Етничката структура на Косово останува доминирана од Албанци (91,76 отсто), додека Србите (2,31 отсто) и другите етнички заедници имаат помал удел. Значителен дел од српската популација го бојкотираше пописот, поради што точниот број на Срби во Косово и понатаму ќе остане непознат, додека допрва се пребројуваат Косовците во дијаспората

Резултати од пописот во соседно Косово и настани поврзани со големата статистичка операција

Одржаниот попис на Косово, втор по прогласување на независноста, помина во знак на бојкот од страна на Србите, покажувајќи намалување на бројот на жители во однос на претходниот попис, спроведен во 2011 година. Косово има 1.602.515 жители, што е намалување од речиси 140.000 жители во споредба со 2011 година, покажуваат официјалните податоци од пописот на населението во Косово, претставени од Косовската агенција за статистика (КСА). Првиот дел од конечните податоци беше претставен во присуство на косовскиот премиер Албин Курти, кој ги поздрави податоците од пописот, истакнувајќи дека тие ќе бидат основа за идните политики. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Косово е спроведен во периодот од 5 април до 24 мај 2024 година, а за косовските граѓани што живеат надвор од земјата продолжува до 31 декември. Пописот на населението, домаќинствата и становите беше спроведен во сите општини на Косово од 5 април до 24 мај. Ова е второ пребројување на населението на Косово од прогласената независност во 2008 година, по претходниот попис во 2011 година.

Бројот на Србите и натаму непознат

Етничката структура на Косово останува доминирана од Албанци (91,76 отсто), додека Србите (2,31 отсто) и другите етнички заедници имаат помал удел. Значителен дел од српската популација го бојкотираше пописот, поради што точниот број на Срби во Косово и понатаму ќе остане непознат. Главната српска политичка партија, Српска листа, претходно соопшти дека Србите едноставно нема да учествуваат на пописот. Српската заедница исто така го бојкотираше пописот во 2011 година, кога на северот на Косово, во местата со доминантно српско население, тој воопшто не беше одржан. Според тоа, бројот на таа заедница од 1999 година се базира само на процени од страна на странски организации, но и од српските институции.
Агенцијата за статистика објави дека Србите го бојкотирале пописот „во значителна мера“ по повиците на српските политички партии да го сторат тоа, проценувајќи го вкупното српско население на околу 53.000, што е за 28.000 повеќе од пописот од 2011 година. Мнозинството Срби живеат во четири северни општини – Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица.
Беким Саљих од Косовскиот институт за напредни студии, за Радио Слободна Европа изјави дека неучеството на Србите во процесот на регистрација на населението ќе има последици врз општинскиот буџет и локалниот економски развој.
Иако мнозинството од населението во Косово се изјаснило дека се припадници на исламската вероисповед на пописот, бројот на жители што се изјасниле како православни и оние без вероисповед значително се зголемил во споредба со пописот од 2011 година. Во 2011 година имало 1,48 отсто православни, додека на пописот од 2024 година биле регистрирани 2,31 отсто. Р.С.


Попишувањето на косовската дијаспора е во тек

Податоците покажуваат дека урбаното население (50,2 отсто) првпат го надмина руралното (49,8 отсто), додека просечната возраст на населението се зголемила на 34,84 години. Во моментов просечниот број на лица по домаќинство во Косово е 4,33, додека во 2011 година тој бил 5,9. Во овие податоци не се вклучени оние граѓани на Косово што живеат во дијаспората, бидејќи процесот на нивно попишување сѐ уште е во тек. Според досегашните податоци на Агенцијата за статистика, во дијаспората се регистрирани околу 550.000 лица.


Над 11 илјади загинати во воените судири на Косово

Во периодот од февруари 1998 до јуни 1999 година, според податоците на овој попис, загинале 11.417 лица, исчезнале 1.047, биле ранети 6.682, а затворени биле 3.312 лица. Во исто време, 154.272 домаќинства претрпеле материјална штета за време на војната. Воениот период е дефиниран како временска рамка од 28 февруари 1998 година до 11 јуни 1999 година, се наведува во извештајот на Агенцијата за статистика на Косово.
Според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), во периодот од 1999 до 2004 година од Косово во Србија се раселени околу 200.000 луѓе. Но, според податоците на Министерството за заедници и враќање во Владата на Косово, во последните две години речиси нема враќање. Се верува дека се вратиле околу 30.000 луѓе. Р.С.