Со распадот на планот на италијанската премиерка Џорџа Мелони, во еден мигрантски центар во Албанија се сместени кучиња скитници вдомени од италијански чувари
„Гардијан“: Новинарско истражување на ТВ Пирањат Што се случува со скапиот италијански проект за основање мигрантски кампови во Албанија
Кога Италија ги отвори центрите за мигранти во Албанија во октомври, планот беше јасен: три илјади луѓе месечно пресретнати во италијанските води ќе имаат процесирање на нивните барања за азил надвор од границите на Италија, надгледувани од италијански полицајци.
Два месеца подоцна, албански новинари што се претставуваа како туристи налетаа на некои од италијанските полицајци што престојуваа во хотел со пет ѕвезди, со базен и спа-центар, во Шенѓин, албанското пристаниште во кое се наоѓа мигрантски центар.
– Дојдовме тука за работа, ние сме обезбедување на мигрантскиот центар, но во објектите нема мигранти, тие се префрлени во Италија. Тука сме само ние. Платени сме да се однесуваме како туристи: појадок, вечера и сауна, сето тоа бесплатно, плаќа италијанската влада – изјавија полицајците за новинарите на ТВ Пирањат.
Празни се објектите во Шенѓин каде што тие беа испратени да работат: сѐ што беше претставено од Европската комисија како нов модел за задржување мигранти надвор од ЕУ, основан кога италијанските судии одлучија дека е незаконски да се држат луѓето пресретнати на море во Албанија, пред да ги вратат во земји како Бангладеш и Египет, кои Рим ги смета за „безбедни“. Само 24 баратели на азил биле испратени во Албанија и никој не останал таму. Петмина поминаа помалку од 12 часа во притворен центар, додека преостанатите останаа нешто повеќе од 48 часа.
Во време кога Италија се бори да го балансира својот буџет, кратејќи ги средствата за образование, здравство и социјално осигурување, опозициските партии го нарекоа договорот меѓу Рим и Тирана, кој ќе чини околу една милијарда евра (830 милиони фунти) во текот на пет години, „финансиска катастрофа“.
Италијанските полицајци тајно снимени од албанската телевизија се меѓу десетиците останати во Албанија. Во ноември околу педесетмина, заедно со десетици социјални работници, се вратија дома кога се дозна дека објектите се празни.
Кон крајот на ноември националниот дневен весник „Домани“ откри дека друг албански притворен центар, во Ѓадер, наменет за сместување баратели на азил, бил исполнет со кучиња скитници, згрижени од 15-те затворски службеници распоредени таму.
– Затворските службеници со љубов и трпение ги задоволуваа потребите на кучињата, обезбедувајќи им храна, вода, секојдневна медицинска нега и пред сè безбедна средина – објавија медиумите по посетата на центарот.
Срамот на италијанската влада поради планот за мигрантите, нападнат од опозициските партии како „целосен неуспех“, предизвика спор меѓу властите и судиите што беа обвинети од десничарските партии за опструирање на проектот, откако ја потврдија пресудата од страна на Европскиот суд на правдата од 4 октомври што вели дека земја надвор од европскиот блок не може да се прогласи за безбедна, освен ако целата нејзина територија не се смета за безбедна.
Неколку месеци пред потпишувањето на договорот меѓу италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама голем број невладини организации, академици и експерти поттикнаа сомневања дали тој може да се смета за хуман или дури и за законски според меѓународното право. Неколку европски држави предложија решенија слични на договорот на Италија со Албанија од 1993 година, а нивните предлози беа одбиени.
Италија посочи дека иницијативата е во мирување бидејќи бара решение што не ги прекршува меѓународните хуманитарни закони.
– Центрите за мигранти во Албанија ќе работат, дури и ако морам таму да ја поминувам секоја вечер, отсега па до крајот на мандатот на италијанската влада – инсистираше Мелони.
Кредибилитетот на премиерката е загрозен бидејќи нејзината влада ја направи имиграцијата централно прашање за изборната кампања и ги критикуваше претходниците за трошење јавни пари за справување со миграциската криза. (Превозот со италијански воен брод за осуммина мажи што пристигнале во Албанија чинел 250.000 евра – повеќе од 31.000 евра по лице.)
– Зошто вака да ги фрламе парите на Италијанците? Зошто да ги оставиме органите на редот на одмор во Албанија кога ни треба персонал во нашите градови – праша Матео Ренци, лидер на опозициската партија Италија вива и поранешен премиер.
Тој побара албанските затвореници во Италија да бидат преместени во објектите во Албанија.
– Договорот за миграцијата во Албанија е една од најголемите фарси во нашата историја – додаде тој.