Во читливата „Историја на Шпанија“ од Фернандо Гарсија де Кортасар, која овој октомври беше една од моите секојдневни лектири во Ибица, во поглавјето за граѓанската војна 1936-1939 ме заинтригира фактот за убиствата на анархистичките водачи од страна на нивните поранешни комунистички соборци во првите денови на мај 1937-та. Тие кои со истиот занес и цел рамо до рамо војуваа против фашистите на Франко и бомбардерите на „Луфтханза“, се втурнаа во немилосрден меѓусебен судир (што денес ни изгледа мачно, а во историјата е повторливо) на ослободената територија во Барселона и Каталонија, бастионот на републиканците. Суровата битка меѓу просталинистичките комунисти и каталонските националисти од една и анархистите и приврзаниците на антисталинистичката Работничка партија на марксистичкото обединување (POUM) од друга страна, во која и едните и другите се убивале како најжестоки непријатели по улиците и барикадите на каталонските градови, заврши со ликвидација на Андреу Нин (учител, преведувач на делата на Толстој, Достоевски и Чехов на каталански), Камиљо Бернери (Италијанец, професор по филозофија), Доминго Абадиа (бестрашниот командант на Арагонскиот фронт) и други значајни анархистички борци против фашизмот, погубени без милост. Непосреден сведок на ужасните пресметки бил Џорџ Орвел, авторот на „Животинската фарма“ и „1984“, кој како доброволец се борел во редовите на POUM. Во книгата „На Каталонија во чест“ (1938), напишана по непосредното искуство од шпанските боишта, Орвел сведочи за почетните револуционерни месеци кон крајот на 1936-та во Барселона, кога „во целиот град владееше духот на пролетерското братство…, а такси-возилата и трамваите кружеа низ градот обоени во црвено и црно – боите на анархистите… Преовладуваше вербата во револуцијата и иднината, чувството дека одеднаш настапува ерата на еднаквост и слобода“.
Само неколку месеци подоцна, кога се враќа во градот по борбите на мадридскиот фронт, Oрвел не може да го препознае тој заемен устрем кон слободата што владееше со Барселона. Сега тоа е место на терор, немилосрден лов по анархистите и членовите на POUM. Илјадници храбри борци против фашизмот, под пресудно влијание на сталинистичката пропаганда (во истата 1937 година Сталин ги егзекутира со „голема чистка“ своите соработници во СССР), одеднаш се прогласуваат за отпадници и предавници. Писателот раскажува за мачните судбини на двајца свои соборци, младиот Боб Смајли и неговиот командант на фронтот Џорџ Коп. „Смајлиевата смрт не можам да ја простам. Тоа храбро и талентирано момче ја отфрли кариерата на Глазговскиот универзитет за да дојде тука да се бори против фашизмот; на фронтот, го гледав со свои очи, покажа неверојатна храброст и волја; а сѐ што им текна да направат со него беше да го фрлат во затвор и да го пуштат да умре како измачено животно… Она поради што побеснувам над оваа смрт е нејзината целосна бесмисленост. Да се биде убиен во борба – во ред, тоа се очекува, но да се биде фрлен во зандана, дури ни на основа на измислено обвинение туку поради слеп пркос, и да се умре во самотија – тоа е нешто сосема спротивно“.
(продолжува)