Франсоа Бајру

Елизабет Борн, Мануел Валс, Жералд Дарманин и голем број други познати имиња во политиката… Премиерот Бајру назначи искусни личности, од кои многумина му припаѓаат на поранешното претседателско мнозинство. База ограничена исто колку и онаа на неговиот претходник

Ќе може ли новиот француски премиер Франсоа Бајру да ја извлече Франција од најтешката ситуација по Втората светска војна

„Франција е земја што сака да ја менува власта сè додека е секогаш исто“! Овој цитат од Оноре де Балзак можеби најдобро ја илустрира сегашната ситуација во Франција со промените на владата. А би се запрашале што би напишал овој француски писател денес за политичката ситуација во земјата.
Франсоа Бајру верува дека списокот со „многу искусни личности“ што ја формираат неговата влада ќе му овозможи да се справи со најтешката ситуација со која се соочува Франција уште од крајот на Втората светска војна.
– Убеден сум дека акцијата што ја дефинирам пред вас и пред владиниот тим ќе гарантира дека нема да бидеме цензурирани – прогласи тој, без да даде повеќе детали за оваа наводна пресметка за веројатност.
По десет дена понекогаш јавни, често тајни преговори, неколку пресврти и мала неизвесност, премиерот успеа во едно: да го испочитува својот рок. Неговата влада беше формирана „пред Божиќ“, како што вети.
Не е важно што објавата беше на денот на национална жалост посветен на жртвите на циклонот Чидо, кој го опустоши островот Мајот.
„Откако се испочитува времето за молчење, размислување и почит, беше можно да се назначи извршната власт“, беше соопштено од Елисејската палата.
– На крајот на краиштата, ни треба влада за Мајот – рече претседателот на Сенатот, Жерар Ларше (Републиканци, ЛР), истото утро откако одржа едноминутно молчење во палатата на Луксембург.
Покрај Франсоа Бајру, овој нов тим го формираат 35 министри, меѓу кои и четворица државни министри. Што е ново? Во реалноста, таа е составена од медиумски и политички познати личности. Таму ќе работат заедно Жералд Дарманин и Бруно Ретајо, Мануел Валс и Елизабет Борн, Катрин Вотрин и Рашида Дати. Како „мешавина од петгодишните мандати од Жак Ширак до Емануел Макрон, каде што се рециклираат старите слави“, коментира историчарот Винсент Мартињи. На ваквите тврдења се спротиставува шефот на владата, велејќи „ова е иднината“!

Двајца поранешни премиери заземаат водечки позиции

Невидено од владата на Морис Кув де Мурвил во 1968 година, формирана една година пред оставката на генералот Шарл де Гол, двајца поранешни премиери заземаат водечки позиции. Макронистката Елизабет Борн, наречена Госпоѓа 49.3 од нејзините клеветници, затоа што го користела овој член од Уставот безброј пати за време на нејзиниот мандат, од јуни 2022 до јануари годинава, е одговорна за Министерството за национално образование, високо образование и истражување.
Веднаш зад неа во протоколарниот редослед е Мануел Валс. Затоа, поранешниот социјалист, кој му се придружи на претседателот Емануел Макрон во 2021 година, е за Франсоа Бајру „храбар лик“ што го „сака“. Мануел Валс е „медиумски ѕвер жеден за одмазда и реванш“, оценува за париски „Ле монд“ Гаспар Ганцер, поранешен гласноговорник во кабинетот на Франсоа Оланд. Бајру, од своја страна, сака да запомниме дека за приоритетни „предизвици“ за овој професор по литература и француски јазик се: училиштето и оние во странство, „кои имаат чувство дека не се грижиме за нив“.
Исклучен од претходната влада, Жералд Дарманан, близок до Емануел Макрон, се враќа кон врвот на државата за да го окупира Министерството за правда, а Бруно Ретајо, фигура на конзервативната католичка десница, која останува во Министерството за внатрешни работи, ќе формира еден вид тандем со Дарнанан.
Единствената мала новина на оваа влада ги враќа во извршната власт макронистите Орор Берже (родова еднаквост) и Амели де Моншалин (јавни финанси). Генералниот директор на Кес де Депо и Консињасион од 2017 година, Ерик Ломбард го презема кормилото на големото Министерство за економија, финансии и индустриски суверенитет.
Надвор од личностите што ја сочинуваат оваа влада, оние што не се дел од неа ја истакнуваат тешкотијата на задачата со која се соочува Франсоа Бајру. Центристот не успеа да добие фигури од Социјалистичката партија (ПС).
Бајру замислува да извлече договор за нецензура од умерената левица до 14 јануари 2025 година, денот планиран за декларација за нејзината општа политика. Дали тој има средства? Во понеделникот вечер шефот на владата секако вети дека ќе го користи членот 49.3 од Уставот „само во последна крајност“, но остро одби да се приклучи на главното барање на ПС: да се прекине пензиската реформа. „Во каков свет живеат тие?“, беше навреден од претседателот на Модем. Во вторникот наутро, првиот секретар на ПС, Оливие Фор, интервјуиран на БФМ-ТВ за новата влада, оцени дека „ниту еден од условите не бил испочитуван од Франсоа Бајру“ за воспоставување пакт за нецензура меѓу премиерот и неговата партија.


Осуди за новиот кабинет на премиерот Бајру од сите страни

Факт е дека без поддршка од левицата, Франсоа Бајру е во рацете на РН, како и неговиот претходник Мишел Барние. Тој на еден начин си купи помилување од Марин Ле Пен, откако шефот на владата конечно одби да му го довери Министерството за правда на Ксавиер Бертранд од партијата на лепенистите.
Од Оливие Фор до Марин Тондлие, преку Жан-Лук Меланшон и Рафаел Глуксман, различните партии на Новиот народен фронт беа многу остри по објавувањето на владиниот тим на Франсоа Бајру.
И покрај ветувањата за отвореност, владата на Бајру не наоѓа наклоност во очите на левицата. И покрај тоа што во неа има две историски личности од редовите на социјалистите – Мануел Валс, Франсоа Ребсамен, па и Елизабет Борн – тие нема да го зголемат рејтингот на популарноста во Новиот народен фронт, туку напротив. Премиерот е обвинет за рециклирање личности што претходно имале неуспеси.
Шефот на бунтовничките пратеници Матилд Пано особено се потсмеваше на социјалната мрежа Икс, пишувајќи: „Влада полна со луѓе што добија недоверба на гласачките места и кои придонесоа да потоне нашата земја… со поддршка на Марин Ле Пен и РН“. Шефот на социјалистите, Оливие Фор, од своја страна оцени на Икс дека новата екипа е „провокација“, влада на „екстремна десница“, особено со задржувањето на Бруно Ретајо во Министерството за внатрешни работи, кој не би требало да има недоразбирање со министерот за правда, каде што пристигнува Жералд Дарманин.
Оливие Фор не ја исклучува цензурата. „Ниту еден од условите не беше испочитувани од Франсоа Бајру“ да воспостави пакт за нецензура меѓу премиерот и Социјалистичката партија, рече нејзиниот прв секретар Оливие Фор. Тој наведе три од претходно поставените услови: „Независност од екстремната десница, нема повеќе насилно користење на членот 49.3 и конечно промена на курсот“.
– Не сум слушнал ништо такво, не сум видел ништо и затоа си велам, всушност, која беше поентата на сите овие часови поминати заедно – се жалеше Оливие Форе.
„Премногу е“, извика бунтовниот водач Жан-Лук Меланшон на Икс, барајќи Франсоа Бајру да побара од пратениците „гласање за доверба“ (Бајру во интервју за француската телевизија рече дека нема да побара гласање на доверба на владата по говорот за владината програма на 14 јануари). „Во спротивно, само цензурата ќе ни овозможи да му кажеме не на ова ново негирање на гласањето на Французите, за што се преговараше под контрола на Ле Пен“, додаде тој, повикувајќи уште еднаш на разрешување на Емануел Макрон, „организаторот на овој бродолом“.
На истата социјална мрежа, националниот секретар на комунистите Фабиен Русел од своја страна изрази жалење за „четвртата влада сè уште инспирирана од Емануел Макрон, од ЛР, од РН и со Валс како бонус! Ден без крај“.
Лидерот на Плас публик, Рафаел Глуксман, исто така, ја осуди владата „под туторство на Марин Ле Пен“. „Стариот свет виси“, забележа поранешниот пратеник Франсоа Руфин, жалејќи: „платениците на Саркози, најлошите години на Оланд, измешани со поразени макронисти, влада формирана со одобрение на Марин Ле Пен, еве кујна што ќе ги воодушеви Французите!“ „Тоа не е влада, тоа е фабрика за рециклирање“, се шегуваше генералниот секретар на ПС, Пјер Жуве.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур