Фото: Маја Јаневска-Илиева

За познавачите на состојбите во делот на евроинтеграциите, заклучоците на Советот на ЕУ од последниот самит се очекувани. Но сега Македонија, по горкото искуство со промената на името и изневерените очекувања, не сака да наседне на нова замка што ќе значи целосно македонско обезличување

Осврт кон самитот на ЕУ, на кој се повторија истите заклучоци за Македонија: Обврски и отстапки само за македонската страна

Многу зборови на охрабрување и тапкања по рамо, но без конкретни чекори од страна на Европската Унија во насока на надминување на блокадата наметната од страна на Бугарија кон Македонија и нејзиниот евроинтегративен процес.
Заклучоците усвоени на последниот самит на ЕУ во делот за Македонија го имаат истиот призвук како на сите европски самити во изминатите години, односно повик земјава да направи уште една отстапка доколку сака да го продолжи европскиот пат.

Прво уставни измени, па потоа сѐ друго

Основно и главно очекување во заклучоците за Македонија е земјата да ги спроведе уставните измени во согласност со прифатената обврска од јули 2022 година, за да може на тој начин да започне со отворање на преговарачките поглавја.
– Додека Советот го поздравува тоа што новата влада во С. Македонија изјави дека евроинтеграцијата е стратегиска цел, потсетува на заклучоците од јули 2022 година и забележува дека С. Македонија сѐ уште ги нема завршено уставните измени на кои се обврза самата. Се повторува повикот на Европскиот совет до С. Македонија да се забрза со завршувањето на овие измени, а Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција без дополнителни одложувања или дополнителна политичка одлука – се наведува во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.
Во заклучоците за Македонија се истакнува и загриженоста од европска страна во врска со измените на Кривичниот законик, така што се повикуваат македонските власти да пристапат кон усвојување нов кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Во делот на работата на македонското Собрание, во заклучоците се наведува дека мора да се подобри меѓупартиската соработка.
Она што и натаму останува клучно за ЕУ, покрај уставните измени, тоа е Македонија да ги спроведува Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, како и Преспанската спогодба, ставајќи акцент на важноста на овие договори за градење добри меѓусоседски односи.
– Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување билатерални договори во добра волја, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија во согласност со преговарачката рамка – се наведува во заклучоците за земјава.
Ова се клучните заклучоци што ЕУ ги донесе за Македонија на последниот самит, иако главниот фокус е насочен исклучиво на спроведувањето на уставните измени во најкраток рок.
Потсетувајќи се на своите претходни заклучоци и на Декларацијата од Гранада од 6 октомври 2023 година и во согласност со неговата стратегиска агенда, Европскиот совет ја нагласува континуираната важност на проширувањето како геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.

Мицкоски: Понизниот однос заврши, бараме извесност и предвидливост

За премиерот Христијан Мицкоски она што е важно за Македонија како држава, тоа е дека почнува да се слуша поинакво мислење од она понизно и вовлекувачко на владите во изминативе седум години.
– Она што за нас е многу важно е дека напредувањето ќе биде по заслуги. Потенцирано е и во резолуцијата и во заклучоците. Она што за нас е важно е дека се слуша поинакво мислење од она што се слушало досега, односно понизно, снисходливо итн., вовлекувачко мислење што поранешните влади во изминативе седум години го правеле овде во Брисел, туку реално се соочуваме со проблемите и ги кажуваме оние наши стравувања и грижи кои се. Се бара план. Тоа е она што мене ме прави задоволен – потенцира Мицкоски.
Тој уште додаде дека пред да се донесе каква било одлука за уставни измени, тоа ќе биде врз основа на национален консензус, но дека земјава сака извесност во процесот, а не нови блокади.
Пратеникот Антонио Милошоски во гостувањето на „Топ тема“ се согласи дека Македонија бара решенија што ќе придонесат нејзиниот пат кон ЕУ да биде извесен, а не поплочен со постојани блокади.
– Сметам дека е многу оправдано што Македонија во овој процес на евроинтеграции и неговото продолжување бара начин како патот да биде извесен до целта. Не е наш каприц дали ќе преземеме некој чекор за менаџирање на уставните процеси што Бугарија успеала да ги наметне, туку наша рационалност е како со тој потег ние да обезбедиме некој сигурен пат за членство, во кој образованието, здравството, владеењето на правото, зелената транзиција, реформата на јавната администрација нека бидат теми, нека има блокади и предупредувања, вонредни извештаи, секој нека побара што е мерливо со Копенхашките критериуми, само да не разговараме за учебникот од седмо одделение на мојот син или за некој историски настан пред 150 години – рече Милошоски.

Поука од грешките од минатото

За познавачите на состојбите во делот на евроинтеграциите заклучоците на Советот на ЕУ од последниот самит се очекувани, но дека земјава по горкото искуство со промената на името и изневерените очекувања не сака да наседне на нова замка што ќе значи целосно идентитетско обезличување.
– Сите заклучоци по самитот на ЕУ впрочем ги имаше и во извештајот на ЕК за напредокот на земјава. Уставните измени остануваат главна обврска за земјава, но очигледно македонската дипломатија презема одредени чекори да обезбеди предвидливост на преговарачкиот процес за да може потоа да се пристапи кон уставни измени. Без извесност, како што порача и премиерот Мицкоски, нема да има уставни измени. Како и да е, забележливи се некакви засилени дипломатски активности за надминување на бугарската блокада, така што не е исклучено дека и унгарскиот премиер Орбан за време на посетата на Бугарија и средбите со претседателот Румен Радев и победникот на последните избори Бојко Борисов минатиот петок размениле некој збор и за проблемот со Македонија, но сето тоа нема јавно да биде соопштено. Има добри шанси Бугарија конечно да добие политичка влада, така што нема да се откриваат какви било детали дали официјална Софија ќе стане малку пофлексибилна околу одредени решенија за надминување на блокадата бидејќи тоа може да им наштети на тамошните процеси. Постои дипломатска офанзива и во други европски земји, постојано се објаснува македонската позиција, така што има некакво придвижување – велат експертите.
Според нив, другите заклучоци на ЕУ се реално остварливи и неспорни и Македонија може релативно брзо да ги исполни.
– Има интерес да се донесе нов кривичен законик усогласен со европските искуства и веќе се работи на тоа. Во Собранието се работи на подобрување на меѓупартиската соработка преку многу процеси, вклучувајќи го и процесот Жан Моне, а почитувањето на договорите со Бугарија и со Грција реално не е спорно бидејќи Македонија покажа дека не само што ги спроведува овие договори туку добар дел имплементира и пред роковите. Ако се направи само една независна меѓународна евалуација за тоа што од договорите спровела Македонија, а што спровеле Бугарија и Грција, тогаш ќе се види кој ги прекршува договорите и кому треба да му бидат упатени забелешки – заклучуваат експертите.