Изложбата „Создадено за сочувство“ реализирана во Кавадарци поттикнува повторна употреба на стариот текстил
Несекојдневната изложба насловена „Создадено за сочувство: уметност, екологија, хуманост“, која на 11 декември беше отворена во Музејот за мирис и вкус во Кавадарци во организација на невладината организација „Еко – живот“ и дизајнерката и костимографка Сара Милевска, на прекрасен начин покажа како младите можат повторно да го употребат стариот текстил со фокус на традиционалната текстилна уметност.
Преку повеќегодишната соработка на Сара Милевска со здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко – живот“, таа досега има реализирано повеќе проекти што вклучуваат обуки, уметнички перформанс и работилници со акцент на текстилниот отпад. Учесниците на последната работилница имаа можност да се запознаат со различни техники и начини како да бидат креативни и како да ја максимизираат повторната употреба на стариот текстил. Тие учат основни вештини за работа со машина за шиење, развивање рачни техники што ни се наследство од нашите баби, како што се ткаење, везење, плетење, кои, за жал, им се многу малку познати на новите генерации. Најголем дел од учесниците на работилниците се млади на возраст од 14 до 18 години од Кавадарци и штитеници од дневниот центар „Порака“ од Неготино. „Создадено за сочувство: уметност, екологија, хуманост“ е продолжение на претходни активности, но е поразличен по неговата иновативност, која ги спојува уметноста, екологијата и хуманоста.
– Овој проект истражува уште еден аспект на текстилниот отпад, кој е еден од главните придонесувачи за загадување на животната средина, но овој пат со фокус на традиционалната текстилна уметност од Тиквешкиот Регион. Додека многумина ги фрлаат во отпад овие значајни парчиња ткаени килими, гоблени, милјеа, таписерии и слично не разбирајќи ја нивната културна вредност, ние во „Еко – живот“ најдовме креативно решение така што ги искористивме како уметничко средство за изразување. Иако овие текстилни производи се тешки за работа, учесниците успеаја на креативен начин да ги вградат во современи дизајнерски парчиња, кои самите ги креираат и на тој начин им го продолжија нивниот век. Всушност со комбинирањето на традиционалната текстилна уметност со современиот моден дизајн се покажува почитување и ревитализирање на старите техники, давајќи им нов живот. Токму овие работилници покажаа колку младите генерации се креативни, само им требаат поддршка и поттик за слободно изразување без страв. Децата се извор на неисцрпна креативност и од нив може многу да се научи како со љубов да создаваме сѐ што ќе допреме – вели Сара Милевска.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, додека малата завршна изложба со уникатни модни парчиња претставува негово заокружување. Значајно е да се спомене дека изложбата имаше хуманитарен аукциски карактер, што е новина во Кавадарци. Имено, сите изработени дела се ставени на продажба, а собраните средства заедно со донации ќе бидат наменети за децата без родители во Кавадарци. Реализаторите на проектот силно веруваат дека на ваков начин младите се учат да бидат покреативни и похумани кон своите врсници.
Ми.М.