д-р Ленче Алексовска-Величковска

Родителите треба секогаш да имаат информации каде им се децата, со кого се дружат и како го поминуваат слободното време. Треба да поминуваат повеќе време со децата и да разговараат со нив, за да можат децата да ги почувствуваат грижата и љубовта од своите родители. Другите агенси на социјализации се: наставниците, тренерите, општеството, културата… Стручните служби во училиштата треба да се вклучат со постојано едукативни и превентивни теми за да се спречат горенаведените асоцијални однесувања. Децата и адолесцентите треба да станат свесни за последиците од нивното несоодветно однесување, советува проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска за начините на кои општеството треба да се ангажира за едукација на најмладите, со цел тие да се заштитат од опасни предизвици на социјалните мрежи

Изминативе денови и неколку недели во Македонија се случија еден куп повреди на деца поради предизвици на социјалните мрежи. На почетокот од декември, во дел од домашните медиуми се појави информација дека во период од четири дена, во декември, поради опасниот предизвик наречен „Супермен“ на социјалната мрежа Тикток, која е една од најпосетените и најпопуларни меѓу најмладата популација, единаесет малолетници од Скопје завршиле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Беше објавено дека по дијагностиката, две деца поминале со скршеници на рацете, а другите девет со набиеници, по што сите деца биле пуштени на домашно лекување. Во тој предизвик, кој, за жал, е популарен во многу земји во светот, забележани се и тешки повреди на деца и/или тинејџери. Во рамките на предизвикот, дете со крената рака како Супермен се затрчува кон група што има испружено раце и, откако ќе го фатат, детето го фрлаат во воздух. Притоа, другите деца се тргаат настрана, а очекувањата се дека Супермен ќе „летне“, па на крајот ќе се спушти и ќе застане на нозе.
Откако беше убиено дете на возраст од 14 години поради кавга на социјалните мрежи, во соседна Албанија следуваше целосна забрана на Тикток, во времетраење од една година. Оваа одлука доаѓа по средбата на премиерот Еди Рама со групите на родители и е дел од поширокиот план што има цел да ги направи училиштата побезбедни. Покрај забраната на Тикток, беше најавено дека ќе се зголеми полициското присуство и ќе се работи на поблиска соработка со родителите како дел од тој поширок план. Соседна Грција планира да воведе низа регулативи за да се спречи дигиталната зависност кај младите корисници под 15 години и да се заштитат од опасностите од прекумерна изложеност на социјалните мрежи. Последните планови на владата доаѓаат откако Грција ги забрани мобилните телефони во училиштата во септември во уште еден обид да се бори против растечкото прашање на малолетничката деликвенција, поттикната од ширењето насилна и штетна содржина на социјалните мрежи.
Австралија неодамна воведе закон со кој им забранува на сите помлади од 16 години да имаат профил на социјалните мрежи. И Франција воведе закон што ги спречува корисниците под 15 години да пристапат до социјалните медиуми. Уште неколку други држави во Европа воведоа рестрикции на користењето на социјалните мрежи за децата.
На оваа тема разговараме со д-р Ленче Алексовска-Величковска, која дваесетина години е професорка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, на кој дипломира во 1992 година. Пет години подоцна, во 1997-та, таа дипломира психологија на Филозофскиот факултет – на Институтот за психологија, кој е еден од дванаесетте институти при Филозофскиот факултет. Како спортски психолог експерт мошне успешно работи 27 години со спортист(к)и во индивидуалните и во колективните (и репрезентации) спортови.

Дали сметате дека е изводливо да се лоцира вината, дали на пример причините може да се бараат во достапноста и/или начинот на користење на социјалните мрежи или, пак, во начинот на воспитување (дома и во основно и/или средно училиште) на децата, од кои некои, што се чини дека воопшто не е занемарлив број, стануваат сѐ полековерни?

– Секое отстапување од нормалното однесување се нарекува неприспособено однесување, а во тоа спаѓаат: малолетничката деликвенција, наркоманијата, алкохолизмот, агресивното однесување. Децата и адолесцентите прво се воспитуваат во семејството. Тоа е основна единица за да се развиваат како здрави личности, поттикнувајќи го нивниот социјален, емоционален и когнитивен развој. Родителите се одговорни за своите деца. Какви родители – такви деца, тоа е принципот на процесот на социјално учење. Родителите треба секогаш да имаат информации каде им се децата, со кого се дружат и како го поминуваат слободното време. Треба да поминуваат повеќе време со децата и да разговараат со нив, за да можат децата да ги почувствуваат грижата и љубовта од своите родители. Тоа ќе ги направи посигурни, поодговорни и поавтономни. Да ги научат децата на позитивни општествени вредности на култура, почит, хуманост, солидарност, заедништво и толеранција. Да ги научат да не навредуваат, да не чувствуваат омраза или завист, туку да си помагаат и да бидат вистински другари. Другите агенси на социјализации се: наставниците, тренерите, општеството, културата. Стручните служби во училиштата треба да се вклучат со постојано едукативни и превентивни теми за да се спречат горенаведените асоцијални однесувања. Децата и адолесцентите треба да станат свесни за последиците од нивното несоодветно однесување.

Дали сметате дека треба, и кој би можел да го направи тоа, во Македонија да се иницира донесување на некои (не)официјални предлози, мерки за некакви ограничувања во пристапот на младите до некои социјални мрежи?

– Родителите, образовните институции, Министерството за образование и наука и, секако, државата. Како позитивен пример, еве можам гордо да го наведам примерот кога министерот за спорт Борко Ристовски направи иницијатива и заедно со најголемите спортски ѕвезди се договори да не рекламираат казина, обложувачници, коцкарници, кои се големо зло, зло што уништува животи и создава зависност. Најголемите спортисти се пример, модел за секое дете, кое сонува да биде како нив. Социјалните норми, моралните вредности, етиката мора да се почитуваат, во спротивно секогаш ќе има ограничувања.

Како ја оценувате идејата да се одржат јавни дебати на оваа тема и подоцна да се направи стратегија од страна на надлежните, кои би можеле да ги проценат состојбите и безбедносните ризици што се потхрануваат од одредени социјални мрежи?

– Секогаш дебатите се добредојдени. Потребни се научни и стручни истражувања и проекти, теми и едукативно-воспитни програми, обуки и слично. Врз основа на тоа се пишува стратегија. Повторно ќе се навратам на најзначајниот фактор, социјализацијата и родителите. Таму лежи одговорот за сите нови, стари, современи социјални релации. Тие се темелот на здрава социоемоционална личност.

Дали е изводливо и на кој начин цените дека може да се намали бројот на вакви немили случки кај најмладата популација?

– Да се едуцираат, да се обучат со примери – теоретски и практични. Да посетуваат спорт, да создадат спортски навики, здрави навики. Треба секојдневна физичка активност и поквалитетна комуникација на релацијата родители – деца. Да се поттикнува нивната внатрешна мотивација, да го развиваат мотивот за постигнување, да имаат интелектуална љубопитност, да развиваат здрава конкуренција и натпреварување, едноставно да ги научиме децата да бидат среќни, задоволни, а истовремено и внимателни кон сите современи предизвици. Да знаат да проценат што е лошо, а што добро однесување.

Каква е вашата препорака до корисниците на социјалните мрежи, особено малолетниците, како и до родителите и образовниот наставен кадар што работи со тие малолетници?

– Како прво: поквалитетна релација дете – родител. Второ, поодговорна релација дете – наставник – родител. Трето, стручните служби во сите училишта да се вклучат со превентивни теми за да создаваме личности – деца, а не деликвенти. Четврто, децата да спортуваат, тоа е најдобрата алатка за ментално и физички здрави деца. Петто, децата учат од возрасните, културата, општеството. Шесто, во случај на неконтролирани случаи од социјалните мрежи, се препорачува ограничувања, забрани и слично, како во голем број европски земји.

Живко Здравкоски