Натпреварувањето меѓу најбогатите луѓе во светот влегува во нова ера
Илон Маск и Џеф Безос станаа двајцата најбогати луѓе во светот благодарение на нивните иновативни технолошки компании. Но Маск, преку „Спејс екс“, долго време има голема предност во натпреварувањето што им е најблиску до срцето: колонизирањето на вселената.
Сега, нивната вселенска трка влегува во нова ера бидејќи Безос се приближува до две пресвртници, кои, доколку бидат успешни, би можеле да ја прекинат доминацијата на Маск.
Ракетната компанија на Безос, „Блу ориџин“, планира наскоро да ја лансира „Њу глен“, масивната ракета што директно ќе се натпреварува со ракетите за повеќекратна употреба „Фалкон девет“ на „Спејс екс“. Потоа компанијата „Амазон“, основана од Безос, кој служи како извршен претседател на нејзиниот одбор, се подготвува да го распореди „Проектот кајпер“ – мрежа на сателити на компанијата што ќе ја предизвика мрежата „Старлинк“ на „Спејс екс“ во обезбедувањето пристап до интернет од вселената, во ниската орбита на Земјата.
Заедно, „Њу Глен“ и „Проектот кајпер“ се можеби најамбициозниот обид во изминатите години за олабавување на цврстиот стисок на „Спејс екс“ врз комерцијалниот вселенски пазар.
Новата ракета и сателити, исто така, претставуваат ново поглавје во долгогодишното ривалство меѓу милијардерите што стојат зад компаниите „Амазон“ и „Тесла“. „Амазон“ стана еден од најпрепознатливите малопродажни брендови во светот, а „Тесла“ доминираше на пазарот за електрични автомобили. Но Маск беше многу поуспешен во вселената.
„Спејс екс“ го преобликува начинот на кој ракетите се конструираат и лансираат откако Маск ја основа компанијата пред околу две децении. „Спејс екс“ комплетира повеќе од 130 лансирања годинава и тестира уште поголема ракета, наречена „Старшип“.
Мрежата „Старлинк“ на „Спејс екс“ има повеќе од 6.000 сателити позиционирани над Земјината топка. Таа опслужува повеќе од четири милиони клиенти и стана критичен снабдувач на интернет на места надвор од мрежата, од боиштата во Украина до камперите во рурална Вирџинија.
Безос, исто така, ја основа својата вселенска компанија пред околу две децении, но таа сè уште не извршила ниту едно лансирање во орбитата. Иако превезуваше мали групи познати личности и богати патници на кратки патувања до работ на вселената, „Блу ориџин“ досега имаше ограничен комерцијален ефект. А дури и некои од поддржувачите на Маск се надеваат дека Безос ќе напредува, велејќи дека на „Спејс екс“ му треба одредена конкуренција.