четиринаесетти, раскошен, удобен и топол. Од страните висат дебели кадифени завеси, кои штитат од светлост и нудат спокоен сон. А мене токму тоа ми треба, топлина, аман од овие студени железни столчиња. Сега не ми е важно од каде ќе дојде толку посакуваната топлина од Сите или од „Версај“, важно да дојде. Вака сериозно почна да ми се стемнува, иако денот сѐ уште владее. Повторно во мислите ми дојде кралската покуќнина од истоимената палата. Ах, тој „Версај“. Ах, тие волшебни предмети што нудат кралска и човечка топлина.
Одеднаш во аеродромската сала блесна една надежна светлина, сонцето, кое за миг излезе од облаците, како да сакаше да ни каже фрлете ја темнината. Сонцето се понуди само неколку секунди, потоа повторно сивило, а мене пак ми се стемни. За да добијам малку светлина пред очите, направив неколку круга низ аеродромската сала, по што конечно ги најавија подготовките и полетувањето на нашиот авион што нѐ водеше кон нашите топли простори. Во авионот не почувствував фобија или страв од летање. Дојдоа топлина и светлина во видот, по што удобно се оптегнав на авионското седиште. Патувањето до Скопје ми се виде кратко, бидејќи половина од летот го преспав.
Надвор од аеродромот ми се причини дека и овде, кај нас студи! Зошто се чудам, си реков во себе? Нели е зима, во зима е студено! Ама зимата не трае вечно, доаѓа и си оди. Има и други годишни времиња, кои се различни од зимата, во нив ни е топло. Можеби затоа годишните времиња се убави. Со такви мисли заспав во топлиот кревет од мојата соба.

Коле Манев