Во овој момент повеќе од потребно е ЕУ да зајакне и да се врати на сопствените принципи, почитување на меѓународното право и меѓународниот поредок, демократија, владеење на правото, економска соработка и развој, слободно движење на луѓе и стоки, прифаќање на народите со сите нивни особености и прифаќање на нивните идентитетски карактеристики
Бриселските непринципиелни политики водат кон застранување на Унијата од патот на универзалните цивилизациски вредности врз кои таа е втемелена
Пораките што Македонија ги доби од неодамнешниот самит на Европската Унија уште еднаш ги потврдија европската непринципиелност и застранувањето од вистинските темели и начела врз кои своевремено беше зачната идејата за заедничка европска заедница во која ќе се почитуваат сечии права.
Она што своевремено започна да функционира како Економска заедница на производителите на јаглен и челик доби повозвишена форма за европско семејство во кое ќе се почитуваат принципите на меѓународното право, владеењето на тоа право, правната држава, демократијата, економскиот развој, ќе се респектираат и прифаќаат различностите, ќе се почитуваат малцинските права, сето тоа во насока да се изгради унија врз највисоките цивилизациски вредности.
Токму поради таквите принципи, Македонија пред нешто повеќе од три децении го одреди својот пат во надворешната политика кон кој ќе се движи, односно кон полноправно членство во ЕУ како достигнување на највисоката цел, која пред себе си го постави македонското општество.
За жал, денешната Европска Унија сѐ повеќе се оддалечува од она што беше во 90-тите години на минатиот век и на почетокот на 21 век, туку е само обичен подизведувач на политиките на големите центри на моќ, трпејќи огромни економски штети, кои придонесуваат за сѐ поголеми кризи и меѓу самите земји членки.
Она што своевремено беа Германија и Франција во делот на движењето на процесите во Унијата, денеска веќе не се, односно обете земји се наоѓаат во длабока политичка и економска криза, а истражувањата покажуваат дека никој не може точно да одреди кој ќе го преземе управувачкото кормило во овие две земји по изборите и како тоа воопшто ќе се одрази врз европскиот проект.
Ваква ослабена и бескарактерна ЕУ едноставно не е играч на глобалната политичка сцена, а што е најтрагично, таа игра сосема споредна улога во време кога се прави главната прераспределба на светската геостратегиска мапа.
Наместо да ги консолидира сопствените редови и да се насочи кон привлекување на европските земји кандидати што побрзо кон себе, Унијата дозволува билатеризација на многу процеси со кои дополнително го обесхрабрува и онака комплицираниот пристапен процес.
Македонија повеќе од 20 години стои заглавена во европската чекалница токму поради европските непринципиелни политики, но и покрај сѐ, земјава не се откажува од својата стратегиска цел, еден ден да биде дел од европското семејство. Можеби во овој момент некому таа цел му изгледа недофатлива бидејќи земјата се соочува со нови условувања, но од друга страна, она кон што тежнееја и тежнеат македонските граѓани е ЕУ на вистински вредности, а не клуб на уценувачи што наметнуваат билатерални проблеми за да ги задоволат сопствените историски апетити.
Во овој момент повеќе од потребно е ЕУ да зајакне и да се врати на сопствените принципи, почитување на меѓународното право и меѓународниот поредок, демократија, владеење на правото, економска соработка и развој, слободно движење на луѓе и стоки, прифаќање на народите со сите нивни особености и прифаќање на нивните идентитетските карактеристики. Македонските граѓани јасно порачаа дека не сакаат непринципиелност, односно дека сакаат европски принципи воспоставени во годините кога се роди ЕУ. Тоа значи враќање на европските фундаменти.
Кога веќе на нејзино тло се случува војна, Европа мора да биде факторот што ќе работи на превенирање на војните, а не на генерирање нови кризни жаришта. ЕУ мора да се профилира како фактор на мирот, соработката и просперитетот не само на Стариот Континент туку и глобално. Со аргументите на меѓународното право, Европа може да биде најголемиот светски играч, но аргументи што ќе важат за сите, постојано, без да се адаптираат во согласност со потребите. Европските земји имаат своја традиција, своја историја на градење политики, така што ЕУ мора да изгради сопствена автономна политика врз основа на тие искуства за сите прашања, наместо да чека суфлирања од страна како да постапува.
Истовремено, Унијата мора да се врати на принципите на обединување на државите поради развој, демократија, просперитет, исто онака како што своевремено настана ЕЕЗ. Тоа значи дека европското рацио мора да се однесува на сите, односно како на членките така и на другите. Ако актуелните земји членки пристапувале според однапред определени критериуми, тие треба да важат и за другите. Македонија треба да преговара исто како што своевремено го правеле тоа Полска, Бугарија, Шпанија и другите земји, а не како што на некој друг ќе му текне во меѓувреме и ќе измислува нови критериуми, а Брисел ќе прифаќа. Тоа се принципи што треба да важат за сите, ако ЕУ сака да го одржи кредибилитетот меѓу македонските граѓани.
Дел од познавачите на европските состојби сметаат дека ЕУ, како никогаш досега, се наоѓа на пресвртница, дали ќе зајакне како заедница или, пак, порано или подоцна секој ќе си го најде својот пат.
– Во овој момент во ЕУ постои лидерска криза. Кога нема вистински лидер, многу лесно се напуштаат европските принципи и секој измислува свои принципи и ги наметнува како европски. Тоа внатрешно ја поткопува ЕУ и направи од неа слаб играч на светската сцена. Главниот збор, па дури и за прашања тука во Европа, го водат играчи што се надвор од европскиот континент. Тоа е поразително за Европа. Тонат и Франција и Германија најмногу поради прифаќањето туѓи политики, а без нив ЕУ ќе ја нема. Во една таква ситуација, Македонија не смее да се потпре на нешто што е непредвидливо, што е надвор од правото, да прифаќа нешто што е неисполнително и што се коси со јус когенс, постојано да добива нови и нови услови. Тоа е непринципиелно и недоследно. Земјава не сака такво нешто и без оглед на сета европска непринципиелност, повторно бараме начини како да бидеме дел од европскиот проект. ЕУ мора да направи коренити реформи за да не биде заложник на ничии политики, туку да носи свои политики врз основа на она што беа европски и цивилизациски вредности. Затоа Македонија инсистира на таква европска принципиелност и не се откажува од својата намера да истрае на европскиот пат, но врз основа на вредностите што Европа очигледно некаде по пат ги заборавила – констатираат аналитичарите.С.Т.