Централноамериканската земја е во преговори со ММФ за заем од 1,3 милијарда долари, при што финансиската организација ја условува помошта со промени во законот за биткоин, според „Фајненшл тајмс“
Ел Салвадор, земја со нешто повеќе од шест милиони жители, беше средиште на неколку смели монетарни експерименти. Во 2001 година, американскиот долар стана единствена официјална валута на земјата. Дваесет години подоцна, на 7 септември 2021 година, таа влезе во историјата со тоа што стана прва нација што додели статус на легално платежно средство за криптовалутата биткоин преку Законот за биткоин. Оваа регулатива им дозволува и на граѓаните и на бизнисите да ја користат криптовалутата за плаќања и даночни цели, наложувајќи нејзино прифаќање на национално ниво. Земјата, исто така, почна да акумулира биткоин во државните резерви. Тоа беше револуционерен потег, кој се случи во време кога биткоинот закрепнуваше од колапсот на криптовалутата тералуна и се приближуваше до нови врвови од 69.000 долари на почетокот на ноември. Сепак, три години подоцна, оваа револуција пропадна, а амбициозната криптовизија на претседателот на земјата, Најиб Букеле, наскоро би можела да се промени.
Според „Фајненшл тајмс“, Ел Салвадор преговара со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за да добие заем од 1,3 милијарда долари, со услов да се направат промени во Законот за биткоин. Поточно, ММФ ја повикува владата да го отстрани законскиот мандат што ги принудува бизнисите да го прифатат биткоинот како начин на плаќање. Наместо тоа, неговата употреба би станала доброволна, ефективно намалувајќи ја улогата на криптовалутата како законско средство за плаќање во земјата.
Британскиот весник наведува дека тековните преговори би можеле да „отклучат“ дополнителни заеми – една милијарда долари од Светската банка и уште една милијарда долари од Интерамериканската банка за развој, во наредните години. Овие заеми имаат цел да го намалат јавниот долг на Ел Салвадор, да ги зајакнат неговите банкарски резерви и да ги подобрат изгледите за развој. Владата, исто така, вети дека ќе го намали буџетскиот дефицит за 3,5 процентни поени од БДП во текот на три години, преку намалување на трошоците и зголемување на даноците. Дополнително, планира да ги зголеми резервите од 11 милијарди долари на 15 милијарди долари.
ММФ постојано ја критикуваше монетарната политика на Ел Салвадор. Во 2022 година, институцијата предупреди за значителните ризици од користењето на биткоинот како законско средство за плаќање, советувајќи да не се прифаќа таквата определба. Идентификуваните ризици вклучуваат закани за финансиската стабилност, бидејќи банките и другите институции би можеле да бидат изложени на нестабилноста на цената на биткоинот; ризици за финансискиот интегритет затоа што криптосредствата може да ги олеснат финансирањето тероризам, даночното затајување и перењето пари, како и ризиците од кражби и сајбер-напади.
Во тоа време, ситуацијата изгледаше застрашувачка, а ММФ имаше причина за загриженост. Кога војната во Украина предизвика пад на глобалниот пазар, цената на биткоинот падна за повеќе од 50 отсто од највисоките нивоа на сите времиња. Ова, за возврат, предизвика пад на државните обврзници на Ел Салвадор, предизвикувајќи сомнеж за способноста на земјата да ја исполни следната исплата на долгот. Дури и тогаш, ММФ, кој можеше да го поддржи Ел Салвадор со резервно финансирање за да му помогне да ги исполни своите обврски, ја повика владата да го отфрли биткоинот како законско средство за плаќање, бидејќи неговата нестабилност ги загрозува јавните финансии. Одбивањето на Букеле, сепак, ги комплицираше преговорите.
Тој критичен момент изгледа како далечно сеќавање за властите на Ел Салвадор. Само минатата недела, кога биткоинот за првпат достигна 100.000 долари, салвадорските суверени обврзници забележаа подем.
– Ова е првпат во историјата биткоинот да ги поттикне суверените обврзници на традиционалните пазари – прослави Букеле на социјалната мрежа Икс.
Џудит Арнал, виша истражувачка во Кралскиот институт Елкано и Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), објаснува дека внимателниот став на ММФ кон биткоинот е разбирлив, имајќи предвид дека криптовалутата е дизајнирана како предизвик за традиционалниот финансиски систем чиј централен играч е ММФ. Сепак, таа смета дека е изненадувачки што ММФ само инсистира на елиминирање на биткоинот како законско средство за плаќање и не се занимава со влијанието врз државната каса на Ел Салвадор.
Според податоците на надлежните државни служби, Ел Салвадор досега има купено 5.961,77 биткоини, чија вредност се проценува на повеќе од 598 милиони долари по тековни пазарни цени. Додека Ел Салвадор се смета за рај за заедницата на дигитални средства, аналитичарите тврдат дека менувањето на неговиот „проект за криптодржава“ ќе има мало влијание врз биткоинот или на поширокиот пазар. Во реалноста, биткоинизацијата на земјата останува далечен сон. Кога беше усвоен Законот за биткоин за да се поттикне употребата на криптовалутата за секојдневни трансакции, владата воведе стимулации за населението да го користи дигиталниот паричник Чиво, што им овозможува на корисниците да тргуваат и со биткоин и со долари. Граѓаните што ја презеле апликацијата добивале 30 долари во биткоин, што е еквивалентно на 3,75 пати повеќе од дневната минимална плата во земјата, според извештај од 2022 година од Националното биро за економски истражувања (НБЕР).
Истата организација спроведе истражување на национално ниво на 1.800 домаќинства за да го процени успехот на криптополитиката на Ел Салвадор. Резултатите покажаа дека повеќето преземања на Чиво се случија при активирањето на апликацијата: „40 отсто се случија во септември 2021 година, а практично не беа регистрирани преземања во 2022 година“, се забележува во документот. Примарниот мотиватор за преземање на апликацијата беше бонусот од 30 долари што го вети владата. По трошењето на бонусот, само 20 отсто од испитаниците продолжиле да го користат паричникот, и тоа главно за трансакции во долари. Помалку од 10 отсто продолжиле да го користат за трансакции со биткоин.
Само 20 отсто од компаниите го прифаќаат биткоинот како начин на плаќање, според студијата, а оние што го прифаќаат се претежно големи претпријатија. Повеќето од овие бизниси веднаш ги претвораат приходите од биткоин во долари. Нестабилноста на средството, заедно со загриженоста за приватноста, го одврати поширокото прифаќање на платформата и го ограничи нејзиното економско влијание.
Како резултат на тоа, експертите се согласуваат дека иако потенцијалниот договор со ММФ би бил негативен за биткоинот, неговиот ефект врз криптопазарите би бил ограничен. Сантијаго Карбо, професор по економија на Универзитетот во Валенсија во Шпанија, верува дека овој развој може да постави преседан, што ќе ги наведе другите земји кои беа охрабрени од подемот на биткоинот да ги преиспитаат своите планови за усвојување на криптовалутата – особено ако треба да се свртат кон институции како ММФ за финансиска помош.