Панорама од Струга, родниот град на Депа Каваева

Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто.
За разлика од писмениот начин на изразување, кој во конкретниот момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во
јазикот, метриката и во
текстуалниот дел, односно
на импровизација. Токму од
вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите, кои понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа
Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое воевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ја откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми.
Авторот д-р Славчо
Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една
деценија работи на истражувања поврзани со појавата
и развојот на македонското женско прашање

Македонското духовно и јазично богатство во интерпретацијата на народните поетеси (2)

Македонскиот XIX век неодминливо е поврзан со Струга, пред сѐ благодарение на браќата Миладиновци. Расположена на двата брега на реката Црн Дрим, денес на Струга ѝ се препишува епитетот „најпоетски град“, а нарекувана е уште и „градот на Миладиновци“, и сето тоа, секако, поради значењето на браќата фолклористи и писатели.
Оттука тргнува приказната за македонските народни песни, кои, според Константин Миладинов, биле показател за степенот на умствениот развиток на еден народ и огледало на нивниот живот. Затоа, за богатството од песните, кои најмногу ги слушале од жени, во „Предговорот“ на „Зборникот“ на Миладиновци стои запишано дека: „Најповеќе песни се слушани в Струга од Депа Кавајова…“.
Која е Депа Каваева, која веќе е навлезена во легендите на македонскиот фолклор, но и како инспирација за многубројни творби од современи македонски автори? Познато е дека таа била главниот информатор на Миладиновци од Струга. Во времето кога тие ги слушале и запишувале песните, Депа била млада и даровита пејачка. Таа е релативно добро позната од пишувањата на повеќе македонски истражувачи во периодот по Втората светска војна. Нивниот интерес се однесува, пред сè, за нејзиното потекло, а помалку за нејзиниот придонес како интерпретаторка на народно творештво. Поврзувањето на Депа Каваева со Црна Гора, а особено со фамилијата Миладиновци и со Григор Прличев, укажува дека нејзината судбина била интригантна и интересна за проучувачите на преродбенскиот период во Македонија. Тоа не е случајно ако се знае дека Миладиновци ѝ биле вујковци. Можеби платонската љубов кон Прличев и неможноста за остварување љубовен однос со него резултирале со нејзино замонашување во охридските цркви „Свети Климент“ и „Свети Јован Канео“, под името Касијана. Таа била првата и единствена калуѓерка што служела во овие цркви, бидејќи ни пред неа ни по неа во нив не постоел монашки ред. При крајот на животот се повлекла во татковиот дом, односно грижата над неа ја презел нејзиниот помал брат Јоаким Каваев. Починала во неговиот дом. Каде се наоѓа нејзиниот гроб не е познато, но постои претпоставка дека е погребана во заедничка гробница заедно со нејзиниот брат Јосиф и нејзиниот внук Тома Каваеви, во дворот на црквата „Свети Ѓорѓија“ во Струга.
Песните во „Зборникот“ на Миладиновци, за кои е потенцирано дека се од Струга, се сместени во следниве категории: самовилски песни, други стари, црковни, јуначки, свадбени, лазарски и жетварски песни, како и свадбени обичаи. Депа ги научила песните од својот татко (нејзината баба нив ги пеела во Добрско Село). Можно е, како и во случајот со другите интерпретаторки на народни умотворби, како дете да ги учела песните, а потоа со текот на времето да ги препејувала, дотерувала и, на крајот, да ги пресоздавала во духот на народната поезија. Ваквото размислување е во согласност со прикажаните интелектуални можности на Каваева и оди во прилог на тезата дека надарените пејачки успешно импровизирале и вметнувале свој авторски влог во народните песни. Дополнително, на мислење сме (како и други истражувачи) дека Депа Каваева создала свои авторски творби, кои не се зачувани. Можеби во некое идно време ќе биде откриена некоја нејзина творба, за што изразуваме сомнеж, знаејќи дека приврзаниците на Цариградската патријаршија физички ја нападнале и го уништиле нејзиното творештво. Сепак, оставаме можности некои нејзини песни да се пронајдат во оставините на нејзините современици.

Проучувачите на животот на Депа Каваева во своите истражувања откриваат нови непознаници или изведуваат сопствени ставови во однос на различни делови од животот на Депа, како што се: нејзиното потекло, љубовта со Прличев, нејзината парализа и истеченото око, нејзината смрт итн. Сепак, изнесените ставови не само што не решија некои од загатките туку дополнително ги „замрсија“ и оние податоци за кои се веруваше дека со сигурност се знаат, при што се создаде „магличава слика“ исполнета со нови мистификации. Се отвораат низа прашања: познато е дека таа се подготвувала за свршувачка, но дали токму за Григор Прличев или за некој друг? Дали навистина Депа била тајна свршеница на Прличев? Дали и колку оригинални творби напишала и доколку напишала, дали тоа биле песни, раскази или некој вид дневнички записи? Дали самата таа била собирач на народни умотворби? Дали навистина Депа имала свој авторски влог во песната „Хилјада и седумстотин шездесет и второ лето“, која му се припишува на Прличев?

Инаку, од песните за кои Миладиновци запишале дека се од Струга, а кои ѝ припаѓале на Каваева (на Миладиновци им испеала околу 150 песни), по својата содржина особено се впечатливи песните: „Јован Попов и самовила“ (п. 14), „Јана и Детелин војвода“ (п. 15), „Свети Петар и мајка му“ (п. 44), „Два брата и сестра“ (п. 56), „Краљ Шишман, краљ Латина и овчар Табарина“ (п. 57) и др.
Можеме да заклучиме дека околу животот на Депа Каваева веќе се исткаени низа легенди. Самата нејзина физиономија и размислувања го дозволуваат тоа: била убавица, но потоа се парализирала; била интелигентна и пишувала, но творбите ги чувала само за себе, а јавно интерпретирала народни песни; се подготвувала за венчавка, но дали навистина за Григор Прличев, за некој друг или пак, во согласност со традицијата, само подготвила чеиз без да има избраник; се закалуѓерила во манастир, каде што ни пред неа ни по неа немало мажи. Низа прашања остануваат неодговорени. А колку повеќе се повторуваат овие легенди, прикази, описи, студии, толку повеќе се оддалечуваат од непознатата вистина, правејќи од нејзиното име лик околу кој може да се градат митологизации, но и мистификации. Но тоа е во ред! Впрочем, кога околу нечие име се градат легенди, тоа најверојатно е и заслужено.

Славчо Ковилоски

Продолжува