Осврт
Годинашниот лауреат на „златната палма“ во Кан, прекрасната љубовна мелодрама „Анора“ на режисерот Шон Бејкер, и покрај силната конкуренција во која се најде заедно со филмовите „Сите лица на добрината“ на Ламос и „Мегалополис“ на Копола (кој иако се очекуваше да наиде на добар прием кај публиката доживеа фијаско), заслужено доаѓа до израз со својот автоироничен хумор. Филмот е предизвик што не треба да се пропушти, а најзначајните светски филмски магазини го оценија со највисоки оцени.
Меѓу своите колеги од независната американска сцена името на Шон Бејкер ужива голема популарност, а за тоа сведочат и неговите претходни филмови, „Тенџерин“ и „Проектот Флорида“. Главната улога, која му е доделена на искусниот Вилијам Дафо, многумина ја сметаат за едно од неговите најдобри остварувања. Стилски возбудлива, исклучително забавна и емоционално искрена е приказната за модерната пепелашка Анора, улога во која одлично се снаоѓа Мики Медисон како храбра и остроумна девојка. Уште еден доказ за нејзиниот талент, можеби потенцијална добитничка на претстојната „златната статуетка“. Според предвидувањата на холивудските кулоари, Медисон треба да ја понесе наградата, но прерано е да се прават какви било предвидувања, веројатно одговорот ќе го дознаеме на претстојната церемонија. Во едно од своите интервјуа, таа има само пофални зборови за соработката со Бејкер, каде што напомнува дека во приватниот живот нејзината природа е интровертна, за разлика од онаа на избувливата и темпераментна Анора. Откако Тарантино ја воведе во светот на филмот („Беше еднаш во Холивуд“), Медисон стекна солидно искуство, претходно беше само анонимно име од ТВ-сериите, рака на срце, понекогаш здодевни и еднолични.
Воведните сцени во филмот се преплавени со еротска гимнастика, додека во музичката заднина се слуша хипнотичниот звук на Eрик Шулц, но и харлемските рап-ведети на Карди Би и Брук Кенди. Во еден момент помислив дека канското жири се одлучило на смел потег, наградувајќи жанровски, еротски филм, но сепак тоа не е така, и со ист интензитет, во продолжението на филмот.
Анора е скромно ситуирана девојка, која работи како професионална танчарка во луксузен стриптиз-клуб и не прави селективен избор за своите клиенти. Тоа е така сѐ до моментот кога во клубот како фурија влетува аздисаниот Иван (Марк Олденстајн), име на кое треба да обрнеме внимание во иднина, дипломец по актерска глума на престижната Филмска академија во Москва.
Некои можеби ќе се сетат на филмот „Изборот на Саша“, каде што игра тинејџерски бунтовник што трага по сопствениот идентитет. Тука има сосема поинаква улога како син на рускиот олигарх Николај Захаров. Во филмот се појавува и едно од најголемите имиња во современиот руски филм, Алексеј Серебрјаков, познат по соработката со Андреј Звјагинцев.
Иван започнува врска со Анора, а по неполна недела, иако видно дионизиски расположен и со некој грам повеќе кокаин во себе, тие одлучуваат да ја крунисаат врската со брак. Вистински урнебесна смеа следува кога неговото семејство дознава за „женидбата“, а разбирливо, најразочаран е таткото, кој не може да се помири со судбината што му ја приредува Иван. Тој не ни помислува да губи време и одлучува, што поскоро, заедно со својата сопруга да отпатува со приватниот авион од Русија за Њујорк. Во меѓувреме, испраќа два грамадни горостаси од своето обезбедување, Ерменец и Русин, да го најдат разузданиот Иван, кој се наоѓа во раскошниот комплекс со Анора, но и да го поништат бракот склучен во Лас Вегас.
Пред да влезат во луксузниот апартман, Иван на лукав начин надитрува еден припадник на обезбедувањето, кој си го повредува ’рбетот, но ова е само почеток на гротескните ситуации што следуваа. Таква е сцената, која изобилува со хумор, кога Анора иако заробена во рацете на Игор и приклештена со телефонска жица, умешно отскокнува во стилот на вештите кунгфу-мајстори и успева со нозете да му зададе јак удар на Украинецот, кршејќи му го носот на својствен начин, а речиси го совладува и кроткиот Игор на креветот. Но, и покрај целодневната бркотница со брзиот џип низ њујоршките улици, во која се вклучени обезбедувањето на рускиот олигарх и Анора, тие добиваат информација дека Иван се наоѓа во истиот стриптиз-бар каде што и се запознаа на почетокот, но сега во придружба на друга старлета. Низ вратоломни перипетии, со огромна брзина успеваат да стигнат до барот. И покрај сите обиди на сензибилната и кревка Анора да го оттргне пијаниот Иван од девојката, сѐ е залудно. Следниот ден на релацијата Њујорк – Лас Вегас во еден од приватните авиони на Захаров, Иван конечно е во трезна состојба, заедно со своите родители, а неговиот поган јазик не избира зборови за да ја понижи Анора, но и таа не му останува должна, па рафално му враќа со иста мера, по што седнува до смирениот Игор.
По конечниот бракоразвод, на разделбата со Анора, Иван ја разоткрива својата вистинска страна на егоистичен циник што нема милост за никого, вклучувајќи ја и неа. Со тоа ја потврдува и целата панегирична игра, која за него е само забава, и без трошка љубов ѝ соопштува дека воопшто не планирал брак. Во тој момент кај неа, иако можеби наивно, но искрено, започнува да се развиваат симпатии кон него. Последната задача што треба да ја изврши кроткиот Игор е да ја однесе Анора дома и да ѝ ги однесе куферите до врата, но Анора има чувство како да седи на некој вжештен сад и одбива да излезе од колата.
Во завршните сцени од филмот зумот од камерата е насочен кон надворешноста од автомобилот, низ прозорецот, и директно е насочен кон нејзиниот дом. Снегот почнува да се таложи во ритамот на нивното дишење како знак на почеток на потенцијална искра. Ако се прашуваме зошто Анора одбива да излезе од автомобилот, повеќе од јасна е алегоријата на свежината и белината на снегот, кои ги потенцираат чистата душа и срцето на Игор, кој искрено копнее да ја придобие љубовта спрема Анора. Таа нежно се навалува кон него и во тој момент, можеби, да се надеваме, конечно пронаоѓа искрена и вистинска љубов.