Загрозеноста на шумите сериозен глобален проблем: шумски пожари, суши и несоодветно пошумување
Над 94 илјади хектари изгореа годинава во 126 шумски пожари во Македонија, што е речиси колку во претходните десет години заедно, според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), дел од програмата „Коперник“. Изминатите десет години во над 400 шумски пожари изгореле околу 100.000 хектари. Најтешка година претходно била 2019-та, кога во 135 шумски пожари изгореле 29.807 хектари.
Еден од најголемите шумски пожари годинава беше оној во Мариово, каде што изгореа 11.000 хектари, а беше ставен под контрола осум дена од избувнувањето. Процентуално, годинава изгоре 3,6 отсто од вкупната површина на земјава. Во август беше активиран механизмот на ЕУ за цивилна заштита поради огромниот број пожари во Македонија. Како резултат на тоа, десет воздушни противпожарни тима од шест различни земји членки на ЕУ беа распоредени низ земјава во борба против пожарите.
Следењето на емисиите од шумски пожари спроведено од службата за мониторинг на атмосферата „Коперник“ (ЦАМС) во текот на годинава покажува значајна активност во неколку региони низ светот. Балканот, Источна Европа и Португалија се справуваа со пожари летоска.
Северна и Јужна Америка исто така претрпеа интензивни шумски пожари што ги зафатија Амазонија, Канада и западниот дел на Соединетите Американски Држави поради тешките услови на суша. Источна Евроазија, вклучувајќи и во рамките на Арктичкиот Круг, исто така имаше натпросечни емисии на пожари. Во текот на летото на јужната хемисфера, ЦАМС внимателно ги следи пожарите во Австралија.
Се плаќа цената за отсуството на мешани шуми
Во времето на Југославија била направена грешка во Македонија кога било одлучено да се пошумува со еден вид дрвја. Цената за немањето мешани шуми се плаќа денес. Мешаните шуми се поотпорни на болести и на пожари. Пожарот во шуми со еден вид дрвја се шири побрзо, а за негово ширење придонесуваат и шишарките, кои при пожар летаат и прават нов пожар. Во времето на Југославија се мислело дека на Македонија ѝ недостигаат повеќе иглолисни дрвја, па такви и се саделе.
– Бидејќи во нашата држава составот на шумите е повеќе листопаден, а значително помалку четинарски, во тоа време се сметало дека треба да се пошумува со четинарски или иглолисни видови. Тие дрвја се саделе без водење сметка на која надморска височина, односно на кое место растат. Исто така се саделе и се создавале чисти насади, претежно од црн бор, помалку од бел бор и од чемпрес – нагласуваат соговорници упатени во тематиката.
По двете светски војни, не само на територијата на тогашната Југославија туку и во Европа ваквите шуми требало да ја зајакнат економијата. Но таквата неприродна шума е ранлива.
Шумите во соседството се борат со слични проблеми. До 2020 година Србија требаше да има степен на шумска покривка од 41,4 отсто, но постигнат е степен од 29,1 отсто, покажуваат податоците на Државната ревизорска институција од пред три години.
Црна Гора е една од најпошумените земји во Европа, со дури 70 отсто од нејзината територија под шуми, но и таму има проблем со сушењето на шумите и шумските пожари се нивна најголема закана. Во Босна и Херцеговина ситуацијата е слична како во Србија, но со значително повисок степен на шумска покривка – 53 отсто. Се сушат смреките, а загрозени се и дабовите шуми. Главна причина за тоа се болестите и штетниците, но и пожарите, бурните ветрови и сушите. Н.М.