Фото: „Нова Македонија“

Британските медиуми „Фајненшл тајмс“ и „Телеграф“ објавија дека „Доналд Трамп сака членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на повеќе од двојно во однос на сегашните цели“

Враќањето на Трамп во Белата куќа поттикна дискусии за повеќе од двојно зголемување на трошоците за
атлантската воена алијанса

Претстојното враќање на Доналд Трамп во јануари на претседателската функција во САД поттикна размислувања дека тој ќе инсистира на зголемување на вложувањата на членките на НАТО, со оглед на неговите претходни ставови за финансирањето на Северноатлантската алијанса, кон што честопати беше критичен. Британските медиуми „Фајненшл тајмс“ и „Телеграф“ објавија дека „Доналд Трамп сака членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на повеќе од двојно во однос на сегашните цели“.
Според нивното известување, тимот на Трамп, наводно, им рекол на европските претставници дека новоизбраниот претседател на САД очекува сојузниците во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од националниот бруто-домашен производ (БДП) по неговата инаугурација на 20 јануари, што е повеќе од двојно од сегашната цел на Алијансата од два отсто. Тимот на Трамп, исто така, наводно, посочил дека претстојната американска администрација ќе продолжи да ја поддржува Украина.

Постои поддршка во НАТО за зголемување на финансирањето

За време на неговиот прв мандат, Трамп веќе предложи членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на четири отсто од БДП. Извештајот на НАТО во јуни покажа дека рекордни 23 земји членки од вкупно 32 ја постигнале целта на Алијансата од два отсто за трошоци за одбрана. „Фајненшл тајмс“ тврди дека Трамп би бил задоволен и со зголемување на целта на 3,5 отсто, повикувајќи се на сопствен извор, иако би побарал вложувањето на секоја од членките во НАТО да изнесува пет отсто.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, делумно застана на страната на Трамп за ова прашање.
– Ќе мора да потрошиме повеќе… Ќе биде многу повеќе од два отсто. Јас сум за тоа – истакна Руте за време на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта минатиот месец.
Тој нагласи дека е „време да се префрлат на воен начин на размислување“ по извештаите дека НАТО ќе постави нова цел на трошоците од три отсто од БДП до 2030 година.
Во текот на изборната кампања годинава Трамп исто така упати критики до НАТО дека премногу се потпира на придонесот на САД. Тој во интервју за американската телевизија Ен-би-си на 8 декември истакна и дека Вашингтон „апсолутно“ ќе остане во НАТО „доколку сојузниците си ги платат сметките“, како и дека нема да има проблем да ја напушти Алијансата ако не се случи тоа.
Дискусиите меѓу надворешнополитичкиот тим на новоизбраниот американски претседател и европските претставници доаѓаат додека тој се обидува да ги обликува своите политики во однос на Европа, како и политиките за војната во Украина. Р.С.


Сега или никогаш за Киев во НАТО и(ли) во ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им кажа на украинските дипломати дека Украина ќе мора да се бори за да ги убеди сојузниците да ѝ го дозволат членството во НАТО, при што ја опиша целта како „остварлива“, додека бара и безбедносни гаранции за заштита од Русија, пишува британски „Гардијан“.
Официјален Киев смета дека членството во трансатлантскиот воен сојуз или еквивалентна форма на безбедносна гаранција би биле од клучно значење за секој мировен план . НАТО претходно соопшти дека Украина ќе ѝ се придружи на Алијансата еден ден, но не предложи ниту временски рок ниту пак формална покана.
Украинскиот претседател претходно сугерираше дека членството во НАТО може да им биде понудено на деловите на Украина што не се под руска контрола, со цел да се стави крај на „жешката фаза“ од војната. Тој минатата недела, по состаноци со лидерите на НАТО и на ЕУ во Брисел, истакна дека европските ветувања за одбрана на Украина „не би биле доволни“ без учество на САД.
Коментарите на Зеленски до украинските дипломати за НАТО следуваа откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека Русија ќе одговори на украинскиот напад со беспилотни летала извршен изминатиот викенд врз луксузен станбен блок во руски Казањ. Р.С.


Полското претседателство ќе се фокусира на различни видови безбедност: надворешна и воена, енергетска, економска, здравствена и информациска, како и на храната и климата. А надворешната и воената безбедност е поврзана со војната во Украина, бидејќи Полска сака ЕУ да продолжи да ја поддржува Украина и да ја развива одбранбената индустрија на блокот

Во фокусот на Варшава зајакнување на европскиот воено-индустриски комплекс

Во пресрет на полското претседателство со Советот на ЕУ од 1.1.2025 година

Безбедноста е главната порака на полското претседателство со Советот на ЕУ, нагласи полската државна потсекретарка за прашања на ЕУ, Магдалена Собковиак-Чарнечка, во пресрет на преземањето на претседателството од страна на Полска од 1 јануари.
Полското претседателство ќе се фокусира на различни видови безбедност: надворешна и воена, енергетска, економска, здравствена и информациска, како и на храната и климата. А надворешната и воената безбедност е поврзана со војната во Украина, бидејќи Полска сака ЕУ да продолжи да ја поддржува Украина и да ја развива одбранбената индустрија на блокот.
– Тоа ќе биде една од најважните теми за нас – рече Собковиак-Чарнечка.
Варшава ќе разговара за зајакнување на финансирањето на воено-индустрискиот комплекс на ЕУ, признавајќи дека некои земји членки, како Германија и Холандија, се противат на идејата за издавање заеднички обврзници за плаќање за одбранбени проекти.
За време на своето претседавање, Варшава ќе треба да се зафати и со Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП), предложен фонд од 1,5 милијарда евра за помош на компаниите за производство на оружје во европскиот блок. Тоа е само дел од она што ЕУ ќе треба да го потроши. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека на европскиот блок му се потребни дополнителни парични средства за одбрана во износ од 500 милијарди евра во следната деценија. Комисијата исто така планира да објави документ за политиката за одбрана во текот на полското претседателство.
– По изборите во САД, ние во Европа мораме да имаме свои одбранбени планови – рече Собковиак-Чарнечка.
Сепак, Варшава, која има за цел да потроши 4,7 отсто од бруто-домашниот производ за одбрана следната година, што е највисок процент во НАТО, е во поудобна позиција од повеќето други членки на Алијансата кога се соочува со барањата на Трамп за зголемено вложување.
Поранешниот министер за одбрана на Естонија, Рихо Терас, рече дека очекува Варшава „да ги поттикне другите земји членки да ги зголемат трошоците за одбраната“.
Полска исто така сака остатокот од ЕУ да помогне во финансирањето на „Источниот штит“, проект во вредност од 2,3 милијарди евра, предводен од Варшава, за зајакнување на одбраната по должината на границите на Полска со Белорусија и со Русија.
Полска брзо се вооружува и тежнее да има најголема копнена армија во Европа, но досега најголемиот дел од нејзините набавки на авиони-ловци, тенкови и артилерија е од САД и од Јужна Кореја. Полска е еден од првите пет увозници на американско оружје. Р.С.