И како да станува збор за една обична видеоигра, Кремљ предложи „технолошки дуел“ помеѓу рускиот ракетен систем „орешник“ и западните системи за противвоздушна и ракетна одбрана. Москва анализира какви се постојните западни воени капацитети за спротивставување на „орешник“, сметајќи дека групата на системи за противвоздушна одбрана што можат барем теоретски да му се спротивстават на „орешник“ е доста ограничена. Но, од друга страна, Западот парира жестоко со свои контратези, реплики и анализи…

Рускиот хиперсоничен проектил „орешник“ деновиве беше „главна цел“ на медиумските написи, анализи, претпоставки, па и шпекулации

Украина изврши нов напад со беспилотни летала врз руска територија, овој пат врз станбен дел на градот Казањ, речиси илјада километри од првата линија на бојното поле, откако претходно изведе ракетен напад врз рускиот граничен регион Курск, користејќи ракети АТАКМС испорачани од САД. Се смета дека користењето западно оружје од страна на Украина за напади врз руска територија ја зголемува можноста за Русија да возврати со балистичката ракета „орешник“, според пишувањето во светските медиуми.
Русија веќе го употреби новиот проектил минатиот месец, во напад врз воена фабрика во украинскиот град Днепар. Рускиот претседател Владимир Путин ја спомна употребата на „орешник“ минатата недела во неговото традиционално годишно обраќање. Тој дури предложи „технолошки дуел“ помеѓу рускиот ракетен систем „орешник“ и западните системи за противвоздушна и ракетна одбрана, наведувајќи дека непријателот нема шанси да го собори хиперсоничниот проектил. Путин наведе дека опсегот на рускиот систем достигнува до 5.500 километри и Путин и истакна дека „орешник“ е нов вид оружје изградено со напредна руска технологија.
Станува збор за балистичка ракета со поголем дострел со повеќе боеви глави што може да се одвојат. Се работи за технологија, односно проектил што првенствено е создаден за нуклеарни напади, иако руската ракета, за среќа, не носеше такво оружје при нападот во Днепар. Од официјален Киев стигнаа тврдења дека тие пресметале оти ракетата патувала 11 пати побрзо од брзината на звукот, т.е. со 13.500 километри на час.
Западните експерти ја доведуваат во прашање руската теза дека „орешник“ е сосема ново оружје. А според уредникот на сајтот „Воена Русија“, Дмитриј Корнев, групата на системи за противвоздушна одбрана што можат барем теоретски да му се спротивстават на „орешник“ е доста ограничена…
– Тоа првенствено го вклучува системот „патриот“ од американско производство. Треба да разбереме дека „патриот“ работи во многу специфичен сектор и за да се обезбеди подобрена способност за овој систем, потребна е масовна дистрибуција. Треба да се постави значителен број на лансери, поставени во неколку ешалони, при што нивните зони за уништување се преклопуваат едни со други – објаснува Корнев, додавајќи дека „патриот“ не е најнапредниот систем на Западот.
Експертот исто така ја истакна важноста на системот ТХААД. Но само една од ракетите за одвраќање користена од ТХААД чини повеќе од 12 милиони долари, што е четири пати поскапо од веќе скапата муниција ПАЦ-3 за „патриот“. Самата ракета ТХААД сепак е побавна од „орешник“, а дострелот на откривање не го покрива целиот дострел на „орешник“. Рускиот експерт додава дека израелскиот ракетен систем за одбрана „ероу“ (во превод стрела – н.з.) се смета и за доста ефикасен.
– Но хиперсоничните глави што ги користат иранските ракети сепак достигнаа цели во Израел – наведува Корнев.
Исто така, постои и системот за одбрана на „Егис“ – кој има поморски и копнени варијанти, но во Русија сметаат оти е невозможно негово распоредување во Киев. Р.С.