Во денешниов текст ќе се осврнам, според моето мислење, на трите основни карактеристики – есенцијални за опстојувањето на Кина низ милениумите, притоа, надевајќи се дека овој текст ќе поттикне желба и љубопитност, барем делумно, да се разбере повеќеслојната култура на денешна Кина
Кои карактеристиките овозможија Кина да опстои, низ повеќе илјади години, како цивилизација? Како денес треба да се разбере Кина и како Кина, до неодамна, се разбираше себеси? До дваесеттиот век, концептот национална држава – ентитет со јасно дефинирана територија, државјанство и влада признаена од другите како легитимна, ѝ беше туѓ на Кина. Денес, меѓутоа, Кина цврсто го прифаќа концептот национална држава како основа на меѓудржавните односи, промовирајќи ги „Петте принципи на мирен соживот“, првпат предложени од Џоу Енлај во 1953 година: меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет; меѓусебна неагресија; меѓусебно немешање во внатрешните работи на другите; еднаквост и заемна корист; и мирна коегзистенција. Во денешниов текст ќе се осврнам, според моето мислење, на трите основни карактеристики – есенцијални за опстојувањето на Кина низ милениумите, притоа, надевајќи се дека овој текст ќе поттикне желба и љубопитност, барем делумно, да се разбере повеќеслојната култура на денешна Кина.
На прашањето: „Дали е можно западњак да ја разбере кинеската политичка психологија?“, американскиот филозоф, психолог и реформатор на образованието Џон Дјуи во есејот „Кинеското национално чувство“ (1919 г.) ќе одговори дека тоа е невозможно без претходно познавање на Кина, нејзините историски обичаи и институции, подвлекувајќи дека: „Западот на сите политички прашања им приоѓа со идеи составени по шаблонот на националната држава, со нејзиниот суверенитет и нејзините институции: политички, судски, извршни и административни, за извршување специфични функции… Европскиот политички развој го зедовме како неопходен стандард за нормална политичка еволуција. Ние се натеравме да веруваме дека целиот развој од дивјаштво до цивилизација мора да следи сличен тек и да помине низ слични фази“. Развојот на Кина, меѓутоа, следи друг пат: трите, според моето мислење, круцијални карактеристики коишто се есенцијални за милениумското опстојување на Кина се: кинеското писмо, институцијата фамилија и кинескиот систем на владеењето.
Првата карактеристика е кинеското писмо. Во Кина официјално постојат десет различни варијанти на кинескиот јазик – тие се нарекуваат дијалекти – кои ги зборуваат милиони луѓе, иако разликата помеѓу некои кинески варијанти и стандардниот мандарински јазик е поголема од разликата помеѓу повеќето европски јазици. За да се разбере клучниот обединувачки елемент на кинеското писмо во формирањето на кинеската цивилизација ќе укажам на споредбата со латинскиот јазик. Во Европа, латинскиот јазик до 18 век бил заеднички јазик. По распадот на Римската Империја, верската и интелектуалната елита во различни делови на Европа продолжи да комуницира меѓу себе на латински јазик, којшто остана меѓународен јазик – лингва франка, на образованата класа сè до 18 век. Меѓутоа, додека елитата користеше латински јазик за да комуницира, обичните луѓе продолжија да зборуваат едни со други користејќи секојдневен јазик. Полека, секојдневниот јазик што се зборуваше во различни делови на Европа се оддалечи од неговата оригинална пишана форма, станувајќи збирка на регионални дијалекти. Но латинското писмо е фонетско, луѓето можеа да ја користат латинската азбука за да ги запишат своите нови регионални дијалекти. Овие дијалекти еволуираа во различни насоки и на крајот се трансформираа во денешната група романски јазици. На некој начин, ситуацијата во Кина беше слична. Класичниот кинески јазик беше лингва франка на кинеската елита. Иако, во различни делови од Кина, тој не се зборуваше во секојдневниот живот, службениците од различни делови на империјата комуницира користејќи го кинеското писмо. За разлика од латинското писмо, кинеското писмо е составено од знаци, додека, пак, лабавата врска помеѓу фонетиката и знаците овозможи користење на писмото кај разни јазични семејства. Класичниот кинески јазик остана сосема различен од говорните јазици што се користат во повеќето делови на Кина, меѓутоа, говорниците сè уште можеа да ги користат нивните локални говорни дијалекти за да го изговараат текстот напишан на класичен кинески јазик на свој начин, така што за разлика од европските романски јазици, различните варијанти на кинескиот јазик никогаш не развија свои пишани форми.
Втората карактеристика е институцијата фамилија. Од праисториското минато, кинеската култура, којашто постојано се развива, е единствена меѓу светските цивилизации, како во смисла на непрекинат континуитет така и по богатите и разновидни институционални, материјални и концептуални артефакти што ги создале нејзините народи. При разгледување на минатото, одредени теми се појавуваат постојано, отсликувајќи различни факти на кинескиот живот. Една од овие теми е фамилијата – тема што темелно ги проникна социјалните, политичките, економските, метафизичките, моралните и религиозните димензии на кинеската историја барем уште од раниот неолит. Почитта кон семејството била (и сѐ уште е) една од најосновните вредности на кинеската цивилизација. Идејата дека коренот на владеењето лежи во институцијата семејство е експлицитна во „Книгата на документи“. Некој го прашал Конфуциј: Зошто не си вработен во владата? Мајсторот одговорил: „’Книгата на документи’ вели: Сè се потпира на семејната почит.
Да се биде син кон своите родители и да се разбере братство со своите браќа е всушност извршување на работата на владеење. Правејќи го ова јас учествувам во владеењето. Зошто морам да бидам вработен во владата?“ Институцијата семејство зазема централно место во кинеската култура, па така, на пример, зборот држава (куо џја; анг. guó jiā) содржи два кинески знака, при што првиот (куо) означува „земја“, „организирана територија“, а вториот карактер значи семејство, зборот „секој“ или „сите“ (та џја; анг. dà jiā) содржи два знака, првиот знак (та)значи „голем“, вториот (џја) – „семејство“, оттука сите се дел од едно големо семејство, додека, пак, терминот „Конфуцијанска школа за мисла“ (жу џја; анг. Rú Jiā) содржи два знака, и повторно вториот знак значи „семејство“.
Третата карактеристика е кинескиот систем на владеењето. За да го објаснам овој систем, ќе цитирам неколку согледувања на Џон Дјуи предложени во веќе споменатиот есеј објавен во 1919 година: „Кина не беше ни конфедерација, а уште помалку национална држава или империјална држава. … Повторно немаме претходни примери за толкување и разбирање. … Кина разработи шема на извонредна статичка рамнотежа – најстабилна позната во историјата. Политичкиот живот на Кина продолжуваше во суштина непречено, иако бунтовниците ги отстрануваа насилно од власт династиите… Кризите имаа свои природни причини и беа соодветни и нормални, колку и да беа непријатни или деструктивни. Текстурата на животот остануваше непроменета… Рамнотежата беше човечка, и внатрешна, и морална, а не одржувана од надворешен притисок или воена сила… Кина многу пред времето на сер Исак Њутн го демонстрираше, на полето на политиката, законот за акција и реакција: силите на акцијата и реакцијата се еднакви, но во спротивна насока. Тоа беше пример за функционирањето на принципот во секој аспект на човечкото здружување, што подразбира висока цивилизациска состојба, којашто, речиси автоматски создава цивилизирани личности. Суштината на цивилизацијата е способноста да се живее свесно заедно со другите, свесни за нивните очекувања, барања и права, за притисокот што тие можат да го извршат врз некого, а истовремено свесни за тоа колку далеку може да се оди како одговор, при вршење притисок врз другите. Кинезите, сè додека не беа вознемирени од другите народи, ги сфатија сите сложени елементи на социјалната равенка со неспоредлива точност… Овој факт, и само овој факт, е причина за издржливоста на Кина во речиси четири илјади години запишаната историја“.
Како понатаму? Западот, се чини, се обидува, за жал, да воспостави таков мир којшто во истиот момент ќе поттикне крај на мирот – и така во недоглед, при што само некои држави се стекнуваат со придобивки. Другата алтернатива е концептот „поднебесје“ (тјеншја), за којшто пишував минатата сабота. Во едно неодамнешно интервју (објавено во февруари 2024 година), професорот Чжао ќе рече: „Тјеншја е концепт за целиот свет… не сум сигурен дека Кина може да се смета на парадигма тјеншја“. Всушност, терминот „поднебесје“ подразбира сѐ по небото! А Македонија? Кога барем еден дел од македонските политичари би се однесувал домаќински, имајќи на ум дека Македонија е дом на сите – поширока фамилија, Македонија одамна ќе беше развиена, а не разнебитена држава.