Фото: Архива „Нова Македонија“

Која е разликата меѓу позицијата на Советот на ЕУ кон Македонија денес и пред 32 години? Нема речиси никаква разлика! ЕУ се негираше самата себеси во однос на Македонија и ги негираше сите свои декларации за почитување на европската етничка, јазична и културна разновидност во поглед на (не)почитувањето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и култура

Над триесет години ултиматуми, уцени и диктати на Брисел кон Македонија…

„Од суштинско значење е С. Македонија да ја спроведе преземената обврска за уставни измени, како и да ги спроведува меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“. Ова е еден од заклучоците на Советот на ЕУ од 17 декември годинава. „Советот на ЕУ е подготвен да ја признае новата република, но под име што нема да го содржи зборот Македонија“. Ова беше заклучокот содржан во злогласната Лисабонска декларација од 16 декември 1992 година, донесена од Советот на Европската заедница под португалското претседателство под силен притисок на Грција. Која е разликата меѓу позицијата на Советот на ЕУ кон Македонија денес и пред 32 години? Нема речиси никаква разлика!

Апсурдните уцени на ЕУ кон Македонија во 1992 и во 2024 година

На 17 декември 2024, исто како и на 16 декември 1992, врвот на ЕУ им порача на Македонците дека нивната држава нема право да се нарекува така, туку оти мора да биде само и само „С. Македонија“. И тоа, пазете, со добра волја да се согласуваат со Преспанскиот договор, кој идентитетски ги обезличува како народ, без име, без никакви корени во минатото, без никакви видици во иднината.
Во своја статија објавена на 10 мај 2018 година во весникот „Нова Македонија“, д-р Гале Галев беше категоричен дека „Лисабонската декларација од 1992 година претставуваше негирање на Македонија“. „Поставениот услов да се прифати име што не го содржи терминот ’Македонија’ претставува апсурдна уцена“ – имаше констатирано тогаш Галев. Што може да се каже денес за заклучокот на Советот на ЕУ од пред четири дена? ЕУ сега не само што ја негира Македонија, во полза на Грција, но и на Бугарија, туку се негира и самата себе! Советот на ЕУ овој пат не само што им наложува на Македонците дека нивната држава нема право да се нарекува Македонија, во согласност со Преспанскиот договор, туку и оти немаат право ниту себеси да се нарекуваат Македонци, ниту јазикот нивен да го нарекуваат македонски!

Со односот кон Македонија, ЕУ ги негира сите свои резолуции за европската
етничка, јазична и културна разновидност

ЕУ се негираше самата себеси во однос на Македонија, ги негираше сите свои декларации за почитување на европската етничка, јазична и културна разновидност во поглед на (не)почитувањето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и култура. Македонија и навистина се претвора во „гробишта на идеалите на ЕУ“!
На 20.7.2021 година босанскиот новинар и политички аналитичар Александар Брезар уште во насловот на својата аналитичка статија објавена на интернет-порталот на сеевропската ТВ-мрежа „Еуроњуз“ го постави прашањето: „Дали може С. Македонија да стане гробишта на идеалите на ЕУ?“ „Бугарија ја држи како заложник иднината на С. Македонија во Унијата, без оглед што чувствува целата соседна држава за ова. Овој меѓусебен судир откри фатална грешка во процесот на зачленувањето во ЕУ. Секој чекор на патот на пристапувањето бара целосно согласување на сите 27 држави членки. Бугарија го користи најважното овластување што им е дадено на државите членки – правото на ставање вето на пристапувањето на кандидатот. Но Република Македонија се согласи да отиде толку далеку и во 2018 година го смени своето име во С. Македонија, потпишувајќи го Преспанскиот договор, за да го надмине ветото на Атина на нејзиниот пат кон ЕУ“, напиша Брезар во таа своја статија.

Нови евроконцепти со новата реформирана ЕУ

По 19 години минати во чекалницата на ЕУ, ако и би започнале преговори, претпоставено, тогаш би следувале уште барем 10–15 години во преговарања, најверојатно исполнети со поднесувања вета, блокади, „добрососедски уцени“, барања за нови идентитетски и слични национални отстапки… И каде се тука европските перспективи за македонскиот народ и за сите граѓани на Македонија?!
Барајќи да се спроведуваат беспоговорно Преспанскиот договор и „Бугарскиот договор“, ЕУ во оваа 2024 година им ги исполнува желбите и стремежите на Грција и Бугарија уште од 1913 година за „конечно решавање“ на „македонското прашање“ – да не постои Македонија како држава на македонскиот народ, но и да ги снема и Македонците како народ со свој засебен идентитет, историја, традиции, јазик и култура. Токму ова, за жал, се „истурка“ во Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Двата „добрососедски договора“ се две страни на една иста „паричка“ со „европски сјај“.
Менувањето на името на државата Македонија, во кое е вградено и името – идентификацискиот код на македонскиот народ, немаше никаква поврзаност со зачленувањето во ЕУ. Затоа, потребни се нови евроконцепти и визии. Се поставува прашањето: дали е можно да се почека првин да се изгради архитектурата на новата „Европа на нациите“ со возобновени и реафирмирани европски идеали – процес што е веројатно веќе започнат, која нема биде „зандана на народите“, туку вистински европски дом на нациите со нивни признаени и задржани идентитети и јазици? Па дури потоа да се тргне во насоката на барање достоинствено членство во ваквото европско семејство?

Се чувствува ли поповолна меѓународна клима за намалување на притисокот за уставни измени

Анализата на веќе започнатите геополитички потреси и турбуленции низ светот и на европскиот континент покажува дека во 2025 година ќе се создадат реална и поповолна меѓународна клима за намалување на меѓународниот и европскиот притисок за менување на Уставот. Во меѓувреме, потребно е да се обрне посебно внимание на формулата „ерга омнес“ – едно име за севкупна употреба, на што Грција инсистира од „петни жили“. И за ова постојат препознатливи индикации дека се веќе создадени првите потребни промени во меѓународната политичка клима. За да ја прифати во целост новата улога како столб на јужното крило на НАТО, Грција испрати фактура, која мораше да ја платат македонскиот народ и Република Македонија со своето именско и идентитетско обезличување. Но новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, веќе најавува некои поинакви позиционирања. САД тешко дека ќе ги толерираат непринципиелностите на Брисел, но и на некои членки на Унијата. Вашингтон премногу инвестираше во Западен Балкан за да им препушти на некои нефункционални држави членки на ЕУ да си играат регионално „лидерство“ поставувајќи невозможни услови (уцени) до кандидатите за членки во ЕУ. Кршењето на основните принципи во меѓународните односи САД на чело со Трамп, нема да ги толерира, а посебно место ќе заземаат државите што имаат „стратегиско партнерство“ со САД. Ова треба да го имаат предвид и во Софија и во Париз и во Брисел.

Свето Тоевски