Цените на основните прехранбени продукти во европските земји повторно тргнаа по нагорна линија, а дополнително се забележуваат поскапувања и големи осцилации на хранливите продукти на светските берзи. Секојдневно сме сведоци на информации во кои се посочува дека расте цената на храната, но и на кафето, какаото, пченицата, „црното злато“ постојано варира… Економистот Здравко Савески потенцира дека поради светските случувања, многубројните војни и конфликтни ситуации во светот, како и климатските промени, притисокот врз цените на основните прехранбени продукти ќе продолжи, поради што Македонија мора да пронајде ефикасен модел за поддршка и поттикнување на домашното производство на храна, кое апсолутно ќе ги задоволува домашните потреби
Ценовните движења на хранливите продукти, но и на омилените пијалаци, меѓу кои и кафето, во последниве години, по значителниот раст поттикнат од војната во Украина, постојано се во нагорна линија. Иако се случуваат и осцилации, со што по силниот притисок имаше стабилизација и мало опаѓање на цените на дел од продуктите, сепак, граѓаните укажуваат, но и статистичките центри регистрираат, постојан раст на цените.
Иако надлежните преземаат решителни мерки и најавуваат стабилизација на цените во маркетите, во практика стабилизацијата треба да ја поддржат низа други фактори, за таа да биде подолгорочна. Мерката „новогодишна кошничка“ дава резултати, но таа е ограничена со временска рамка. Цените во европските земји повторно се во нагорна линија, а дополнително се забележуваат поскапувања и големи осцилации на хранливите продукти на светските берзи. Секојдневно сме сведоци на информации во кои се посочува дека расте цената на храната, но и на кафето, какаото, пченицата, „црното злато“ постојано варира…
Глобалните конфликти го продолжуваат притисокот врз цените на храната
За ценовниот притисок во Македонија разговаравме со економистот Здравко Савески, кој потенцира дека поради светските случувања, многубројните војни и конфликтни ситуации во светот, како и климатските промени, притисокот врз цените на основните прехранбени продукти ќе продолжи.
– Настрана периодичните флуктуации на цените што се типични во услови на капитализам, ние се движиме кон иднина каде што самата достапност на храната ќе биде загрозена, а да не зборуваме за висината на цените. Причините за тоа се, прво, продлабочувањето на климатската криза и, второ, растечкото ниво на тензии и конфликти меѓу големите сили. Продлабочувањето на климатската криза доведува до намалување на приносите поради суши и поплави, а тоа носи повисоки цени за земјоделските производи. На пример, растечката цена на чоколадото, кафето и сл. е директно поврзана со крахот на бербата во Западна Африка поради големата суша што го зафати тој регион. Втората причина, судирот меѓу големите сили, доведува до крах на земјоделското производство во погодените региони и до нарушување на тековите на снабдување, што повторно влијае врз повисоки цени за стоките – посочува Савески.
Потребен е еден модел за поттикнување на домашното производство
Тој потенцира дека нашата земја, која се наоѓа во регион каде што веќе се чувствуваат климатските промени, мора да пронајде модел со кој ќе го поддржи и поттикне домашното производство на храна, кое ќе ги задоволува домашните потреби.
– За ублажување на последиците, Македонија треба сериозно да ги сфати последиците од климатската криза, да го зголеми земјоделското производство преку дополнително вложување во него наместо да се потпира врз увозот, а исто така да ја продолжи и продлабочи политиката на регулирање на цените на прехранбените производи – нагласува Савески. Е.Р.
Последниот извештај на ФАО и Евростат повторно регистрира тренд на зголемени цени
И последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажува дека светските цени на прехранбените производи се зголемија во ноември на највисоко ниво од април 2023 година, и тоа за 0,5 отсто во однос на октомври, поттикнати од зголемените меѓународни цени на растително масло
– Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на збир на прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во ноември изнесуваше во просек 127,5 поени, што е за 5,7 отсто повеќе од пред една година, додека сè уште е 20,4 отсто под највисокото ниво во март 2022 година – се нагласува во нивниот најнов извештај.
Тие укажуваат дека цените на растителното масло се зголемени за 7,5 отсто во ноември во однос на октомври, што е второ големо зголемување во последните два месеца и 32 отсто повисоко од нивото од претходната година. Глобалните цени на палминото масло дополнително се искачија поради загриженоста за пониско од очекуваното производство поради прекумерните врнежи во Југоисточна Азија. Пораснаа и светските цени на сојата поради глобалната побарувачка, а раст има и кај цените на маслото од репка и сончоглед.
– Цените на млечните производи задржаа нагорна траекторија, зголемувајќи се за 0,6 отсто во однос на октомври поради закрепнувањето на глобалната побарувачка. Цените на путерот достигнаа ново рекордно ниво поради силната побарувачка и тесните резерви во Западна Европа, а цените на сирењето се зголемија поради ограничената достапност – укажуваат од ФАО.
Позитивна новина што ја носи ФАО е податокот дека цената на шеќерот е намалена за 2,4 отсто во однос на октомври, како и цените на месото, каде што забележале намалување од 0,8 отсто во ноември, главно поради пониските цени за свинско месо во Европската Унија, што се должи на намалената глобална и домашна побарувачка. Што се однесува до светските цени на овчото и живинското месо, и таму има мал пад, но цените на говедското месо останаа на исто ниво.
Дека цените на храната имаат нагорна линија покажуваат и последните статистички податоци. Евростат утврди дека годишната стапка на инфлација во еврозоната достигнала 2,2 отсто во ноември 2024 година. Една година претходно стапката беше 2,4 проценти. Годишната инфлација на Европската Унија беше 2,5 отсто во ноември 2024 година, а една година претходно 3,1 отсто.
– Најниски годишни стапки се регистрирани во Ирска, Литванија и Луксембург. Највисоки годишни стапки се забележани во Романија, Белгија и Хрватска. Најголем придонес во годишната стапка на инфлација во еврозоната имаа услугите, потоа храната, алкохолот и тутунот, неенергетските индустриски стоки и енергијата – соопштуваат од Евростат.
Слични движења регистрира и Англија, каде што потрошувачките цени на годишна основа се зголемија за 2,6 отсто минатиот месец, наспроти 2,3 отсто пораст во октомври и значително над растот од 1,7 отсто во септември.
Од ФАО укажуваат дека глобалното производство на пченица за 2024 година се очекува да биде на исто ниво со 2023 година, додека производството на пченка се прогнозира да се намали за 1,9 отсто, поради пониските од очекуваните приноси во Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Прогнозата на ФАО за светското производство на ориз во 2024/2025 година малку се промени, што укажува на годишен пораст од 0,8 отсто до рекордно високо ниво од 538,8 милиони тони.
– За 2025 година, помеките цени на пченицата може да го обесхрабрат проширувањето на површините на родот на зимската пченица во северната хемисфера. Врнежите под нормалата во клучните региони за одгледување пченица во Руската Федерација доведоа до ниски нивоа на влага во почвата, што влијае на операциите на садење. Спротивно на тоа, поволната влажност на почвата и политиките за поддршка на владата, заедно со исплатливите цени, треба да поттикнат проширени насади во Кина и Индија – укажуваат аналитичарите на ФАО.
Тие, сепак, додаваат дека и покрај растот на засадените површини, растат и потребите од основните житни и прехранбени продукти, што и понатаму прави притисок врз цените.
Светската употреба на житни култури се предвидува да порасне за 0,6 отсто, до 2.859 милиони тони во 2024/2025 година, предводена од очекуваното зголемување на потрошувачката на храна на ориз и пченица, се додава во анализата. Е.Р.