Интервју со академик Нада Поп Јорданова по повод нејзините две најнови книги
Нада Поп Јорданова е истакната македонска научничка и професорка од областа на медицината, психологијата и психосоматиката, како и членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Академик Поп Јорданова има објавено голем број научни и истражувачки текстови, како и 25 книги на македонски јазик, кои се наменети образовање на пошироката македонска јавност и поттик за нови сознанија значајни во секојдневниот живот. Со неа разговараме за нејзините две последни книги „Што ни порачува науката“ и „Срамот во бесрамно време“, како и за можноста за секојдневна примена и широка полезност на нивната содржина.
Која беше вашата намера со објавувањето на последните две книги?
– Најпрвин ви благодарам вам лично и на „Нова Македонија“ за покажаниот интерес за моите дела. Во годинава што заминува, 2024-та, издадов две книги: едната е „Што ни порачува науката“ во издание на „Матица“, а втората „Срамот во бесрамно време“ во издание на МАНУ. Зошто пишувам книги покрај моите публикации во списанија посветени на науката? Најпрвин, мислам дека имам дарба за пишан збор, тоа останало од мојата долгогодишна педагошка дејност како професор, а најбитно од сѐ е тоа што чувствувам должност на нашата македонска публика да ѝ прикажувам најнови и битни истражувања од светската наука, кои се надевам дека се полезни за секого.
Во таа смисла, редовно пишувам со години во дневните весници на македонски јазик. „Нова Македонија“, како најстар и најсолиден весник, ги прифаќа моите написи со години. Всушност, книгата насловена „Што ни порачува науката“ претставува збир на мои написи во периодот 2021-2024 година што беа објавени во „Нова Македонија“. Мислев дека на ваков начин, собрани во една книга, сите написи ќе им бидат полезни на поширок круг читатели.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за тематиката на вашата последна книга?
– Темите обработени во оваа книга се поделени во три дела: 1) Високите мозочни функции и новите технологии, 2) За здравјето и 3) Од најрана возраст и созревањето. Во првиот дел има написи за интелигенцијата како највисока психолошка функција кај хуманиот род, објаснувања за тоа што е артефициелна (вештачка) интелигенција, дали таа може да го достигне човечкиот мозок, разликите помеѓу машкиот и женскиот мозок итн.
Во вториот дел се изнесени најнови сознанија поврзани со нашето здравје, како влијанијата на аерозагадувањето, хроничната болка, влијанието на алкохолот на мозочните функции, осаменоста, влијанието на храната, како празнувањата дејствуваат врз менталното здравје, за вакцинациите, за топлинските удари, влијанието на начинот на современото живеење на развиток на деменциите итн. Во третиот дел се изнесени најнови сознанија за периодот на бременоста, траумите поврзани со раѓањето, за неопходното поврзување на мајката со детето, како влијае стресот на децата, за депресиите и самоубиствата кај младите, најнови сознанија за шизофренијата итн.
Се надевам дека во оваа книга читателите на едно место ќе пронајдат објаснувања за многу актуелни теми и поткрепи од науката за кои кај нас многу ретко и малку се пишува.
Кои се бенефициите за пошироката јавност од вашата најнова книга „Срамот во бесрамно време“?
– Најновата книга „Срамот во бесрамно време“ беше поттикната токму од недостигот од срам во денешнава цивилизација. Се зафатив да објаснам што претставува срамот како психолошка функција, како тој се развива кај децата, како се мери, што предизвикува необработениот срам, што е тоа позајмен срам, за срамот кај напуштените деца, срамот кај адолесцентите, за вината на родителството, за тоа како срамот дејствува на функциите во целиот организам. Потоа е обработена вината како различен психолошки феномен од срамот. Во книгата посебно се обработени невролошките корелати на срамот и вината, врз основа на најнови сознанија добиени преку функционална магнетна резонанца. Посебно се обработени срамот и вината од општествен аспект. По мое сознание, ова е прва ваква монографија на македонски јазик посветена на овие две битни човечки функции – срамот и вината, и се надевам дека на читателите ќе им биде интересно и полезно.
Зошто се значајни овие изданија?
– Благодарам на весникот „Нова Македонија“ што најде место за промоција на моите последни книги. Инаку, јас досега напишав 25 книги на македонски јазик. Сите мои книги се пишувани со единствена цел – образовање на широката публика и поттик за сознанија што се најнови и значајни за сите во секојдневниот живот. Мислам дека во последно време во медиумите најголемо внимание ѝ се посветува на политиката, а многу малку се пишува и слуша за културата, уметноста воопшто, а речиси воопшто за научните достигнувања. Сметам дека ваквите изданија, а и написи во дневните весници се неопходни за да се издигне нивото на информираност и општо образование кај нашите луѓе. За научните трудови и поглавја што се главно на англиски јазик не би зборувала, тоа се однесува на друг домен – наука! На крајот им, испраќам најсрдечни и искрени честитки на сите вработени во „Нова Македонија“, на сите нејзини читатели, на сето население на оваа мала земја, со надеж за подобри денови и благосостојба!