Фото: ЕПА

Се истражуваат можни пропусти во германскиот безбедносен синџир

  • На социјалните мрежи, сторителот на стравотното дело во Магдебург (Германија), Талеб ал Абдулмохсен, отворено соопштил дека ќе се откаже од својата исламска вера, изразил симпатии за десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и го обвинил официјален Берлин дека промовира исламизација на Германија
  • Холгер Минх, шеф на германската федерална канцеларија за криминалистичка полиција БКА, изјави дека Германија добила предупредување од Саудиска Арабија минатата година, но истрагата покажала дека „е премногу нејасно како да се постапи и што да се преземе по предупредувањето во врска со 50-годишниот консултант психијатар Талеб ал Абдулмохсен. Полицијата се обидела да му пријде на Ал Абдулмохсен заради вршење т.н. анализа на закани, но очигледно ја испуштила можноста да разговара со него откако не успеала да го пронајде во неговиот дом

Се разгорува дебатата во германската јавност околу тоа дали смртоносниот напад извршен во Магдебург во петокот, во кој загинаа петмина, а над 200 беа повредени, можело да биде спречен, земајќи ги предвид достапните информации, кои укажуваат на безбедносни пропусти, сомнителни одлуки на германските служби за имиграција и отсуство на соодветно дејствување на полицијата во претходни соочувања со осомничениот.
Осомничениот 50-годишен консултант психијатар Талеб ал Абдулмохсен, е задржан во притвор поради сомнение за убиство, обид за убиство и нанесување тешки телесни повреди, откако беше приведен на местото на смртоносниот напад во Магдебург во петокот. Тој е осомничен дека со автомобил влетал во толпа на пазарот, а германските власти веруваат дека дејствувал сам.

Саудиска Арабија барала екстрадиција на осомничениот

Саудиските власти претходно, наводно, побарале екстрадиција на осомничениот, откако повеќе германски агенции признале дека добиле предупредувања за него. Саудиска Арабија ја предупредила Германија „повеќепати за саудискиот државјанин Талеб ал Абдулмохсен, познат по ширењето антиисламска пропаганда на социјалните мрежи“. И германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во саботата го опиша Ал Абдулмохсен како „исламофоб“.
– Постоеше барање за екстрадиција – изјави извор на „Франс прес“, додавајќи дека Ријад предупредил оти Ал Абдулнохсен „може да биде опасен“.
Холгер Минх, шеф на германската федерална канцеларија за криминалистичка полиција БКА, изјави дека Германија добила предупредување од Саудиска Арабија минатата година, но истрагата покажала дека е премногу нејасно за да се постапи по него.
Полицијата се обидела да му пријде на Ал Абдулмохсен заради вршење т.н. анализа на закани, но очигледно ја испуштила можноста да разговара со него откако не успеала да го пронајде во неговиот дом.

Незадоволството од германските имиграциски политики како можен мотив

Извршителот на грозоморниот чин во Магдебург дошол во Германија во 2006 година. Откако добил престој таму, почнал да споделува совети на интернет, со цел давање помош на оние што имаат намера да избегаат од Персискиот Залив. Иако првично искажувал благодарност кон Германија, се чини дека во изминатите неколку години Ал Абдулмохсен станувал сè понезадоволен од Германија и нејзините имиграциски политики. (Имено, во 2015 година Германија прими повеќе од еден милион бегалци од Блискиот Исток, но оттогаш почна да ги заострува граничните контроли).
Германските власти во саботата соопштија дека го испитуваат „незадоволството“ на Ал Абдулмохсен од односот на Германија кон бегалците, иако рекоа дека е потребно повеќе време за да се утврди мотивот за извршениот напад.
На социјалните мрежи, Ал Абдулмохсен отворено соопштил дека ќе се откаже од својата исламска вера, изразил симпатии за крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и ја обвинил Германија дека промовира исламизација на земјата.
На почетокот на годинава, а потоа и во август, тој упатил закани против Германија и германскиот народ преку интернет, за што германските власти очигледно биле предупредени, како што посочуваат светските медиуми. Р.С.


Германските политички лидери во обид да го смират огромниот притисок од јавноста

Разнишаната доверба кај граѓаните доби нов силен импулс со инцидентот во Магдебург

Германските политички лидери се наоѓаат под силен притисок поради неможноста за спречување на нападот во Магдебург, и покрај добиените предупредувања.
Во обид да ја вратат довербата по нападот, германските политички лидери ветија дека целосно ќе ги истражат безбедносните пропусти и ќе донесат нови закони за зајакнување на полицијата и зајакнување на безбедноста по трагедијата во која загинаа пет лица. Засега не е јасно дали таквите најави ќе ги смират гласачите, особено бидејќи продолжуваат да излегуваат информации за погрешните чекори во поглед на одржување на безбедноста.
Истрагите за безбедносните неуспеси веројатно ќе ги прогонуваат владејачките партии во Германија со недели пред вонредните избори закажани за 23 февруари и би можеле да поттикнат општо чувство на недоверба и несигурност кај гласачите, особено кога десничарските групи брзаат да профитираат од нападот со прикажување на главните лидери како неспособни да ги заштитат Германците – наведува европското издание на магазинот „Политико“. Р.С.