По последните остри критики на грчките политичари за изјавата на премиерот Зоран Заев дека, меѓу другото, ќе се зголемат шансите македонскиот јазик да се изучува и во Грција, се создаде клима што покажува дека сѐ уште се отворени и веројатно допрва ќе се отвораат многу прашања поврзани со процесот за ратификација на спогодбата од Мала Преспа. Во меѓувреме, секоја од страните очигледно може да води своја пропаганда околу содржината и значењето на документот и да го толкува како што сака
Постои ли опасност спогодбата од Мала Преспа со Грција да влезе во сива зона, во која двете политички гарнитури што ја потпишаа ќе можат да ја толкуваат како што сакаат и секој од своја перспектива.
Оваа дилема се јави неделава по серијата обвинувања што грчките политичари ги упатија до премиерот Зоран Заев, кој во саботата од собраниската говорница образложи дека со спогодбата со Грција ќе им се помогне на Македонците во соседните земји и дека ќе се зголемат шансите македонскиот јазик да се изучува и во Грција. По ова медиумите известија дека грчкото МНР подготвува протестна нота до Македонија. Според најавите во медиумите, се очекува заменик-шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, забелешките на официјална Атина наскоро да му ги пренесе на министерот Никола Димитров. А еве што точно кажа Заев од собраниската говорница, обраќајќи им се на пратениците од опозицијата.
– Вие зборувате за Македонците во Грција со толкав жар и добро е тоа. Да се запрашаме што направивме за нив во овие 27 години. Да бидеме чесни, направивме ли нешто во врска со нив? Преку пријателство, преку тргнување на овој горчлив проблем што сите овие 27 години лебдеше над нас и беше тег на тонење, има поголеми шанси има шанси да се изучува и македонскиот јазик и таму, конечно. Досега беше забранет, табу-тема беше. Па и грчкиот овде се изучува веќе, имаме шанса да им помогнеме, да ги тргнеме границите – рече премиерот Заев.
Инаку, на изјавата на премиерот Заев, прв реагираше грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, кој за време на средбата со неговиот словенечки колега, Борут Пахор, рече дека Грција нема да прифати своеволни толкувања на Преспанскиот договор од страна на Владата во Македонија.
– Ние не сме подготвени, во пресрет на дефинирањето и пред неговата ратификација, да прифатиме толкувања на договорот од Преспа што се своеволни, бидејќи уште ништо не е завршено – изјави Павлопулос.
Се огласи и лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, кој ги критикуваше и македонскиот премиер Заев и актуелната власт во Атина.
Мицотакис рече дека предупредувањата упатени од нив до власта се оствариле, односно дека признавањето на македонски јазик во договорот од Преспа „ја отвора Пандорината кутија во која се сместени иредентистичките ставови на Скопје“.
– Заев има причина да слави за тоа што го постигна со договорот – оценува Мицотакис, упатувајќи критики за молкот од грчката влада по изјавата на македонскиот премиер во која се вели дека Македонците во северна Грција ќе имаат право да го изучуваат македонскиот јазик. Лидерот на Нова демократија го повтори својот став дека нејзините пратеници нема да гласаат за поддршка на договорот кога тој ќе дојде на усвојување во грчкиот парламент.
За критиките на Мицотакис му се придружи и грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој оцени дека изразувањето такви неодговорни аспирации, потврдува оти немало место за договор. Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека нема да ги коментира изјавите на премиерот Зоран Заев за македонскиот јазик и Македонците во Грција ниту пак истото тоа ќе го стори за реакциите на грчките политичари. Тој рече дека ќе се „воздржи“ од детали и посочи дека сите членки на НАТО се согласуваат да ја примат Македонија под новото име, Северна Македонија, штом се имплементира договореното.
Во меѓувреме стручната јавност, со која се извршени консултации, во сублимиран заклучок вели дека по последните остри критики на грчките политичари за изјавата на премиерот Заев се создава клима што покажува дека сѐ уште се отворени и веројатно допрва ќе се отвораат многу прашања поврзани со процесот за ратификација на спогодбата од Мала Преспа. Во меѓувреме, секоја од страните очигледно може да води своја пропаганда околу содржината и значењето на документот и да го толкува како што сака. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека никој во земјава не треба да се зажалува дека со договорот со Грција, имало некакви гаранции за нашиот национален идентитет. Тој вели дека целосна глупост е некој некому да му гарантира национален идентитет преку договор.
– Целта на Грција беше и останува да се избришат Македонците и тоа за никого не треба да биде спорно. Да не заборавиме дека Грците во своето дејствување цело време се повикуваат на духот на Охридскиот договор, бидејќи постоењето на македонскиот народ за нив е неприфатливо – вели Никовски.
Според Никовски, изјавите што доаѓаат од Грција, се само најава за тоа што нѐ чека во иднина.
– Можеме да бидеме апсолутно сигурни, дека во текот на преговорите за членство во ЕУ ќе ни се избришат и јазикот како македонски и државјанството како полумакедонско и сѐ што е сврзано со македонизмот, а ако тоа Заев и власта не го разбираат тоа сепак не претставува никакво оправдување за она што може да се случи во иднина – вели Никовски.
Со Никовски се согласува и политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој додава дека во овој момент никој не може да предвиди до која граница ќе одат притисоците на Грција во долгиот, комплициран и трнлив пат, кој по потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа треба да го мине нашата држава додека да влезе во ЕУ и во НАТО.
– Јас мислам дека сето тоа е само еден вид најава на она што може да ја очекува нашата земја од страна на грчките политичари. Искрено, мислам дека оваа состојба уште дополнително ќе се влоши во скоро време, бидејќи многу скоро на следните избори во Грција се очекува на власт да дојде партијата Нова демократија, која има отворени исклучително ригидни и тврди ставови кон последните случувања меѓу двете земји и која е нетолерантна на политиките на владата на Алексис Ципрас – вели Стефаноски.
За забележување е и фактот дека до затворање на весникот, вчера од македонското МНР не добивме одговор како гледаат тие на споменатите случувања и дали веќе пристигнала најавената протестна нота од Грција.