Антонија е една од најдобрите македонски гимнастичарки, со многу меѓународни настапи во дресот на поранешна Југославија. Таа е повеќекратна македонска шампионка на повеќе справи и во гимнастички повеќебој

Постарите љубители на спортот во Македонија, кога станува збор за гимнастиката, сигурно ќе се потсетат на оние години кога во заедничката држава ги славевме и се радувавме на успесите на југословенските гимнастичари. Тоа беше едно убаво време, некаде во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, кога тогашните југословенски гимнастичари предводени од светскиот ас Мирослав Церар освојуваа златни медали на олимпијадите и на светските и европските шампионати. Ова е вистински момент по толку децении да се види во вистинско светло величината на популарниот Церар, кој меѓу многубројните трофеи имаше и две олимписки злата во вежба на коњ со рачки освоени на Игрите во Токио, во 1964 година, и во Мексико, во 1968 година, потоа четири злата од светските првенства во Прага, Дортмунд и Љубљана, во периодот од 1962 до 1970 година, и тоа на две справи, коњ со рачки и разбој, и девет златни медали од европските првенства од 1961 до 1965 година на три справи, коњ со рачки, кругови и разбој, а беше најдобар европски гимнастичар кога на ЕП во Белград во 1963 година триумфира и во повеќебојот.
Јас, пак, и моите другари од гимназијата „Цветан Димов“ имавме ретка можност во живо да го гледаме Мирослав Церар на државното првенство во Скопје, кое се одржа во салата на Партизан 1, наречена Соколана, во која ние ги изведувавме часовите по фискултура. Токму овој настап на великанот ни остана во трајно сеќавање на сите, зашто имавме можност и ние, како гимназијалци, да вежбаме на истите справи на кои Церар ги изведуваше и најтешките елементи и којзнае по кој пат ја освојуваше титулата првак на Југославија. Така, со тие подвизи и континуитет во одржувањето на врвната форма, Церар стана не само најголемиот словенечки гимнастичар туку и еден од најдобрите спортисти на сите времиња во поранешна Југославија.
Ова навраќање на минатото ме предизвика да се навратам и на македонската гимнастика, која исто така имаше квалитетни гимнастичари, кои оставија белег во вкупното спортско живеење. Во оваа пригода ќе се потсетиме на една гимнастичарка, која во 70-тите години од минатиот век ни приредуваше пријатни изненадувања. Станува збор за Антонија Николовска, сега Лазаревиќ, која навистина имаше резултати за почит, со кои се нареди и во македонските спортски легенди.

Почетоци со Паула Димитрова во Партизан 3

Главно сврталиште за љубителите на гимнастиката беа салите на ДТВ Партизан, кои главно беа изградени и останаа уште од пред Втората светска војна. Во нив не само што се одвиваа гимнастичките активности туку тие се користеа и за тренинг во другите спортови, а и за реализација на часовите по физички воспитување во училиштата. Со еден збор, тие беа места каде што младите ја наоѓаа својата разонода и се дружеа. Има уште еден интересен момент што говори за тогашното живеење на средношколските генерации. Во истите тие сали, кои беа наменети за спортски активности, во неделите во попладневните часови се одржуваа и игранки, таканаречени матинеа. Едноставно, тие станаа центар за дружба, каде што се запознаваа младите и се разонодуваа, а многу од нив ги почнуваа своите љубовни врски, кои често завршуваа и со брак. Интересно, во секој случај, а за денешниве генерации, кои најчесто за забава ги посетуваат дискоклубовите, ова што го пишувам сега е можеби чудно и незамисливо. Но, сето тоа е вистинито.
Но, сега да се вратам на поентата на овој текст, кој е посветен на најдобрата македонска гимнастичарка во минатиот век, а можеби и воопшто на сите времиња, Антонија.
– Со гимнастика почнав да се занимавам многу доцна, од 1969 година, кога имав 12-13 години. Велам многу доцна, зашто ако се сеќавате во минатото, па и денес, на големите приредби, меѓу кои и олимпијадите, имаше и има гимнастичарки што со 13-14 години освојуваат и медали. Затоа, сметав оти за мене почетокот беше задоцнет и мислев оти никогаш нема да стигнам до гимнастичкиот врв. Меѓутоа, за моја среќа, веројатно и од фактот што бев надарена за овој спорт, уште првите настапи ми беа охрабрувачки. Видов, оти и поради доцниот почеток, сепак, имам време да постигнам нешто повеќе во спортот, со кој почнав да се занимавам благодарение на популарната Словенка Паула, која во свое време беше активна гимнастичарка и репрезентативка. Судбината сакаше таа да се омажи во Скопје, и тоа со еден спортски човек, Раица Димитров, кој многу години беше прв човек во Соколана. Овој брачен спортски тандем имаше една умешност со која ги анимираше младите скопјани и ги привлекуваше да згазнат во салите на ДТВ Партизан. Таков беше случајот и со мене. Уште на првите тренинзи Паула забележа оти кај мене се „крие“ нешто, некако брзо таа го забележа мојот талент и никако не сакаше да ме испушти. Јас, пак, знаејќи од кажувањата, за каков тренер станува збор, не сакав да ја разочарам Паула и бев редовна на тренинзите. Така, дојдоа и првите резултати, кои уште повеќе ме загреаја за гимнастиката, за која веќе сметав оти ќе биде спортот на мојата младост – ја почна својата приказна Антонија Николовска-Лазаревиќ.

Со Раичковиќ до државната титула

Откако ја помина првата фаза на тренинг и обука, под будното око на Паула, Антонија почна да работи со главниот тренер Јован Раичковиќ. Тој беше задолжен за погорните категории, а благодарение на неговото искуство, успеваше за еден краток период да го крене квалитетот на оние што веќе ги имаа совладано основните елементи на справите.
– Раичко, така го нарекувавме не само ние туку сите што доаѓаа во салата на Партизан 3, беше човек полн со разбирање и максимален педагошки пристап кон секој гимнастичар. Тој стана, на некој начин, вистински домаќин на овој спортски објект, кој особено за нас што се занимававме со гимнастика стана наш дом и секогаш беше отворен за тренинг. Тоа беше уште една погодност што ја немаа другите спортисти, кои мораа да се придржуваат на строго определената саатница за тренинг. Тоа, пак, од друга страна, кај нас создаде обврска да бидеме дисциплинирани и сериозно да ги сфаќаме тренинзите, зашто само така можевме да напредуваме – вели Антонија.
Како резултат на сериозниот пристап и редовноста кон тренинзите, нормално дојдоа и првите резултати.
– Бевме пресреќни кога јас и моите другарки Виолета Шулевска, Светлана Стојановска, Јагна Терзиевска и Антонија Јосифовска го освоивме првото место на државното првенство. Успехот беше окарактеризиран како големо изненадување, не само за луѓето од гимнастиката туку и за сите љубители на спортот. Но, ете, благодарение на нашиот квалитет и желбата да се успее, како и на нашата настојчивост, стигнавме до овој врвен резултат. Нема сомнение оти тој подвиг на сите нас ни остана во меморијата како нешто најубаво што ни се случило во периодот на занимавањето со гимнастиката. Овој резултат на некои од нас ни отвори нови перспективи. Потоа, јас и Виолета Шулевска бевме земени во составот на југословенската репрезентација, што ни претставуваше голема чест. Веќе не бевме оние анонимни девојчиња што се занимаваа со гимнастика, туку станавме нешто многу поголемо, доживеавме да ја браниме честа на нашата држава. Тоа во една силна конкуренција во државата со повеќе од 20 милиони луѓе навистина беше многу тешко да се оствари. Но, ете, јас и Виолета успеавме. Со тоа беше исполнет и нашиот младешки сон да го облечеме националниот дрес – се сеќава Антонија.

Седма во Купот на Карпатите

Првиот репрезентативен настап двете млади македонски гимнастичарки го имаа на традиционалниот Куп на Карпати, кој се одржуваше во Романија, во земјата на една од најдобрите светски гимнастичарки, олимписката и светска шампионка Надија Команечи.
– Во конкуренција на гимнастичарки од велесилите Романија, Унгарија, Бугарија и неколку други земји, јас го освоив седмото место. Овој пласман беше оценет како голем успех, а тоа ме правеше посебно горда и задоволна. Уште нешто би споменала од тој прв настап на Купот на Карпатите. Таму имав можност да се запознаам со еден од великаните на светската гимнастика, кој подоцна беше тренер и на легендарната Надија Команечи, прославениот Бела Кароли. Тој ме импресионира со својата отвореност и начинот на комуникација со сите гимнастичари. Имаше време за разговор со сите. Но, тоа не беа празни муабети, зашто тој успеваше речиси кај сите што имаше можност да ги гледа, да го оцени нивниот квалитет и да им укаже на што треба особено да обрнат внимание. Токму тоа говореше за неговата отвореност. Тој не сакаше своето знаење да го чува само за себе и да го имплементира само во тренинзите со Команечи, туку, напротив, сакаше своето богато искуство стекнато во долгогодишната работа да им го пренесе и на другите. Добив впечаток оти тој има желба на сите оние за кои ќе почувствува дека се талентирани да им помогне и со своите совети да ги насочи на вистинскиот пат. Со еден збор господинот Кароли беше човек создаден за тренерската работа – вели Николовска Лазаревиќ.
За натамошната кариера на Антонија Николовска-Лазаревиќ, особено за нејзините меѓународни настапи, ќе читате идната недела.


Антонија Николовска -Лазаревиќ

Родена: во 1956 година во Рума
Кариера: ДТВ Партизан 3 Скопје, репрезентација на поранешна Југославија
Успеси: Две бронзи од Медитеранските игри во Алжир и Балканијадата во Плевен во Бугарија, во 1975 година, осмо место екипно на Светското првенство во Варна, во 1974 година, двапати трета на Купот на градовите, двапати второ место на дуелите со Варшава во 1974 и во 1975 година, повеќекратна македонска шампионка на сите справи и во повеќебој, меѓународна судијка и комесарка за обука на младите судии