Низ светските медиуми сѐ повеќе се пишува за нуклеарен судир наместо за примирје. Многу од медиумите како да го заборавиле одговорниот пристап кон своите читатели, јавноста и кон граѓаните и наместо третман на темите што ги прикажуваат фактичката состојба и вистинскиот развој на настаните, тие, заради одредени лукративни причини, под плаштот дека водат сметка за (безбедноста на) граѓаните, пишуваат за препораки за заштита во случај на употреба на нуклеарно оружје!?
Зошто светските медиуми сѐ почесто пишуваат текстови со препораки за заштита во случај на употреба на нуклеарно оружје?!
Забрзано работење на нови модерни засолништа и обнова на упатствата за справување со кризи може да се забележат во повеќе земји, земајќи ја предвид зголемената загриженост за евентуален нуклеарен конфликт во ситуација кога низ светот истовремено се водат неколку оружени судири. Токму затоа низ светските медиуми се наведуваат препораки за заштита во случај на употреба на нуклеарно оружје. (?!)
Во продолжение, некои од медиумите што ја ревитализираат темата поврзана со „евентуален нуклеарен судир“, „последици од нуклеарна војна“, „нуклеарни засолништа“ и состојбата на тие засолништа, во функција на граѓаните…
Медиумите во функција на јавноста или на своите тиражи?
Во продолжение наведуваме неколку интересни примери за начинот на кој реномирани медиуми од регионот ја третираат гореспоменатата тема на своите страници.
Во земјите од поранешна СФР Југославија, речиси секој поголем град имаше нуклеарно засолниште, изградено за време на Студената војна како дел од подготовките за потенцијален нуклеарен конфликт. Овие засолништа беа стратегиски поставени и дизајнирани за да го заштитат населението од нуклеарни напади. По распадот на Југославија и намалувањето на нуклеарната закана, сепак, многу од овие засолништа ја изгубија својата првобитна намена. Денес тие се трансформирани во различни комерцијални и социјални простори. Некои засолништа се претворени во спортски сали, други станаа популарни кафулиња и барови или, пак, се затворени и преполни со отпад, пренесува белградска „Политика“.
Русија масовно произведува мобилни засолништа, кои можат да се испорачаат насекаде со камиони, дизајнирани да ги заштитат луѓето од ефектите на нуклеарните експлозии – радијација, шрапнели, остатоци, хемикалии и пожар, наведуваат светските медиуми.
Швајцарската влада неодамна ги објави плановите за модернизација на својот голем систем за засолништа, поради „влошената глобална безбедносна ситуација“, известува швајцарскиот весник „Тагес анцајгер“. Се проценува дека работите ќе чинат 235 милиони евра.
Особен интерес поттикнуваат Иран и Израел и нивните евентуални нуклеарни капацитети. Останува нејасно дали Израел има нуклеарно оружје, додека долго време се смета дека Иран тежнее кон развој на нуклеарно оружје, наведува „Би-би-си“. Американската разузнавачка служба „не верува“ дека Иран поседува нуклеарно оружје, но сака да избегне каква било провокација што може да доведе до негова употреба.
И специјализираните портали за наука и технологија го прифатија трендот на
сензационализам
Истражувачите од Универзитетот во Никозија на Кипар користеле напредно компјутерско моделирање за да истражат каков ефект би имала нуклеарна експлозија од 750 килотони врз луѓето во зграда во близината на симулираниот напад. Студијата објавена минатата година во списанието „Физикс оф флуидс“ ги истражуваше најбезбедните места за засолниште во зграда во случај на разурнувачки напад. Нивните резултати сугерираат дека „дури и ако се криете внатре“ и релативно сте далеку од експлозијата, големата брзина на ветерот по експлозијата може да биде смртоносна или да нанесе сериозни повреди, пишува порталот за технологија и наука „Гизмодо“.
Затоа, најбезбедните места за криење за време на ударниот бран веројатно се оние што се подалеку од прозорците, вратите и ходниците, бидејќи воздухот најинтензивно ќе струи низ тие простори. Според таа логика, најдоброто засолниште се наоѓа во цврста зграда, што е можно подалеку од какви било врати или прозорци, а идеално е во аголот од собата, нагласува американски „Њузвик“.
Интересни препораки од официјална веб-страница на американската влада
Имајќи ја предвид зголемената загриженост за ризикот од нуклеарен конфликт на Блискиот Исток, во услови на постојан страв за нуклеарните способности на Русија и Иран, постои и зголемен интерес за подготвеност за нуклеарен напад. Официјалната веб-страница на американската влада, „Реди“, советува дека ако одеднаш се огласат нуклеарни сирени, луѓето треба да „влезат во најблиската зграда“ – но не сите згради нудат еднакви нивоа на заштита. Бетонски засилените згради се сметаат за најбезбедна опција бидејќи тие „најмногу би останале недопрени“ во случај на експлозија, не тоа не значи и целосна заштита за сите во нив, пишува „Гизмодо“.
Кампањата за информирање на јавноста во Обединетото Кралство, „Заштити и преживеј“, која датира од 1980-тите, наведува дека „ако живеете во зграда од пет или повеќе ката, најдобро е да не се засолните на горните два ката. Подрумот или приземјето ќе обезбедат најдобра заштита“, се вели во известувањето. За жителите на градовите, најдобрите места за засолнување вклучуваат подземните простори, пишува „Њузвик“..
– Би било многу побезбедно кога би можеле да се засолните под земја. Дури и места како подруми на згради или длабоки делови од подземни тунели би обезбедиле подобра заштита отколку престој во згради над површината – вели Џек Л. Роздилски, доцент за управување со катастрофи и вонредни состојби на Универзитетот „Јорк“ во Канада.
Во 2022 година, „Дејли експрес“ напиша дека најбезбедните места во Обединетото Кралство ќе бидат најоддалечените од големите градови.
Истражување: Држави со најголеми шанси да ја зачуваат својата цивилизација десет години по нуклеарната војна
Аргентина, Австралија, Исланд, Канада и Антарктикот се најбезбедни
Истражување објавено во 2022 година тврди дека земјите со најголеми шанси да ја зачуваат својата цивилизација десет години по нуклеарната војна ќе бидат Аргентина и Австралија. Причината зошто Аргентина и неколку земји во централна Африка би можеле да одржуваат повеќе или помалку нормален живот е поради тоа што тие веќе одгледуваат поцврсти култури, како што е пченицата, во големи количества, а исто така имаат мала популација, според британски „Тајмс“.
Ситуацијата не мора да биде идеална за Австралија, иако таа не е директно загрозена од ударниот бран и радијацијата, предупреди професорот Алан Робок од Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси.
Во Европа, според „Смарт срвајвалист“, Исланд е прогласен за најбезбедно место во случај на нуклеарна војна.
– Бидејќи Исланд е изолиран од остатокот од светот со Северен Атлантски Океан, би било многу тешко за нуклеарна ракета да стигне до оваа нордиска земја без да биде откриена – се наведува и се додава дека Исланд ја произведува целата своја електрична енергија од геотермални извори, така што дури и да престане да работи целата електроенергетска мрежа во Европа, Исланд сепак ќе има струја благодарение на природните топли извори. Веб-страницата, исто така, забележува дека Канада има „голема површина и население распространето на широк простор“, што ѝ дава изгледи подобро да се справи со последиците од евентуален нуклеарен напад.
Моделот создаден од британскиот весник „Гардијан“ во 2016 година покажа дека, во случај на нуклеарна катастрофа, најбезбедно место за живеење би бил Антарктикот, бидејќи тоа е континент со екстремно ниски температури со километри оддалечен од кое било населено место, како и Велигденскиот Остров, за кој велат дека е најизолираното населено место во светот, а се наоѓа во Тихи Океан, на околу 3.600 километри од брегот на Чиле. Р.С.