Прашањето за македонското малцинство во Република Албанија, како и ветото кон македонската држава за влез во Европската Унија, е паралелен процес, кој е неразделно поврзан со бугарската стратегија кон македонскиот народ во глобала. По потпишувањето на Преспанскиот договор, официјална Софија започна контроверзни активности што се насочени кон македонските национални особености – јазик, историја, култура…, со други зборови на најдиректен начин се негира постоењето на македонскиот народ. Во таа насока треба да се разберат и бугарските активности во Република Албанија, активности што се насочени кон целосно исчезнување на македонското малцинство кај нашиот сосед
Македонците во Албанија побараа поддршка за спротивставување на бугарската асимилаторска стратегија:
Припадниците на македонскиот народ во Албанија повторно ги актуализираат негативните политики на Софија кон нив, но и односот на македонската држава кон оваа проблематика. Досега повеќепати беше укажано дека Бугарија преку своите државни институции, но и одредени приватни бугарски фондации и друштва, под изговор дека се грижи за бугарската заедница кај нашиот западен сосед, всушност спроведува асимилација на македонското малцинство. Дека нештата се движат во таа насока беше потврдено со последниот попис на населението во Албанија, кога бројката на Македонците видно се намали. Добро упатени во оваа проблематика велат дека Бугарија преку својата амбасада, но и преку други институции и организации, на терен ги убедувала Македонците да се декларираат како припадници на бугарскиот народ, притоа им биле ветувани одредени работи, како што е бесплатно високо образование или бугарски пасоши, а во општината Пустец имало и бесплатни лекарски прегледи.
„Наше е да се бориме, но прашање е колку можеме сами“
Нашите соговорници велат дека припадниците на македонскиот народ во Република Албанија во изминативе години како да беа заборавени од македонската држава и институции. Добро упатените за оваа проблематика нагласуваат дека освен одредени средби и ветувања, политиката на Македонија кон ова прашање може да се карактеризира како пасивност. Дека Македонија како држава и нација во минатото беше пасивна кон македонското малцинство во Република Албанија потврди и Васил Стерјовски, лидер на Македонската алијанса за европска интеграција, според кого Бугарија води агресивна асимилаторска политика, а Македонија останува пасивна и без доволна поддршка за македонскиот народ во Албанија.
– Наше е да се бориме, ние имаме повеќе активности во рамките на нашите можности. За жал, Република Македонија не покажува интерес да нѐ поддржи како Македонци. Прашање е колку можеме сами да се бориме. Наклонетоста на Албанија е спрема Бугарија, која фрла огромни средства за асимилација на Македонците, од друга страна македонската држава е пасивна во тој поглед – вели Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција.
Македонската заедница во Република Албанија не ги прифати резултатите од пописот на населението со образложение дека е извршен фалсификат, а ја обвини и Бугарија за директно мешање во внатрешните работи кај нашиот западен сосед. Македонска алијанса за европска интеграција и други македонски друштва и организации испратија писма со реакции до меѓународниот фактор, а побараа обвинителството на Албанија да ги истражи пописниот фалсификат и притисоците врз македонското население.
– Мора да бидеме свесни дека Албанија си го гледа својот интерес, а тоа е да не биде попречувана од ниту една земја членка на нејзиниот пат кон Европската Унија, така што свесно на Бугарија ѝ го дозволува тоа што го правеше за време на пописот и кое сѐ уште го прави. Бугарите си продолжуваат со негација на Македонците во Албанија – вели Стерјовски.
Бугарската стратегија поврзана со ветото за македонските евроинтеграции и македонското малцинство во Албанија
Добро упатени во оваа проблематика велат дека прашањето за македонското малцинство во Република Албанија, како и ветото кон македонската држава за влезот во Европската Унија, е паралелен процес, кој е неразделно поврзан со бугарската стратегија кон македонскиот народ во глобала. По промената на уставното име на Република Македонија и потпишувањето на Преспанскиот договор, официјална Софија започна контроверзни активности што се насочени кон македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., со други зборови на најдиректен начин се негира постоењето на македонскиот народ. Нашите соговорници велат дека во таа насока треба да се разберат и бугарските активности во Република Албанија, активности што се насочени кон целосно исчезнување на македонското малцинство кај нашиот сосед.
– Доколку се земе предвид дека се спроведува асимилација на македонското малцинство, тогаш Македонија како матична држава треба да осмисли стратегија и да одговори на барањата за помош. Мора да се преземат итни активности од македонска страна, во спротивно за неколку години македонското малцинство може да целосно да исчезне од пописните резултати во Албанија – велат нашите соговорници. Д.Ст.
Прифатено барањето на македонско друштво „Илинден“ за реконструкција и реставрација на црквите во селата Ербеле и Горно Крчишта
Македонско друштво „Илинден“-Тирана упати благодарност до Националниот институт за културно наследство на Албанија, за прифатеното барање на друштвото за целосна реконструкција и реставрација на црквите во селата Ербеле и Горно Крчишта.
– Ми претставува особена чест и задоволство од име на Македонците во Албанија, особено оние во селата Ербеле и Горно Крчишта, да изразам благодарност што го прифативте нашето барање за реконструкција и реставрација на божјите храмови во споменатите села, кои се дел од национално богатство на македонското национално малцинство во Република Албанија. Го поздравуваме почетокот на работите и посакуваме со божја помош работите успешно да завршат – пишува во писмото на благодарност, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.
Црквата „Свето Преображение“ датира од 12 век, додека „Свети Спас“е изградена во 1232 година. За време на режимот на Енвер Хоџа таа била претворена во магацин. На 13 јуни 2009 година беше преосветена. Д.Ст.
Во Корча научна конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“
Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел, организираа научна конференција на темата „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“. На конференцијата свои излагања имаа универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и од Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија. Во рамките на настанот беше поставена изложба на фотографии и документи што го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија. Настанот е од големо значење за промоција и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во Албанија. Во декември 1944 година Македонците во областите Мала Преспа, Голо Брдо и селото Врбник во Деволската област започнаа настава на македонски јазик во образовниот процес во Албанија. Во Голо Брдо во 1948 година наставата на мајчин македонски јазик е укината. И покрај континуираните барања до албанските власти да се врати наставата на мајчин македонски јазик во оваа област, тоа сè уште останува нереализирано. Д.Ст.
Емилија Попивода нова директорка на македонскиот културно
-информативен центар во Тирана
Новоименуваната директорка на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, проф. д-р Емилија Потевска Попивода е македонска пијанистка и професорка, позната по својата меѓународна кариера и придонес во класичната музика. Има настапувано на светски сцени, вклучувајќи ги Виена, Њујорк, Рим и Ванкувер. Нејзиниот репертоар често вклучува дела од романтичниот период, како и современи македонски композитори, со што го промовира македонското музичко наследство.
Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, според спогодбата, е формиран за да организира библиотеки и читалници во своите простории и да издава или увезува публикации што се однесуваат на културните и научните информации. Д.Ст.