Фото: Пиксабеј

„Оземпик“ или „чудесниот лек за слабеење“, првично користен за лекување дијабетес тип 2, стана глобален хит. Неговата способност да го потисне апетитот и да ја намали телесната тежина доведе до вистинска револуција при губењето на тежината. Сепак, и покрај многуте пофалби на корисниците, постојат несакани ефекти што сериозно можат да влијаат на личниот живот на корисниците.
„Оземпикот“ содржи семаглутид, активна состојка што влијае така што го имитира хормонот ГЛП-1, природно присутен во телото. Овој хормон помага да се регулира шеќерот во крвта и да се контролира апетитот. За многу корисници резултатот е драматично намалување на телесната тежина, поради што овој лек доби статус на „магична пилула за слабеење“.
Сепак, додека губењето на тежината може да донесе посакувана физичка трансформација и да ги намали масните наслаги на трупот, одредени промени во изгледот на лицето се забележани кај луѓето што користат „оземпик“ за губење на тежината, како намалување на масното ткиво на лицето, што може да резултира со појава на опуштена кожа, поизразени брчки и општ впечаток на уморно лице, што се јавува поради нагло слабеење. Ова е особено забележливо кај постарите луѓе, бидејќи кожата ја губи својата еластичност и тешко се приспособува на новиот облик на лицето по значително губење на тежината. Естетичарите и дерматолозите укажуваат дека тоа е резултат на брзото намалување на масното ткиво, кое игра клучна улога во одржувањето на младешкиот изглед. Секое нагло слабеење може да има слични ефекти врз изгледот на лицето. Затоа, експертите советуваат постепено слабеење, со цел да се минимизираат ваквите последици и да се зачува природната структура на кожата.
Покрај физичките промени, некои корисници пријавуваат емоционални и социјални последици од примањето поткожни инјекции „оземпик“, што не ги очекувале. Еден од најконтроверзните ефекти е потенцијалното влијание врз меѓучовечките односи. Некои корисници велат дека, покрај губењето на тежината, доживеале и значителни промени во нивната емотивна поврзаност со нивните партнери. Се смета дека „оземпик“ може да го намали нивото на допамин, невротрансмитер познат како „хормон на среќата“, кој предизвикува некои луѓе да губат интерес не само за храната туку и за интимност и за емотивни врски. Експертите забележале дека оваа промена може да влијае на динамиката на врската. Луѓето што користат „оземпик“ може да почувствуваат емоционална дистанца од нивниот партнер, што доведува до проблеми во комуникацијата. Додека слабеењето често ја зголемува самодовербата, кај некои корисници тоа може да предизвика незадоволство од изгледот на партнерот или чувство на дисхармонија во врската. Хормоналните промени предизвикани од лекот може негативно да влијаат на менталното здравје, предизвикувајќи зголемена анксиозност или депресија, што исто така може да влијае на врската.