Деновиве сме во сезона на празнување, а тука е и Нова година. Зборот мамурлак е еден од оние што, за жал, често се споменуваат во овој контекст. Мамурлакот е нешто со што луѓето се обидуваат да се справат со векови, но сè уште нема дефинитивен одговор кој е најдобриот начин за борба против него.
Старите Римјани препорачувале сурови јајца од був за борба против мамурлакот. Античките Асирци, пак, се колнеле во успехот на некаква мешавина од мелени птичји клунови…
Но дали постои начин да се избегнат главоболките, летаргијата, мачнината и нервозата пред да се појават? Што ако можеме да земеме апче или пијалак што би можел да го намали нивото на алкохол во крвта и да направи да се чувствуваме подобро следното утро. На пазарот се појавија производи што се рекламираат како револуционерни лекови за мамурлак. Тие содржат бацилус коагуланс и бацилус суптилис или добри бактерии. Тука се и Л-цистеин, аминокиселина и витамин Б12. Овие производи се пробиотици и содржат мешавина од минерали, витамини и билки и се вели дека дејствуваат со намалување на апсорпцијата на алкохол. Тие го разградуваат количеството на алкохол што се апсорбира во крвотокот пред да има шанса да дејствува, што не само што влијае на тоа колку сте мамурни туку и потенцијално влијае на тоа колку сте пијани.
По повеќе децении истражување, научниците неодамна постигнаа консензус дека мамурлакот е комбинација на психолошки и физиолошки симптоми што се јавуваат по прекумерно внесување алкохол, кога концентрацијата на алкохол во крвта се приближува или се враќа на нула. Во поново време, истражувањето го опфати и прашањето за лошото расположение што следува наутро по пиењето, проследено со чувство на вознемиреност, чувство дека не можеме да донесуваме одлуки или забавено време на реакција.
– Една вообичаена заблуда е дека мамурлакот е едноставно дехидрација. Нашето тело се обидува да го разгради или исфрли алкохолот од телото. За да се случи тоа, нашето тело мора да го претвори алкохолот во ацеталдехид, кој всушност е токсичната хемикалија одговорна за да се чувствуваме како болни. Во исто време, алкохолот е првенствено јаглехидрат и доведува до промени во нивото на шеќер во крвта. Исто така алкохолот предизвикува воспаление во желудникот и тенкото црево. Згора на сѐ, кога ќе почнеме да пиеме, алкохолот ја намалува анксиозноста и може да предизвика и еуфорија. Ова е ефектот што алкохолот го има на невротрансмитер наречен ГАБА (гама-аминобутерна киселина). Тоа е главниот инхибиторен невротрансмитер што дејствува на забавување на делови од нашиот мозок – забележува д-р Сали Адамс.
Рецептите за спречување или лекување на мамурлакот се многубројни, но некои се дефинитивно поефикасни од другите. Професорот Адамс препорачува да ги третираме различните компоненти на мамурлакот. Рехидратацијата и пиењето вода пред спиење или следниот ден сигурно ќе помогнат да се ослободите од сомнителната дехидрација од алкохолот бидејќи се губи многу вода поради честото мокрење.