Фото: ЕПА

Годинава што изминува беше исполнета со повеќе клучни настани и важни одлуки што ги засегнаа и граѓаните што доаѓаат/влегуваат во ЕУ, а што не се државјани на земјите членки на Унијата. Но некои од тие одлуки на Брисел ги засегнаа и граѓаните на Унијата. Во еден таков контекст на построг режим влегуваме и во 2025 година, која носи уште повеќе правила и приспособувања. Најпрво, со проширувањето на шенген-зоната со Бугарија и Романија и второ, со воведувањето два нови гранични система, 2025 година ќе биде обележана со значителни промени за кои треба да бидеме свесни

Кои нови промени ќе бидат донесени во 2025 година по основ на патувањата во Европската Унија

Системот за влез/излез (ЕЕС) во ЕУ, како и Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС) ќе бидат воведени во 2025 година. ЕУ планираше да го спроведе ЕЕС во ноември 2024 година, но поради неподготвеноста на некои земји членки, Брисел одлучи да го одложи неговото започнување. Според официјалната веб-страница на ЕУ за системот ЕЕС, новиот граничен систем треба да биде оперативен во 2025 година. Точниот датум ќе биде објавен по состанокот на Советот за правда и внатрешни работи.
Новиот граничен систем на ЕУ, ЕЕС, ќе ги замени мануелните операции на граничните служби што се однесува до контрола на патните исправи, а според Брисел, „ќе биде од корист и за членките на ЕУ и за странските патници“ во смисла на побрза и попрецизна постапка. Важно е да се издвои дека системот ЕЕС ќе важи за сите патници, без разлика дали им е потребна виза за влез во шенген-зоната. Регистрацијата ќе се одвива на надворешните граници на ЕУ, без потреба од дополнителни процедури пред да се започне со патувањето од страна на граѓанинот.
Натаму, во 2025 година, се очекува да биде воведен и системот ЕТИАС. За разлика од ЕЕС, ЕТИАС ќе биде потребен само за посетители што се ослободени од виза. Тој, најверојатно, ќе стапи во сила напролет следната година. Точниот датум на започнување на ЕТИАС сè уште не е објавен, но прво ќе профункционира ЕЕС, а потоа ЕТИАС.
Кога ќе се воведе ЕТИАС, околу 1,4 милијарда луѓе од повеќе од 60 земји ќе треба однапред да аплицираат за овој документ пред да патуваат во ЕУ. За појаснување, ЕТИАС бара од патниците од земјите што имаат безвизен режим со ЕУ да аплицираат за дозвола за влез. Според соговорниците со кои се консултиравме, ЕТИАС-системот е „поедноставен од системот ЕЕС, со оглед на тоа што се пополнува формулар онлајн со основни податоци. Таа дозвола за престој во земја на ЕУ ќе трае три години и чини седум евра. Некои категории граѓани нема да плаќаат, на пример возрасни над 70 години и деца под 18 години мора да се пријават, но нема да плаќаат такси“. За ЕТИАС треба да се истакне дека кога еднаш ќе се внесат податоци од пасош во системот, тие ќе важат три години. Ако пасошот истекува во рамките на тие три години, тогаш треба уште еднаш да се аплицира со нов пасош и повторно да се добие дозвола за три години.
Според официјален Брисел, целта на овие два система е да се зајакне безбедноста на Европската Унија и на самите патници. Н.М.


Бугарија и Романија стануваат членки на шенген-зоната

Важна промена што ќе се случи следната година е влезот на Бугарија и Романија во шенген-зоната, преку копнени граници од 1 јануари 2025 година.. Бугарија и Романија веќе се членки на шенген за воздушен и поморски транспорт. Целосното влегување на Бугарија и Романија во шенген ќе значи укинување на контролите на внатрешните граници со соседните земји членки на шенген, што ќе го олесни движењето на нивните (на европските) граѓани и патници, а надворешните граници на ЕУ ќе бидат нивните национални. Така, построгите проверки за влез во ЕУ ќе се одвиваат на тие граници, особено на нашата источна граница, каде што граничиме со Бугарија. Н.М.


И граѓаните на ЕУ засегнати со нови режими и давачки за патувања

Граѓаните на ЕУ ќе треба да платат 11 евра за овластување за патување во Велика Британија од април 2025 година. Од април 2025 година, граѓаните на ЕУ што патуваат во Обединетото Кралство без виза ќе треба да имаат електронско овластување за патување (ЕТА), за кое ќе плаќаат такса од 11 евра. Според британското Министерство за внатрешни работи, граѓаните на ЕУ ќе можат да аплицираат за ЕТА од 5 март 2025 година, што ќе биде потребно за влез во Велика Британија од 2 април истата година. Овој услов ќе важи за сите граѓани на ЕУ, вклучувајќи ги и децата, на кои не им е потребна виза за да влезат во земјата или немаат дозвола за работа, студирање или престој во Британија. Откако ќе се заврши апликацијата за ЕТА, ќе се издаде во рок од три дена и ќе важи две години. Во овој период, граѓаните на ЕУ со електронско овластување за патување ќе можат да влезат во Британија неограничен број пати, под услов да не останат повеќе од 60 последователни дена без да се вратат во својата матична земја. Н.М.


Воведување или зголемување на туристичките такси

– Грција ќе ги зголеми туристичките такси. Посетителите на Грција од 2025 година ќе плаќаат дневен данок од две евра наместо досегашните 0,5 евра. За време на главната туристичка сезона, од април до октомври, данокот од сегашните 1,5 евро ќе се зголеми на осум евра. Ќе се зголемат и таксите за крстосување. Натаму, Грција ја проширува својата „Златна визна програма“ во 2025 година. Како дел од планот за диверзификација на својата програма за т.н. златни визи, Грција следната 2025 година ќе воведе нова инвестициска опција насочена кон т.н. стартапи (нови бизниси). Имено, од следната година и оние што инвестираат во стартапи ќе можат да аплицираат за златна виза. За да се квалификуваат за оваа виза, странците ќе треба да исполнат неколку критериуми. Минимална инвестиција од 250.000 евра во стартапи регистрирани во Националниот стартап-регистар, отворање на најмалку две работни места во првата година од инвестицијата, одржување на работната сила најмалку пет години. Новата инвестициска опција сè уште чека одобрување од парламентот и се очекува да биде достапна на почетокот на 2025 година.
– Италијанските власти одлучија да ја продолжат туристичката такса во Венеција и да ги зголемат нејзините износи за одредени посетители. Таксата од пет евра во Венеција ќе продолжи да важи во текот на 2025 година, додека од април следната година, посетителите во последен момент во одредени денови ќе треба да платат 10 евра. Ова зголемување има цел да го намали прекумерниот туризам и да го подобри квалитетот на животот на граѓаните на Венеција.
– И Франција ги заостри критериумите за повеќегодишни дозволи за престој. Франција ќе воведе построги правила за странците што аплицираат за дозволи за престој во 2025 година. Правилата ќе бидат особено построги за оние што сакаат да добијат повеќегодишни дозволи за престој (Cartes de séjour pluriannuelles). Кандидатите за овој тип дозвола за престој ќе треба да докажат познавање на јазикот на ниво А2. Што се однесува до оние што сакаат да добијат дозволи за престој со важност од десет години, ќе им треба пониско – средно познавање на францускиот јазик на ниво Б1. Властите сè уште не го објавија точниот датум кога ќе стапи во сила тоа барање.
– Од 1 јануари 2025 година, Мадеира во Португалија ќе наплатува надомест за туристите што сакаат да пешачат на која било од 30-те патеки во регионот. Во моментов Мадеира наплаќа такса за седум популарни патеки, но од следната година таксата ќе важи за сите патеки. Според одлуката на земјата, сите туристи над 12 години ќе треба да платат такса од три евра за планинарење во Мадеира. Оние што ќе го прекршат ова правило ќе се соочат со парична казна од 50 евра. Со воведувањето на данокот, Мадеира сака да го заштити пејзажот на островот и да го подобри искуството на посетителите. Португалија ќе воведе и туристичка такса во градот Евора на почетокот на 2025 година. Точниот износ на данокот сѐ уште не е објавен, но властите велат дека приходите од него ќе се користат за управување со отпадот, зачувување на културното наследство и за промоција на туризмот.
Другите градови во ЕУ би можеле да воведат слични даноци следната година, во зависност од одлуките на локалните власти. Н.М.